вакцина

Морбилите се многу сериозна болест, а вакцините спасуваат животи

Наспроти тврдењето во постот дека морбилите (малите сипаници) не се болест, станува збор за многу заразна болест предизвикана од вирус. Според ИЈЗ оваа болест останува една од водечките причини за смрт кај малите деца на глобално ниво, и покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина. Во врска со тврдењето дека оваа вакцина била  воведена кога смртноста од оваа инфекција била намалена за 98 отсто, и тоа не е точно. Пред воведувањето на оваа вакцина во 1963 година и пред вакцинацијата широко да се распространи во светот, големи епидемии на мали сипаници се појавуваа просечно на 2-3 години предизвикувајќи по проценка 2,6 милиони смртни случаи секоја година, пишува „Вистиномер“.

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели  дека вакцината за морбили била воведена кога смртноста од оваа инфекција била намалена за 98 проценти:

ДА НЕ ЗАБОРАВИМЕ, ВАКЦИНАТА ЗА МОРБИЛИ Е ВОВЕДЕНА КОГА СМРТНОСТА ОД ОВАА ИНФЕКЦИЈА БИЛА НАМАЛЕНА ЗА 98%. НЕ ЈАС, СТАТИСТИКАТА ГО КАЖУВА ТОА! А ДО ПРЕД ВОВЕДУВАЊЕ НА ВАКЦИНАТА, СПОРЕД БРИТИШ МЕДИКАЛ ЏУРНАЛ, МОРБИЛИТЕ БЕА “ДЕТСКА ИНФЕКЦИЈА СО ТИЕ И ТИЕ СИМПТОМИ…”….ПАЗЕТЕ, НЕ БОЛЕСТ, ТУКУ ИНФЕКЦИЈА! И СЕ ПРЕПОРАЧУВА ДА СЕ ПРЕЛЕЖИ ВО ДЕТСТВОТО! ВО МИНАТАТА ,,ЕПИДЕМИЈА” НАЈГОЛЕМ БРОЈ ЗАБОЛЕНИ БЕА ВО СТАРОСНА ГРУПА ОД 20-40 ГОДИНИ, А НЕ ДЕЦА! НЕКА ВИ КАЖАТ МОЗОЦИТЕ ЗОШТО. СЕТЕТЕ СЕ КОГА ВИ ЈА ВОВЕДУВААТ КОВИД ВАКЦИНАТА ВО ЗАКОН, СЕГА, КОГА НИКОЈ ВЕЌЕ НЕ ЗБОРУВА ЗА КОВИД.

И на крајот од постот се споделува вест дека постои реална шанса за епидемија на сипаници во Србија, според изјава на претседател на српското здружение на педијатри. Тој во изјавата вели дека причината за опасноста од епидемија е тоа што не се вакцинирани децата против сипаници, а генерално несакани ефекти по вакцинацијата не постојат.

Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), вакцинацијата против мали сипаници резултираше со пад на смртноста од ова заболување за 80 проценти меѓу 2000 и 2017 година низ целиот свет:

ВО 2017 ГОДИНА, ОКОЛУ 85 ПРОЦЕНТИ ОД ДЕЦАТА ВО СВЕТОТ ДОБИЛЕ ЕДНА ДОЗА НА ВАКЦИНА ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ НА НИВНИОТ ПРВ РОДЕНДЕН ПРЕКУ РУТИНСКИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ, ВО СПОРЕДБА СО 72 ПРОЦЕНТИ ВО 2000 ГОДИНА. ВО ТЕКОТ НА ПЕРИОДОТ ОД 2000 ДО 2017 ГОДИНА, ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ СПРЕЧИ ОКОЛУ 21,1 МИЛИОНИ СМРТНИ СЛУЧАИ, ШТО ЈА ПРАВИ ВАКЦИНАТА ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ ЕДНА ОД НАЈДОБРИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ.

