На Денот на човековите права, ЦИВИЛ повикува на бескомпромисна акција во одбрана на човековите права и слободи

На Денот на човековите права, ЦИВИЛ повикува на бескомпромисна акција во одбрана на човековите права и слободи

ЦИВИЛ им го честита 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија и на светот и порачува: Борбата за човековите права и слободи продолжува!  

И оваа година, како и сите 22 години претходно, на Меѓународниот ден на човековите права, ЦИВИЛ упатува повик за вклучување на сите граѓанки и граѓани во бескомпромисна акција во одбрана на човековите права и слободи.  

ЦИВИЛ ги повикува институциите да манифестираат максимална одговорност и посветеност и ги потсетува дека човековите права и слободи се нивна прва и најголема обврска.  Во духот на слободата, солидарноста и толеранцијата, ЦИВИЛ повикува на почитување и заштита на човековите права и слободи. 

Обврска на секое општество, на сите институции на локално и национално ниво, на сите носители на одлуки, сопственици на бизнис и на сите луѓе е да ги почитуваат човековите права и слободи. Секој човек ги има истите човекови права и слободи како и сите други луѓе во светот, само затоа што е човек. Човековите права и слободи се неотуѓиви – никој не може да ги даде или да ги одземе, бидејќи тие веќе му припаѓаат на секој човек! 

Еднаквост, намалување на нееднаквостите, унапредување на човековите права 

Темата на Меѓународниот ден на човековите права оваа година е „Еднаквост, намалување на нееднаквостите, унапредување на човековите права“, врз основа на заедничката рамка за акција на системот на ОН: „Не оставаме никого зад себе: Еднаквост и недискриминација во срцето на одржливиот развој“ 

Во април 2016 година, членовите на Главниот извршен одбор на системот на Обединетите нации за Координацијата се обврза да го стави императивот за елиминирање на дискриминацијата и намалување на нееднаквоста во и меѓу земјите. Заложбите се во согласност со напорите на ОН да ги поддржи земјите членки во спроведувањето на Агендата за одржлив развој 2030. 

Универзалната декларација за човекови права, најпреведуван документ во светот 

Денот на човековите права е меѓународен датум кој се одбележува во чест на Универзалната декларација за човекови права која Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои на 10 декември 1948 година. Според ОН, овој меѓународен документ, Универзалната декларација за човекови права (УДЧП) претставува пресвртница во историјата на човековите права и е вгнездена во современото меѓународно право.  

Оваа година, на 73-годишнината од Универзалната декларација за човекови права, темата „Еднаквост, намалување на нееднаквостите, унапредување на човековите права“ е инспирирана од Член 1 од УДЧП:  

„Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права“. 

Универзалната декларација за човекови права е преведена на повеќе од 500 јазици што ја прави најмногу преведуван документ во светот. 

ЦИВИЛ на Денот на човековите права со настан посветен на родовата еднаквост 

ЦИВИЛ оваа година ќе го одбележи Денот на човековите права со дебата посветена на родовата еднаквост „Меѓу декларациите и реалноста“. Со избирање на темата за родовата еднаквост, ЦИВИЛ јасно ги изразува позициите на организацијата и определбата за вистинско и конкретно надминување на предизвиците поврзани со дискриминацијата и нееднаквоста на родова основа. 

На овој ден, ЦИВИЛ уште еднаш апелира до сите граѓанки и граѓани и до сите институции на локално и национално ниво, да ја прочитаат Универзалната декларација за човекови права и да ги почитуваат човековите права и слободи во нивната неделивост и универзалност. 

Прочитајте повеќе

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

Драган Ковачки во дебата на национална телевизија ја повтори „по стоти пат“ невистината дека актуелниот …