Надеж за Крушево

Надеж за Крушево

Пишува: Сотир Габелоски

Надежта во Крушево полека се враќа. Како млад човек го имам тој впечаток, без разлика што иселувањето е сеуште присутно. Впечатокот е уште посилен после разговорот со пријател и неговиот личен став по ова прашање.

„Не е како порано. Луѓето не си бегаат туку-така. Имаат надеж дека ќе се снајдат овде, во Крушево. Сакаат да пробаат. Порано си одевме сите без размислување. Немаше движење, немаше ни искра надеж дека постои барем волја да се направи нешто од нашиот град. Се работи, се дава шанса, се менуваат работите“, вели мојот пријател.

Со мојот пријател, заедно го поминавме основното образование. Во 2008 се запишавме во крушевската Гимназија и гледавме како градот се менува – гледавме како со забрзано темпо градот се празни, како се губи надежта и кај младите, и кај повозрасните. Заминувањето не беше само заради природните текови на миграција од еден мал град во друг, поголем. Луѓето заминуваа разочарани од севкупната ситуација, спремни да одат било каде, да работат каква било работа, макар и за минимална плата.

На крајот на студиите во 2016, не си дадов себеси голем избор и одлучив да се вратам тука, во Крушево. Затоа ми е драго што многумина мои пријатели денес размислуваат да го направат истото. Оти гледаат искра надеж, светлина на крајот од тунелот, дека не мора да се откажуваме од нашите домови за да имаме подобар живот.

Тоа е резултат на големото раздвижување на Крушево. Се реконструираат патишта, се подготвува спортска и друга инфраструктурата за младите, се работи на решавање на проблемите. Од политичко – партиски аспект, животот е релаксиран, а се подобрува и социјалната структура. Градот се менува на подобро и веќе наликува на убаво место за живеење, со убава перспектива пред се’ од аспект на туризмот.

Меѓутоа, ова не значи дека Крушево ги надмина сите проблеми, дека локалната самоуправа треба да забави со работа, дека државата не треба да работи на унапредување на условите за живот. Напротив, заради појавената искра надеж, и локалната и централната власт треба уште позасилено да работат. Потребно е силно партнерство помеѓу властите во Крушево и Скопје, вклучување на бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, како и изработка на реални проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живот и стандардот на граѓаните.

Она што е најважно, е да веруваме во тоа што го работиме, да веруваме дека работите ќе продолжат да се движат во позитивна насока и дека Крушево може да биде сосема пристојно место за живеење. Истовремено, носителите на одлуки, сите сегашни и идни власти, треба да знаат дека само со чесна и посветена работа, со креирање успешни политики, ќе ги „предизвикаат“ младите да останат тука и, секој на свој начин, да го даде својот придонес во развојот на општината.

Оти надежта тешко се заработува, но лесно се губи.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …