Наставниците да имаат разбирање при оценувањето, учениците учеа во нова реалност

Во овој период од годината, основците и средношколците имаат тестови и испрашувања по речиси сите предмети, после кои нивните наставници и професори треба да им ги заклучат крајните оценки во дневниците. Додека трае овој процес, поразговаравме со неколкумина професорки и наставнички за тоа, како тече овој процес, дали успеваат учениците да постигнат сѐ да научат и колку тие како нивни професори имаат разбирање и се попустливи.

Николина Иваноска Котевска е професорка по психологија во гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“. Таа вели дека во овој период од годината, кога се вреднува постигнувањето на учениците и се формираат годишни оцени по предметите, треба да се имаат предвид сите случувања на кои беа изложени самите ученици, нивните родители, но и професорите.

„Не сум баш сигурна во тоа дека секој наставник или професор располага со соодветна методологија за изведување на крајна оцена со оглед на изгубените часови (самиот почеток на учебната година, штрајкот на наставниците). Инструкцијата која од соодветните органи беше дадена на наставниците е само математичка пресметка на фондот на реализирани часови кој како вкупен број треба да го има реализирано наставникот“, вели професорката.

Кратењето на програмата, критериумите за оценување и вреднувањето на ученикот е оставено на самиот наставник, па оттука и притисокот врз учениците зависи од субјективната перцепција и барањата на одреден наставник или професор.

„Она што од психолошки аспект би го нагласила, е дека при формирањето на годишни оцени не смееме да заборавиме дека изминатата учебна година учениците ја следеа од далечина, а годината пред тоа (од март па до завршувањето на истата), најголем дел воопшто немаа никаква настава. Оваа година имаме исто така голем број на нереализирани часови. Овој факт влијае врз самата психичка состојба на учениците и треба навистина голема умешност и претпазливост во барањата кои ги поставуваме пред нив“, потенцира Иваноска Котевска.

Татјана Алексиќ, професорката по македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, вели дека периодов, матурантите завршуваат со матурските прослави и веќе им се избројани деновите до почетокот на полагањата на матурските испити.

„Корчагиновци одамна се подготвуваат, а овие денови веќе ги собираме по цели класови за да се помине уште еднаш материјалот што го подзаборавиле од претходните три години. Ние сме им на располагање и во училиште и он-лајн во секое време. Пред да завршат со наставната година со реализирана четврта писмена задача, оние ученици кои беа активни и си ги потврдуваа петките во текот на годината им ги заклучив петките уште минатиот месец, за да може да си ги поправаат оценките по другите предмети“, вели професорката.

Таа додава дека ова е најмалку што можела да го направи за учениците да почувствуваат барем некаков бенефит од својот труд, кога на крајот ќе видат исто петки и кај други соученици заради просек.

„Не се сите петки исти, така е во систем каде просекот е пресуден. Бидејќи поминавме три години во нова реалност, би било ирационално да се држиме до принципи на објективност и реални оценки. Од мене добија оценка повеќе со извинување кон оние кое реално ги заслужија петките, што не можам да им пишам десетки“, вели Алексиќ.

Потсетува дека заеднички поминале тежок период со доста изгубени часови за кои децата немаат никаква вина.

„Убедена сум дека ќе постигнат одлични резултати затоа што умеат и на крајот, кога веќе немаат сила, да блеснат со одлични резултати. Оваа генерација веќе го положи својот испит на зрелоста останувајќи со здрав дух и тело покрај сите потешкотии. Барам од нив да студираат со мерак, да вложуваат во своето знаење и вештини како единствен реален капитал, за да го поправат системот што им го расипавме“, нагласува професорката.

Оценувања има и во основните училишта. Наставничка од внатрешноста со која поразговаравме, а која предава во одделенска настава, вели дека најтешката задача за еден наставник е реално и праведно да ги оцени учениците.

„Оценувањето е склоп од повеќе фактори. Пред сѐ се оценуваат постигањата на поставените цели и стандарди, а секако еден дел заземаат и посветеноста, упорноста, истрајноста на ученикот, односно колку квалитетно ги извршува поставените задачи.

Во првиот период оценувањето е описно, а тестови во првите одделенија речиси и да нема. Се практикуваат наставни листови, квизови, или евентуално тематски тестови“, вели наставничката.

При формирањето на оценката на ученикот, неретко влијае и неговата дисциплина, нешто што не треба да е така. Познавачите велат дека оценката не треба да служи како средство за казна на учениците.

Учебната година завршува на 10 јуни. Надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) одлучија таа да не се продолжува.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Во рамки на одбележувањето на овој ден, во Институтот за македонски јазик ќе бидат презентирани …