Во сабота 12 јуни, во 13 часот во манастирскиот комплекс на Попова Шапка ќе се отвори Информативно-едукативен центар, прв од ваков вид во регионот. Информативно – едукативниот центар е лоциран во срцето на ски-центарот, во близина на манастирскиот комплекс.

„Целта на едукативното катче е да обезбеди информации за сите посетители за историјата, флората и дивиот свет на Шар Планина, информации и едукација за различни активности и можности за спорт на планина, вклучувајќи патеки за пешачење и велосипедизам, скијање, алтернативни форми на туризмот во текот на целата година, безбедносни протоколи, капацитети за сместување и услуги. Исто така, Центарот нуди простор за организирана посета на поголеми групи, основци, средношколци и студенти. Во Центарот, посетителите ќе најдат разновидна печатена, фото и видео-документација за Попова Шапка, а на располагање на посетителите е водич кој ќе може да им ја објасни содржината на едукативниот агол,“ информираат од Здружението Планинарски клуб „Шара-Ски“, Тетово

Центарот е отворен за сите посетители бесплатно.

Едукативниот центар е прилагоден на околината и опкружувањето и е изграден од природни материјали, изолација и сопствен извор на електрична енергија, преку инсталација на фотоволтаични панели. Центарот е опремен со предавална, пулт, дрвени штандови, места за напојување со електрична енергија, простор за одмор на отворено, ТВ, компјутер, проектор.

Покрај Информативно- едукативниот центар, в сабота ќе бидат пуштени во употреба и двете еко- зони опремени со фотоволтаични панели и простор со маси и клупи за одмор. Овие еко-зони за одмор се наоѓаат на високо-планински терен, по должината на познатата „High Scardus Trail” патека и се сместени во Бачило „Извори на р.Пена“ и Бачило „Грагор –Љуботен“.

„Еко-зоните во бачилата им овозможуваат на планинарите и посетителите: место за одмор, пристап до електрична енергија за полнење на своите уреди, топли пијалоци, дегустација на традиционална храна (сирење, качамак, ајвар, домашен леб). Исто така, поставени се информативни табли во Ски – центарот „Попова Шапка“ и на локациите со детални информации за посетителите за Еко – зоните.Целта на проектот е подобрување на атракциско-мотивирачките фактори на Попова Шапка и регионот, да се создаде дополнителна туристичка понуда на Шар Планина во „отворен простор“, со цел да се зголеми интересот за посета на планините во ситуација на пандемија, да ги ублажи негативните економски последици од кризата kовид-19 и да придонесе за зголемена еластичност и одржливост на секторот за планински туризам во прекуграничниот регион Шара,“ се додава во соопштението.

Овој проект ќе придонесе за подобрување на туристичката инфраструктура, овозможувајќи подолго користење на дигитални уреди и еколошко снабдување со електрична енергија. Се очекува поинтензивна соработка помеѓу бројни засегнати страни и зголемување на нивните приходи. Информативно – едукативниот корнер ќе овозможи подобра промоција на постоечките маркирани велосипедски патеки, потоа на „High Scardus Trail“ патеката, можностите на Шар Планина и понудите од засегнатите страни.

Дополнително, таканаречените „еко зони“ ќе ја промовираат традиционалната храна и ќе создадат зголемен приход и зголемено производство од неа. И за крај, но не и најмалку важно, ќе бидат обезбедени подобри услови за посетители на различна возраст, чиј број се очекува да се зголеми.

Проектот е реализиран од Здружението Планинарски клуб „Шара – Ски“ – Тетово, поддржан од Проектот за поддршка на економската диверзификација на руралните области во Југоисточна Европа (СЕДРА), по налог на Сојузното Министерство за економска соработка и развој (БМЗ) и спроведено од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).

Извор:МЕТА