Над 72.000 воени злосторства регистрирани од почетокот на руската агресија врз Украина

Над 72.000 воени злосторства регистрирани од почетокот на руската агресија врз Украина

Украинскиот јавен обвинител повикува на формирање Специјален трибунал за руските злосторства извршени во Украина.

Украинскиот јавен обвинител Андриј Костин за време на неговата посета на Лондон изјави дека Јавното обвинителство на Украина регистрирало над 72.000 воени злосторства од почетокот на руската воена агресија врз Украина, јавува Укринформ. Костин уште еднаш повика на формирање Специјален трибунал за руските злосторства извршени во Украина.

„Ова е одлучувачки чекор за градење на архитектурата на одговорност за меѓународните злосторства и најефективниот начин за надминување на личниот имунитет на раководството на рускиот криминален режим“, заклучи Андриј Костин.

Инаку, на 20 март во Лондон се одржа состанок на министрите за правда на земји од целиот свет, со цел да се зајакне меѓународната поддршка за истрагите на Меѓународниот кривичен суд за воените злосторства извршени од Русија во Украина. За време на средбата, Костин изрази благодарност до пратениците од Парламентот на Обединетото Кралство, заменик-премиерот на Обединетото Кралство Доминик Раб и државниот обвинител за Англија и Велс Викторија Прентис за пружањето помош на Украина на правен план.

Руските ракетни напади и воени дејствија врз Украина продолжуваат со несмалено темпо. Најмалку двајца цивили загинаа, а четворица се повредени во Донецкиот регион како последица на руските гранатирања. Загинатите цивили се од градот Авдивка, јавува Укринформ. Еден цивил загинал, а двајца се повредени во гранатирањето на градот Херсон. Истовремено, бројот на загинати во вчерашниот напад со дронови на Русија врз стручното училиште во Ржишчив во Кијивскиот регион се искачи на девет лица, пренесува Укринформ.

Воените дејствија во Донбас првенствено се насочени околу градовите Бахмут и Авдивка во Донецкиот регион, како и долж секторот Сватове-Кремина во Луханскиот регион.

Министерството за одбрана на Обединетото Кралство во дневниот брифинг за ситуацијата во Украина информира дека од почетокот на март се водат тешки борби во делови од секторот Сватове-Кремина во Луханскиот регион. Руските сили успеале делумно да ја повратат контролата врз непосредните приоди кон градот Кремина, кој беше под закана по претходниот пробив на украинските сили. Русија придобила територија до неколку километри, а руските команданти се обидуваат да ја прошират безбедносната зона западно од нивните одбранбени линии и да ја интегрираат целата територија до природната пречка – реката Оскил. Тие најверојатно се обидуваат да го вратат под контрола градот Купјанск во Харкивскиот регион, пренесува Гардијан.

Украински, американски и британски воени експерти посочуваат дека руската офанзива кај градот Бахмут е забавена по жестокиот отпор на украинските сили. Американскиот Институт за проучување на војната посочува дека Бахмут е место на најсмртоносната пешадиска битка во Европа по Втората светска војна.

Во најновиот извештај на американскиот тинк-тенк се додава дека битката околу Бахмут забавува и поради тоа што руските сили се обидуваат да започнат офанзива во други правци. Руските сили моментално го зголемуваат темпото на нивните офанзивни операции околу градот Авдивка со цел да го опколат, пишува Гардијан.

Британското Министерство за одбрана посочува дека рускиот напад врз Бахмут е стишен, но и понатаму постои опасноста украинските сили во овој град да бидат опколени.

Генералштабот на украинската војска тврди дека офанзивниот потенцијал на Русија во Бахмут се намалува.

„Претставниците на платеничката војска Вагнер се главните сили на Руската Федерација во овој сектор. Не штедејќи ништо, тие губат значителна сила и стануваат слаби. Многу наскоро ќе ја искористиме оваа можност како некогаш во близина на Кијив, Харкив, Балаклија и Купјанск“, објави Олександр Сирскиј, командант на копнените сили на вооружените сили на Украина, пренесува Укринформ.

Прочитајте повеќе

Рекордни 300 милијарди долари за посиромашните земји во климатски договор на COP29

Рекордни 300 милијарди долари за посиромашните земји во климатски договор на COP29

Европската унија, САД и другите богати земји ветија дека ќе дадат рекордни 300 милијарди долари …