Полицијата спроведе брза истрага за случајот со групата „Јавна соба“ која по трет пат беше отворена на социјалната мрежа Телеграм, а доказите се испратени до Основното јавно обвинителство (ОЈО).
„МВР веднаш постапува за оваа нова група согласно сите надлежности, а и веднаш го известивме обвинителството“, изјавија од полицијата за Мета.мк, но сè уште нема информација колку и кои лица се осомничени.
Во новата група „Јавна соба“ која за еден ден брои 219 членови, а досега се споделени 61 фотографија и 14 видеа се споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки од Македонија.
Во април оваа година, по силните реакции од јавноста Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против две лица на возраст од 32 и 21 година кои се товарат за производство и дистрибуција на детска порнографија, според член 193-а, став 3, а во врска со став 1, од Кривичниот законик.
ОЈО Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27 јануари 2021 година се обрати до меѓународниот сервис провајдер за услуги „Телеграм“, за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата.
Невладините организации и граѓани изминатиот период постојано бараа расчистување на овој случај, а на 8 Март, Платформата за родова еднаквост организираше и протестен марш со цел да упати порака и да побара од институциите темелно расчистување на случајот „Јавна соба“.
Инаку, случајот со групата „Јавна соба“ е актуелен веќе две години од кога неколку девојки пријавуваа злоупотреби на нивни слики, а јавноста беше згрозена од содржините кои се споделуваа таму и кои ја покажаа темната страна на затворените групи на интернет. Годинава случајот повторно се актуелизираше откако девојката Ана Колева јавно го сподели своето искуство со сексуално вознемирување во групата „Јавна соба“.
Извор: МЕТА