НАЦИОНАЛНА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЕУ: ПОЛИТИЧКИОТ КОНСЕНЗУС Е ЕДНА ОД НАЈВАЖНИТЕ РАБОТИ ЗА СТЕКНУВАЊЕ НЕЗАВИСНОСТ ВО СУДСТВОТО

НАЦИОНАЛНА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЕУ: ПОЛИТИЧКИОТ КОНСЕНЗУС Е ЕДНА ОД НАЈВАЖНИТЕ РАБОТИ ЗА СТЕКНУВАЊЕ НЕЗАВИСНОСТ ВО СУДСТВОТО

Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија денеска во Клубот на пратеници беше домаќин на единаесеттата сесија на Работната група 3 –Правосудство и основни права (Поглавје 23), на тема „Улогата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во стекнувањето независност и интегритет во судството“, во организација на Европското движење.

Дебатата, во која беа вклучени и други експерти од областа на правото, судии, универзитетски професори, но и претставници на граѓанскиот сектор, релевантни за оваа тема, ја отвори правниот експерт за Западен Балкан, Кристијан Туркаљ, инаку главен преговарач во преговарачкиот тим на Република Хрватска за Поглавје 23 – Правосудство и основни права со објаснување дека извршната власт не може да спроведе голема правосудска реформа за корупција додека нема поддршка и од самиот правен сектор.

„Дури оваа година Хрватска ги доживеа сите привилегии за членството на ЕУ, како што е слободно патување, бенефициите на шенген зоната, но и она што и беше најважно на Хрватска, а тоа е помошта што ја добија од ЕУ за време на пандемијата“, рече тој.

Една од најважните работи, според Туркаљ, е политичкиот консензус. Сите проблеми кои треба да се решат, треба да се решат заедно, и затоа консензусот е најважен. Во поглавјето 23 не постојат доволно регулативи, туку акцент се става на вредностите. Ова поглавје е тешко, затоа што нема кој да каже дали сме ги достигнале вредностите што се очекуваат од нас, вели хрватскиот експерт, бидејќи како што е познато и во јавноста, додека не се отвори првиот фундаментален кластер, не може да се отвараат другите, односно овој кластер се отвара прв, а се затвора последен, затоа што прогресот што ќе се постигне со првиот кластер ќе го предетерминира начинот и брзината на кои ќе се одвиваат и преговорите.

Според хрватското искуство, како што кажа Туркаљ, во преговарачката рамка постои хоризонтално прашање кое се провлекува во сите преговори, односно темата за корупција, која е присутна во сите поглавја. Фондовите на ЕУ можат да се замрзнат ако нема напредок во преговарањето.

„За да знаеме како да и помогнеме на Македонија треба да ја отфрлиме погрешната мисла дека само Комисијата преговара, туку дека треба да дискутираат сите засегнати страни. Надворешните фактори кои можат да и пречат на Македонија се воените фактори од Украина, но сепак можеме да препознаеме дали тоа има позитивно или негативно влијание над нашите преговори. Ако судството не сака искрено да ги избира најдобрите професионалци, тогаш тие нема да ги изберат. Затоа, треба искрено да видиме колку е важно во Македонија добро да се селектираат судиите“, заклучи Туркаљ, додавајќи дека „фрустрацијата е голема кога некој од 150-то место на листата ќе ги прескокне другите 150 професионалци за да добие работно место што не го заслужува“.

Претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили во уога на копретседавач, отворајќи го експертскиот дел од сесијата, посочи дека нашиот правен систем е полн со непотизам и тоа може крајно лошо да влијае на државата. Додаде дека на сите ни е жал што јавноста до сега нема конкретен одговор од страна на судиите и нема во Законот за кривична постапка некои елементи со кои и судиите што носта важни одлуки се одговорни да ја бранат својата одлука, а доколку погрешиле, грешката да има консеквенции, а тие да одговараат пред некоја институција.

Професорот од Правниот факултет „Јустинијан први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Никола Тупанчески, инаку континуиран експерт во НКЕУ, рече дека Работната група 3 е добра можност да се види дали заклучоците од препораките и од самата сесија се релевантни и ја отсликуваат реалноста на нашата држава. Со работниот наслов на сесијата „Регулација, прагматички контекст и ефекти vis-à-vis Поглавјето 23 и одговорноста на релевантните субјекти во спроведувањето на правдата во Македонија“ е опфатено сè што треба да се дискутира на оваа сесија, и дијалогот е насочен кон она што навистина е потребно.

Според Тупанчески, ако судот има контролна улога, се движиме по траекторија што го поставува прашањето „Кој ги контролира контролорите?“ Грешките можат да бидат намерни и ненамерни, и затоа аспектот нема да биде врз кривично-правната одговорност, туку општата целосна одговорност. „Еден сегмент за оценувањето на судиите е 10 отсто од вкупниот број на оценката да биде од интервјуто, кое се однесува на социјалните компетенции на судскиот совет“, предлага Тупанчески.

На крајот од оваа дебата, како и во сите пертходни сесии на Националната конвенција, беа донесени конкретни препораки, кои се очекува да бидат прифатена и имплементирани од страна на релевантните фактори во државата. Од досегашната практика, според националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска, околу 40 отсто од препораките на Националната конвенција се веќе имплементирани. „Во изминатите шест години НКЕУ креираше посебен круг на експерти, чии дијалози и препораки беа корисни за владиниот сектор“, заклучи Ѓуровска, потврдувајќи дека проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија претставува добра платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ.

Прочитајте повеќе

Венко Филипче

Филипче: Овозможивме слободни и независни медиуми и сме први во регионот

Позитивните политики и пристап на СДСМ кон медиумите, се потврдија со тоа што Северна Македонија …