САД смета дека Иран стои зад нападот, Иран негира дека биле инволриани, додека групата Исламски отпор, поддржана од Иран, вели оти тие се сторителите
Воздушен напад врз американска воена база на границата меѓу Сирија и Јордан резултираше со тројца загинати американски војници и 34 повредени, пренесува Гардијан.
Групата Исламски отпор изјави дека тие стоеле зад нападот. Станува збор за организација поддржана од Иран. САД исто така го обвинува Иран, предупредувајќи дека ќе има соодветен воен одговор за нападот.
„Ние ќе продолжиме посветено да се бориме против тероризмот. И не се сомневајте – ќе се осигураме дека сите одговорни ќе сносат одговорност во време и на начин што ние ќе го избереме“, изјави претседателот на САД Џо Бајден.
Претставници на Иран во Обединетите нации, пак, одрекоа дека Техеран стои зад нападот.
Четири посебни напади со дронови биле извршени врз три американски бази во саботата. Големиот број на повреди се должи на тоа што нападите биле извршени рано наутро. Многумина од ранетите американски војници претрпеле трауматски повреди на мозокот.
Ова е првпат американски војници да бидат убиени во напад од почетокот на војната меѓу Израел и Газа, кој продолжува да се шири кон Блискиот Исток. Претходно, двајца американски морнарски фоки, кои беа на мисија на која се качија на брод на Хути кој пренесувал ирански оружја, се удавија откако ги погодило силен бран.
И покрај тоа што американските бази во Ирак и Сирија се речиси секојдневно нападнати од почетокот на војната од страна на секакви паравоени организации поддржани од Иран, овој напад ја доближува реалноста на директен конфликт меѓу САД и Иран, исход кој двете страни наводно сакаат да го избегнат.
Извор: МЕТА