Институтот за јавно здравје пишува дека морбилите, односно малите сипаници се многу заразна и сериозна болест, предизвикана од вирус.
Пред воведувањето на оваа вакцина во 1963 година и пред вакцинацијата широко да се распространи во светот, големи епидемии на мали сипаници се појавуваа просечно на 2-3 години предизвикувајќи по проценка 2,6 милиони смртни случаи секоја година. Оваа болест останува една од водечките причини за смрт кај малите деца на глобално ниво, и покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина. Околу 110.000 лица умреле од мали сипаници во 2017 година – главно деца на возраст под 5 години. Малите сипаници се предизвикани од вирус кој припаѓа на фамилијата Paramyxoviridae и вообичаено се пренесуваат преку воздушно-капков пат и директен контакт. Вирусот го инфицира респираторниот тракт, а потоа се шири низ организмот. Малите сипаници се заболување на човекот и не е познато дека се јавуваат кај животни, се вели на страницата на ИЈЗ.

Засилените активности за имунизација имале големо влијание врз намалувањето на смртноста од ова заболување:

ВО ТЕКОТ НА ПЕРИОДОТ ОД 2000-2017 ГОДИНА, ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ СПРЕЧИ ОКОЛУ 21,1 МИЛИОНИ СМРТНИ СЛУЧАИ…

НА ГЛОБАЛНО НИВО, БРОЈОТ НА СМРТНИ СЛУЧАИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ СЕ НАМАЛИ ЗА 80 ПРОЦЕНТИ ОД ПРОЦЕНЕТИТЕ 545.000 ВО 2000 ГОДИНА НА 110.000 ВО 2017 ГОДИНА. ПОВЕЌЕТО СМРТНИ СЛУЧАИ ПОВРЗАНИ СО МАЛИ СИПАНИЦИ СЕ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД КОМПЛИКАЦИИ ПОВРЗАНИ СО ОВАА БОЛЕСТ. КОМПЛИКАЦИИТЕ СЕ ПОЧЕСТИ КАЈ ДЕЦА НА ВОЗРАСТ ПОД 5 ГОДИНИ ИЛИ КАЈ ВОЗРАСНИ НАД 20 ГОДИНИ. НАЈСЕРИОЗНИТЕ КОМПЛИКАЦИИ ВКЛУЧУВААТ СЛЕПИЛО, ЕНЦЕФАЛИТИС (ИНФЕКЦИЈА КОЈА ПРЕДИЗВИКУВА ОТОК НА МОЗОКОТ), ТЕШКА ДИЈАРЕА (ПРОЛИВИ) СЛЕДЕНА СО ДЕХИДРАТАЦИЈА, ИНФЕКЦИИ НА УВОТО ИЛИ ТЕШКИ РЕСПИРАТОРНИ ИНФЕКЦИИ КАКО НА ПР. ПНЕВМОНИЈА. ТЕШКИТЕ ФОРМИ НА МАЛИ СИПАНИЦИ СЕ ПОВЕРОЈАТНИ КАЈ СЛАБО УХРАНЕТИ МАЛИ ДЕЦА, ОСОБЕНО ОНИЕ СО НЕДОСТАТОК НА ВИТАМИН А ИЛИ ЧИЈ ИМУНОЛОШКИ СИСТЕМ Е ОСЛАБЕН ОД ХИВ/СИДА НА ПР. ИЛИ ДРУГИ БОЛЕСТИ.

Според ИЈЗ, невакцинираните мали деца се во најголем ризик од заболување од мали сипаници и нејзини компликации, вклучувајќи и смрт. Невакцинираните бремени жени се исто така изложени на ризик. Секое лице без имунитет кон ова заболување (невакцинирано или вакцинирано лице кое не развило имунитет) може да се зарази. Мали сипаници сéуште се вообичаени во многу од земјите во развој, особено во делови од Африка и Азија. Високиот процент (повеќе од 95 отсто) на смртност кај малите сипаници се јавува во земји со ниски приходи по глава на жител и слаба здравствена инфраструктура. Епидемии на сипаници може да бидат особено смртоносни во земјите што се соочуваат или се опоравуваат од природна катастрофа или конфликт. Оштетувањето на здравствената инфраструктура и здравствените услуги ја прекинува рутинската имунизација, а пренатрупаноста во резиденцијалните кампови значително го зголемува ризикот од инфекција.

