домати

На македонскиот пазар не се увезени небезбедни домати од Албанија

Со контролите се опфатени магацините за чување на овошје и зеленчук, дистрибутивните центри и преработувачките капацитети за овошје и зеленчук. Дополнително, прометот со овошје и зеленчук се контролира и во рамки на контролите на мешовитите продавници кои вклучуваат и трговија со овошје и зеленчук и преработки од нив

Агенцијата за храна и ветеринарство, овластен државен орган задолжен за контрола на храната која се увезува на граничните премини, вклучително и овошјето и зеленчукот, тврди дека граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи ваков таканаречен увоз не е можен и не бил извршен. Освен ова, Вистиномер провери и во здравствена установа од каде добивме потврда дека нема пријавено случај на труење со домати, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува дека наводно во земјава увезени биле  повеќе од 10 камиони со небезбедни домати од Албанија. Во постот се тврди дека „неодамна се случил инцидент во кој над 10 камиони домати во Скопје пристигнале од Албанија иако тие биле отфрлени на границите на Црна Гора и Босна поради нивните алармантни нивоа на тешки метали и пестициди“. Понатаму во објавата се тврди дека „целото наше население од утре ќе биде изложено на сериозна опасност со консумирање на овие опасни домати“.

Ова поставува сериозно прашање: Кој им дозволи на овие камиони да влезат во Македонија? Бараме одговори од одговорните органи кои ни ги загрозија животите поради нивната негрижа. Итно ги молиме властите да преземат итни и интензивни мерки за решавање на овој проблем и да спроведат строги инспекции за целиот увоз на храна, особено за оние од Албанија и други земји. Дојде време да се заштитиме и да бараме одговорност за нашата потрошувачка на храна. За сите потрошувачи, не можам доволно да ја истакнам важноста на внимателноста во вашите одлуки за купување. Внимавајте што консумирате! Далеку попаметно е да инвестирате во 1 кг локално произведени, незагадени домати од Македонија, отколку да се коцкате со вашето здравје со купување на 1,5 кг албански домати заситени со отровни хемикалии, смртоносни пестициди и штетни тешки метали. Ве молам, ве молам, бидете исклучително внимателни!

Понатаму во објавата се кажува дека „од внимателноста на граѓаните зависи здравјето и добросостојбата на нивните семејства и дека треба истите да дејствуваат за да се заштитат себеси и оние што ги сакаат од непосредната закана што се инфилтрира во нашата храна“. Се апелира статусот да се споделува на социјалната мрежа Фејсбук.

Доколку ви требаат повеќе информации слободно одете на кванташки секој викенд и ќе се уверите сами.
Ако имате прашања слободно пишете на овој емаил. Ние сме група на производители и при наредниот увоз без преглед од фитосанитарна инспекција и враќање на камионите со отровна храна ќе ви ги купиме доматите и краставиците и ќе ви ги донесеме пред Министерство за Економија Вие да ги јадете пред новинарите. Ќе направиме и тестови наместо вашите инспектори КОИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА СЕ ПРИТИСНАТИ ДА ПУШТААТ отровни производи од шефовите затоа што од АЛБАНИЈА било СТРАТЕШКИ интерес да не се сопира увозот?!?! Па зарем Албанците во Македонија не јадат од истите пазари??? Значи не се работи за стратегија или политика туку за Мафија!!!, се тврди во постот.
Меѓутоа, ваквото тврдење е невистина. На македонскиот пазар не се увезени небезбедни домати од Албанија. Агенцијата за храна и ветеринарство за горенаведениот пост тврди дека е груба невистина анонимно пласирана преку социјалните мрежи и обид на граѓаните да им се протне дезинформацијата дека е доведено во опасност нивното здравје поради наводниот нелегален увоз на 10 камиони со небезбедни домати по потекло од соседна Албанија.

Според анонимниот загрижен автор на пораката, наводно станува збор на домати кои се небезбедни поради утврдено зголемено присуство на тешки метали и пестициди и кои се вратени од увоз од Босна и Херцеговина или од Република Црна Гора. Како одговорна институција за безбедноста на храна, уште поодговорно тврдиме дека ваков таканаречен увоз не е можен, бидејќи пратки со храна, вклучително и со домати кои како небезбедни се вратени од увоз во други земји освен да транзитираат, не смеат да се увезат во државава, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Оттаму додаваат дека од почетокот на годинава од вкупно увезените 1.819.306 килограми домати по потекло од Република Албанија нема вратено ниту една пратка како небезбедна.

Во неделата 14 мај 2023 година, преку инспекциското место на граничниот премин Табановце кое работи за време на викенд, од страна на инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, извршен е преглед и дозволен е увоз на 12 пратки со различен вид зеленчук, од кои 148.757 килограми домати. Увозот е реализиран од 11 оператори со храна евидентирани во Агенцијата за храна и ветеринарство кои за увозот ја поседуваат целокупната потребна документација. Наводниот увоз на 10 камиони со небезбедни домати од Албанија, за кој во анонимната ФБ објава се тврди дека е реализиран деновиве, воопшто не е  евидентиран од Агенцијата за храна и ветеринарство како таков, односно, досега, вклучително и викендов, не е вратена ниту една небезбедна пратка по потекло од соседна Албанија.  Апелираме граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на дезинформации, особено не на објави на социјалните мрежи зад кои се затскриваат интереси на поединци, кои, од само за нив познати причини, во име на грижа за здравјето на граѓаните пласираат невистини и ги доведуваат во заблуда потрошувачите. До анонимниот објавувач упатуваме апел доколку располага со вистините докази случајот да го пријави до надлежните државни органи, додаваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат контроли на домашниот пазар со овошје и зеленчук, како и на пратките кои се увезуваат во земјава. Со контролите се опфатени магацините за чување на овошје и зеленчук, дистрибутивните центри и преработувачките капацитети за овошје и зеленчук. Дополнително, прометот со овошје и зеленчук се контролира и во рамки на контролите на мешовитите продавници кои вклучуваат и трговија со овошје и зеленчук и преработки од нив.

Впрочем, соопштението за јавност беше испратено откако Мета упати прашање до АХВ поврзано со тврдењето во постот, по што беше и објавено на Мета, а потоа и на други медиуми.

Никој не се пожалил на труење со домати

Вистиномер се обрати и до Клиниката за токсикологија при Клинички Центар „Мајка Тереза“ во Скопје, од каде добивме одговор дека изминатиот месец ниту еден пациент не се пожалил и не побарал помош поради труење со домати.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Прочитајте повеќе

Прилеп: Наградата за владиката Петар ги избрка советниците на СДСМ и Коалицијата од свечената седница на Совет

Прилеп: Наградата за владиката Петар ги избрка советниците на СДСМ и Коалицијата од свечената седница на Совет

Соопштение за јавност на СДСМ по повод одлуката на мнозинството во Советот на општина Прилеп, …