Возила пат

Налепница наместо нови регистарски таблички?

Една од опциите што ја разгледува МВР е наместо нови таблици со ознака НМК, возилата да добијат само налепници. Промената е на товар на граѓаните, а транспортерите освен таблички ќе треба да менуваат и куп документи. Дополнително наскоро поскапува вадењето пасош, лична карта и возачка дозвола.

Налепници врз ознаката „МК“ на регистарските таблички за возила, наместо промена на целите таблички, се една од опциите која се разгледува во Министерството за внатрешни работи. Приоритет е граѓаните да бидат задоволни, па затоа веќе е формирана работна група, која е во комуникација со Министерството за транспорт, а преку нив и со здружението на камионски транспортери, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју на Радио Слободна Европа, кое во целост ќе може да го проследите в недела.

Граѓаните најдоцна до 12 февруари 2024 треба да ги променат регистарските таблички и на нив да има ознака „НМК“ наместо досегашната „МК“, што е обврска која произлегува од Преспанскиот договор. Македонија на 17 јуни 2018 потпиша договор со соседна Грција за промена на името во Република Северна Македонија, по што се овозможи влез во НАТО.

Овој договор стапи на сила на 12 февруари 2019 година, што значи дека личните документи, патните исправи и регистарските таблички треба да бидат сменети до 12 февруари 2024 година.

Наскоро граѓаните за пасоши, лични карти и возачки дозволи ќе треба да дадат повеќе пари, оти владата донесе одлука за повисоки цени. Одлуката ќе стапи на сила штом ќе излезе во Службен весник. Пасошите ќе чинат 500 денари поскапо, односно наместо 1800, возрасните граѓани ќе треба да платат 2300 денари. А повеќе ќе чинат и документите кои се издаваат по итна постапка.

Министерот Спасовски очекува за кратко време да биде објавено поволно решение за граѓаните во врска со промена на табличките.

„Јас барем така се надевам и очекувам, со тоа што од друга страна ќе мора да се стават и норми на строги казни за сите оние што нема да го почитуваат тоа како решение. Мора да направиме една комбинација која ќе биде од интерес на граѓаните, меѓутоа да имаме и сериозно одговорност“, рече Спасовски за Радио Слободна Европа.

Во земјава, освен таблички со ознака „МК“ на сино поле на почетокот од таблицата, има и стари таблички без ознака МК, само со кодот на градот, три бројки и две букви. Но и тие ќе треба да ги сменат табличките, вели министерот Спасовски.

Налепници на регистарските таблички многу ќе ни ја олесни работата, вели Билјана Муратовска од здружението на камионски транспортери „Макамтранс“.

Муратовска вели дека не се само табличките, туку дека треба да се променат уште најмалку 20 други документи, поврзани со регистарскиот број на возилото. Дел од тие документи ќе треба да ги сменат во странство, па тоа може да трае со недели, ако не и со месеци, а при тоа ќе се губи и време и пари.

Во Македонија се регистрирани над 20 илјади возила кои вршат комерцијален превоз, односно превоз на стоки или на патници. Камионите со приколки имаа дупли таблички, па ќе треба да дадат и повеќе пари. Ќе треба да се смени сообраќајната, лиценцата, зелениот картон, осигурувањето, сертификатите од странство, одобренијата за пренос на опасни материјали, одобренија за превоз на отпад, картички за плаќање патарина, точење гориво и уште многу друго, на кои стои и податок од бројот на табличката од возилото.

„За тоа ќе изгубиме многу денови, некаде ќе може електронски тоа да се заврши, некаде со физичко присуство. Оваа флота ќе мора сето тоа да го смени и ќе остане едно 15-20 дена возилото да не биде во оптек, што ќе правиме тогаш со возачите на кои платата им зависи од реализација, а и ќе нема транспорт на стоки, а ние сме увозно зависна земја. Многу е комплицирана работата“, вели Муратовска.

Доколку се донесе одлука да се користат налепници, тогаш државата ќе треба да ги извести другите земји за таквата одлука дека табличките се оригинални, но имаат само налепница, оти во спротивно може и да не казнат, вели Муратовска.

Радио Слободна Европа претходно пресмета дека од промена на табличките во државната каса ќе се слеат околу 11 милиони евра. До таа бројка се доаѓа кога ќе се помножи бројот на возила со парите што се даваат за пар таблички. Според последните статистички податоци во 2021 година во земјава се регистрирани 559 илјади моторни возила. Промената на табличките чини 1250 денари, а ќе треба да се промени и сообраќајната дозвола за што граѓаните треба да дадат 250 денари и возачката која сега чини 390 денари. Со новите поскапувања, возачката ќе чини 520 денари.

Доколку граѓаните не ги променат табличките и возат со стари ознаки, по 12 февруари 2024 година, сообраќајната полиција ќе може да ги казни до 100 евра тие кои што не ги замениле регистарските таблички.

Министерството за внатрешни работи во 2021 склучи тригодишен договор за изработката на нови регистарски таблички. Нивниот договор истекува во март 2024. Документите од Бирото за јавни набавки покажуваат дека за оваа намена Министерството за внатрешни работи се договорило да плати 2,1 милион евра. Договорено е да се изработат 300 илјади пара регистарски таблички. Регистарски таблички за едно моторно возило државата ја чини по 470 денари со сѐ ДДВ. Пар регистарски таблички за такси возила ќе ја чини 227 денари, додека за дипломатските возила државата плаќа 170 денари за пар таблички.

Министерството за внатрешни работи, во март годинава, повторно објави оглас за набавка на регистарски таблички за моторни возила за наредните три години. Постапката за склучување договор ќе биде со скратени рокови. Заинтересираните компании на огласот ќе може да се јават до 12 април. Избраната компанија, кога ќе заврши сета процедура, ќе треба да обезбеди таблички со натписи или додатоци.

Но не е само промената на регистарските таблички, до февруари 2024 година, граѓаните кои не го сториле тоа ќе мора да си сменат своите лични документи и во новите да стои „Република Северна Македонија“.

Инфографика - Колку ќе го чини четиричлено семејство промената во НМК
Инфографика – Колку ќе го чини четиричлено семејство промената во НМК

Пресметавме дека промената на документите едно четиричлено семејство со двајца возрасни и две малолетни деца ќе ги чини околу 180 евра. Доколку досега не ги смениле личните документи, возрасните граѓаните, со новите цени ќе треба да одвојат по 2300 денари за пасош, 310 денари за лична карта, 520 денари за возачка дозвола, 250 за сообраќајна дозвола и 1250 денари за промена на таблички за едно возило. Пасошите за деца до 4 години, остануваат исти и се 1600 денари, а за деца од 4 до 18 години 1700 денари. Сите документи македонските граѓани ќе мора да ги сменат до февруари идната година.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан и специјалниот пратеник …