РУТИНСКАТА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ ЗА ДЕЦА, ВО КОМБИНАЦИЈА СО МАСОВНИ КАМПАЊИ ЗА ИМУНИЗАЦИЈА ВО ЗЕМЈИ СО ВИСОКА СТАПКА НА ЗАБОЛУВАЊЕ И СМРТНОСТ, СЕ КЛУЧНИТЕ ЈАВНОТО ЗДРАВСТВЕНИ СТРАТЕГИИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ГЛОБАЛНАТА СМРТНОСТ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ. ВАКЦИНАТА ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ СЕ КОРИСТИ ПОВЕЌЕ ОД 50 ГОДИНИ,

ВАКЦИНАТА Е БЕЗБЕДНА, ЕФИКАСНА И ЕФТИНА. ЧИНЕЊЕТО НА ИМУНИЗАЦИЈА НА ЕДНО ДЕТЕ ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ Е ОКОЛУ ЕДЕН АМЕРИКАНСКИ ДОЛАР.

ВАКЦИНАТА ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ ЧЕСТО Е ИНКОРПОРИРАНА ВО КОМБИНИРАНИ ВАКЦИНИ – НАЈЧЕСТО СО ВАКЦИНА ПРОТИВ РУБЕОЛА И / ИЛИ ЗАРАЗНИ ЗАУШКИ ВО ЗЕМЈИТЕ КАДЕ ШТО ОВИЕ БОЛЕСТИ СЕ ПРОБЛЕМ. ЕДНАКВО Е ЕФЕКТИВНА ВО ПОЕДИНЕЧНА ИЛИ КОМБИНИРАНА ФОРМА. ДОДАВАЊЕТО НА РУБЕОЛА-ВАКЦИНА НА ВАКЦИНАТА ПРОТИВ СИПАНИЦИ ЈА ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НЕЗНАЧИТЕЛНО, И ОВОЗМОЖУВА ЗАЕДНИЧКИ ТРОШОЦИ ЗА ИСПОРАКА И АДМИНИСТРАЦИЈА. ВЕЛАТ ОД ИЈЗ.

Вакцината против мали сипаници е безбедна, ефикасна и евтина и се користи од 60-те години на минатиот век. СЗО препорачува имунизација на сите деца и возрасни лица за кои вакцинацијата против морбили не е контраиндицирана. Се смета дека примањето на двете дози на вакцината против Morbilivirus треба да биде стандард во сите национални програми за имунизација.

Според ИЈЗ, малите сипаници се болест којашто е опасна.

По примени две дози МРП вакцина, ефикасноста за стекнување на имунитет е 97 отсто против морбили, 88 отсто против паротит и  97 отсто против рубеола. Вакцината се препорачува кај лица за кои нема евиденција за претхoдно стекнат имунитет, кај оние со добро контролирана ХИВ/СИДА и кај нецелосно имунизирани лица, до 72 часа по изложување на морбили.

Несаканите ефекти кои може да ги предизвикува оваа вакцина се опишани на официјалната веб-страница на Националниот фармакоинформативен центар (НФИЦ).

ВАКЦИНАТА ПРОТИВ МОРБИЛИ, РУБЕОЛА И ПАРОТИТИС (МРП) Е МНОГУ БЕЗБЕДНА И ЕФИКАСНА ВО ПРЕВЕНЦИЈА НА МОРБИЛИ, ПАРОТИТИС И РУБЕОЛА. ВАКЦИНИТЕ, КАКО И СЕКОЈ ЛЕК, МОЖЕ ДА ИМААТ НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ, НО ПОВЕЌЕТО ЛУЃЕ КОИ ДОБИВААТ МРП ВАКЦИНИ НЕМААТ СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ ПО НЕЈЗИНО ПРИМАЊЕ, ПИШУВА НА САЈТОТ НА НФИЦ.

Чести несакани ефекти од МРП вакцината се:

  • Болка на местото на инјектирање
  • Треска
  • Благ осип
  • Повремена болка и вкочанетост во зглобовите, најчесто кај тинејџери или возрасни жени кои  немаат имунитет (од претходна инфекција или вакцина).

Како ретки несакани ефекти кои ги предизвикува вакцината се наведени: многу мал ризик од фебрилни напади (напади или грчеви предизвикани од треска) што е ретка појава и не се поврзува со долгорочни ефекти и оток на образите или вратот. Понатаму, како што наведува Националниот фармакоинформативен центар, МРП вакцината ретко предизвикува привремена тромбоцитопенија, што може да предизвика крварење, кое најчесто не е пропратено со третман и не е животозагрижувачка состојба.

Дека вакцината е безбедна и не предизвикува сериозни несакани ефекти, потврдува и УНИЦЕФ:

ВАКЦИНАТА Е МНОГУ ПОБЕЗБЕДНА ОД ЗАБОЛУВАЊЕТО СО МАЛИ СИПАНИЦИ, ЗАУШКИ ИЛИ РУБЕОЛА. ПОВЕЌЕТО ДЕЦА НЕМААТ НИКАКВИ СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ. ВАКЦИНИТЕ, КАКО И СЕКОЈ ЛЕК, МОЖЕ ДА ИМААТ НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ. ЧЕСТИ НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ СЕ: БОЛКА ВО РАКАТА ОД БОЦКАЊЕТО, ТЕМПЕРАТУРА И БЛАГО ИСИПУВАЊЕ. МНОГУ РЕТКИ НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ СЕ АЛЕРГИСКА РЕАКЦИЈА ИЛИ ГРЧЕВИ.

Според УНИЦЕФ, во периодот меѓу 2000 и 2018 година, вакцинацијата против мали сипаници спречила 23,2 милиони смртни случаи на глобално ниво.

Министерството за здравство одговара на сите митови околу вакцинирањето и истите можете да ги прочитате тука.

Годишно, на светско ниво од морбили се заразуваат околу 20 милиони луѓе и тоа во земјите во развој, Африка и Азија. Со вакцината годишно се спасуваат 3 милиони луѓе и се спречува инвалидитет на околу 800 илјади деца. Во 1980 година, од морбили починале околу 2,6 милиони луѓе. Во 1990 година починале 545 илјади луѓе. До 2014 година, благодарение на глобалните програми за вакцинирање со МРП, драстично се намалува индексот на смртност и тоа на 73 илјади луѓе.

МРП вакцината во земјава е дел од календарот за редовна имунизација на децата. Компликациите од малите сипаници кај невакцинирани индивидуи можат да бидат многу сериозни.. Приближно 1 од 15 деца заболени од мали сипаници развива воспаление на белите дробови, а 1 од 1.000 развива енцефалитис.

