Монструмите најлесно се ликвидираат кога се во ембрионална фаза, кога се мали. Можеш да ги згазиш како бубашваба. Ако ги оставиш да пораснат тие ќе газат се пред себе. Стануваат моќни злосторници добро затскриени во јавниот амбиент кој самите го создаваат како во овој редок случај, ако не и единствен, кој оневозможува јасно да се видат работите и сѐ она што ги чини злосторствата можни. Сето тоа предизвикува шокантни последици како во овие траорни денови кога избезумени илјадници пати се прашуваме зошто бре убивате дете, зошто убивате луѓе.
Дали е тоа само за пари, или како што вели правото на свој јазик, за нас со несоодветен збор, за користољубие, или пак се работи за нешто многу пострашно. Болните умови ја вршат својата злосторничка работа во болниот амбинет кој станува нормален. Произведуваат дење-ноќе, во три смени вести во своите фабрики за лаги откривајќи предавници на националните и државни интереси. Разоткриваат големи грабежи и криминали. Проповедаат патриотизам божем подготвени да одат во војна за одбрана на татковината. Штанцаат заговори против Македонија, а во паузите ете и убиваат невини луѓе.
Морбидна злоупотреба на трагедијата
Безброј пати во изминатите децении на раст на монструмите што ги убија Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, направиле кривични дела кои
,со ефтини неприметни оправдувања и корумпирани и моќни заштитници ја легализираат неправдата и остануваат негибнати наместо да завршат во затвор, или во лудници изолирани од нормалниот свет. Тоа не е единствена превентива, но секако барем донекаде ефикасна да не ни се случува ова на што овие денови се вчудоневидуваме и бараме смртна казна.
Тоа е тоа време кога боли, многу боли, кога звучи оправдано да се бара заб за заб, око за око, смрт за смрт. Можеме да релативизираме дека такви и уште пострашни злосторства се случуваат во светот, ама тоа во вакви мигови се доживува повеќе ако не како оправдување, тогаш, како потврда на нормалноста за неправдата. Во битките за власт станува сосема неважно што полицијата ја заврши својата работа. Штом не ги спасила жртвите од монструмите политиката ќе ги обвини како тие да ги извршиле злосторствата, а не злосторниците што ги откриле, а што ние ги произведуваме.
Ќе ја заврши и судот својата работа и тоа ќе биде помалку заначајно оти тоа не е лекот. Невините жртви и трагедијата ќе бидат морбидно злоупотребени во политичките пресметки за освојување на власта и ќе се откопуваат од избори на избори како што се случува и за некои други злосторства, иако различни од овие убиства.
Извор: DW