Во тек е дистрибуцијата на новите материјали за учење кои ги подготви Министерството за образование и наука (МОН) во соработка со Бирото за развој на образованието (БРО), а кои се наменети за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение за предметите за кои се изготвени нови наставни програми и истата ќе се заокружи пред почетокот на учебната година која стартува на 1 септември, информираа од МОН.
Од таму велат дека учениците нема да добијат скрипти, туку материјали кои се квалитетни, креативни и го разработуваат наставниот материјал за првото тримесечје.
„Во меѓувреме, во тек се постапките за одобрување на нови учебници за овие одделенија и наставни предмети. Сите се во различна завршна фаза и етапно ќе бидат заокружувани“, додаваат од МОН.
Од ова Министерство информираа и дека паралелно се врши достава и на учебниците по сите останати одделенија и дека процесот ќе заврши до крајот на утрешниот ден. МОН апелираше до раководствата на основните училишта да ги подигнуваат материјалите за учење и учебниците од просториите на општините и да организираат нивна распределба и доделување на учениците на првиот училишен ден.
Инаку, Мета.мк веќе пишуваше дека новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение ќе доцнат во првите месеци од учебната година. За наставниците кои ќе ги предаваат новите содржини се предвидени обуки кои ги спроведува Бирото за развој на образованието. За еден дел од наставниците обуките веќе се завршени, додека за дел се во тек.