Што се однеува до тврдењето во постот дека „ковид вакцината се воведува во закон сега кога никој не зборува за ковид“, не е вистина. Оваа вакцина не се воведува како некаква задолжителност со закон. Како што Вистиномер веќе пишуваше, станува збор за предлог да се додаде времена мерка која не е на сила постојано, не се знае дали воопшто ќе стапи на сила и кога, но дадена е во случај на епидемија. Со предлог+законот се предлага дополнување со уште една времена мерка забрана на влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест.
Значи, задолжителна вакцина против ковид-19 не се воведува, туку се додава можност во Законот, во случај на епидемија, да се воведе забрана за влез во објекти без вакцинален сертификат. Таа мерка не е на сила, не се знае дали ќе стапи на сила и кога би стапила на сила, тоа не би можело да се прави без стручно мислење на Комисијата за заразни болести. А, доколку се усвои ваква мерка, таа би важела само времено, додека трае влошена епидемиолошка состојба.
Во постот се вели дека виновни за падот на вакцинацијата се сите кои притискале врз слободата на изборот и не ги признавале огромниот број негативни ефекти како последица од вакцините.
С. Македонија имаше една од најлибералните политики кога станува збор за слободата на избор да се прими вакцина против ковид-19. Владата во април годинава на седница ја укина и обврската за домашните и странски државјани на влез на граница да приложуваат сертификат за извршена вакцинација, сертификат за прележан ковид-19 во последните 180 дена, медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен 72 часа пред влезот во С. Македонија или негативен брз антиген тест направен 48 часа пред влезот во земјата. Тогаш Владата ја укина и мерката домашна изолација за лицата кои на влез на граничните премини нема да приложат еден од сертификатите или потврдите.

Вакцинацијата во земјава е доброволна, со информирана согласност.  Во ноември 2021 Комисијата за заразни болести на Владата ѝ предложи мерка сите вработени во јавниот сектор, во локалната самоуправа, во институциите и во владините институции за влез на работното место да мора да прикажат потврда за примена најмалку една доза вакцина или потврда за прележан ковид или негативен ПЦР тест. Сепак, овој предлог никогаш не стапи на сила и не беше применуван ниту усвоен од Владата.

Понатаму, негативните ефекти како последица на вакцината за кои се пишува во постот, не е дека не се признаени, туку се незначителни во споредба со бенефитите од вакцината. Сите вакцини доаѓаат со упатство за користење, на кое се наведени негативните ефекти. Проблематично е што антивакциналните кругови од почетокот на вакциналната кампања за ковид-19 упорно сите пријавени негативни ефекти после вакцинација и ги атрибуираат на самата вакцина, наспроти препораките на самите системи коишто ги прибираат пријавите.

Со други зборови, пријавата за несакан ефект после вакцинација не е доказ. односно причинско-последична врска меѓу вакцината и несаканиот ефект, иако тоа во голем број наврати противниците на вакцинацијата го пренебрегнаа како факт, предизвикувајќи притоа конфузија и паника.

На страницата за вакцинација наведено е дека најчестите несакани ефекти се болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули:

СЕ ЈАВУВААТ КАЈ 1/10 ИНДИВИДУИ. ПОРЕТКО СЕ ЈАВУВА АЛЕРГИСКА РЕАКЦИЈА. НАЈЧЕСТО НЕСАКАНИТЕ ЕФЕКТИ СЕ БЛАГИ И КРАТКОТРАЈНИ И ИСЧЕЗНУВААТ ЕДЕН ДЕН ДО ДВА ПО ВАКЦИНАЦИЈАТА.

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД не само што го признава, туку и јавно известува транспарентно за некои несакани ефекти од вакцината против ковид-19 кои се ретки.

Така што, за тврдењето дека вакцинацијата во земјава не успеала зашто не биле признаени несаканите ефекти од вакцината, нема докази. Според официјалната страница за вакцинација, досега има 869.763 вакцинирани.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти морбилите не се болест. Станува збор за многу заразна болест предизвикана од вирус. Според ИЈЗ, оваа болест останува една од водечките причини за смрт кај малите деца на глобално ниво, и покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина. Околу 110.000 лица умреле од мали сипаници во 2017 година – главно деца на возраст под 5 години.

Вакцините против ковид-19 не се воведуваат во закон, туку се предлага воведување на времена мерка – да се воведе забрана за влез во објекти без вакцинален сертификат, која може, но и не мора да стапи на сила зависно од епидемиолошката состојба. Според таа мерка само при одредени епидемиолошки услови на влошување, само за одреден временски период и по претходна координација меѓу Комисијата за заразни болести и предлог кој Владата ќе мора да го усвои. Мерката не е на сила и не се знае дали воопшто некогаш ќе стапи на сила.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …