НАСА ги објави првите звуци снимени на Марс како и видео од моментите пред слетувањето на роверот „Истрајност“

НАСА објави ново видео на кое се забележани моментите од последните минути на роверот „Истрајност“ пред да ја допре површината на Марс. На видеото можат да се видат минутите на неговото слетување, испуштањето на падобранот, а микрофонот од роверот го обезбеди и првиот аудио запис од звуците на Марс.

Од моментот на испуштање на падобранот, неколкуте камери од роверот ја снимаат целата постапка на слетување и спуштање кон кратерот Језеро. Снимката со погледот започнува некаде околу 230 секунди откако леталото влегло во горната атмосфера на Црвената планета со брзина од околу 20.100 километри на час, соопшти НАСА.

На видеото се гледа и одделувањето на топлинскиот штит кој служеше за да го штити роверот од високите температури при влегувањето во атмосферата на Марс.

Снимката завршува со допирњето на алуминиумските тркала на „Истрајност“ на површината на Марс, додека сечила ги пресекуваат каблите што биле користени за време на спуштањето на роверот.

Микрофонот прикачен на роверот не собрал корисни податоци за време на слетувањето, но затоа на 20 февруари ги забележал првите звуци од кратерот Језеро. На објавениот аудио запис кој трае осумнаесет секунди може да се слушне ветрот од Марс, како и механичките звуци на роверот кој работи на површината.

„Знаеме дека јавноста е фасцинирана од истражувањето на Марс, па затоа го додадовме микрофонот на возилото, бидејќи се надевавме дека ќе го подобри искуството и ќе ги инспирира луѓето ширум светот“, рекле од НАСА.

НАСА ја објави и првата панорамска слика од локацијата каде што слета роверот, која била направена со две навигациски камери лоцирани на неговиот јарбол.

„Истрајност само што почна и веќе обезбеди некои од наjдобрите визуелни содржини во историјата на истражувањето на вселената. Тоа го зајакнува извонредното ниво на инженерство и прецизноста кои се потребни за да се изгради и лета возило до Црвената планета“, изјавил Стив Јурцик, администратор во НАСА.

Снимките биле собрани од вкупно пет комерцијални камери поставени на различни делови од роверот.

Во наредните денови се очекува панорамска снимка од 360 степени од кратерот Језеро направена со една од камерита на „Истрајност“, која се очекува да биде снимка со најдобар квалитет досега направена таму.

Целото видео од спуштањето на роверот на Марс:

Прочитајте повеќе

УКИМ

Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

На Зимската школа ќе учествуваат 81 семинарист Кина, САД, Австралија, Германија, Франција, Турција, Полска, Словенија, …