SONY DSC

Наташа Петровска: На Битола и’ требаат велосипедски патеки, но не со парите предвидени за „Парк“

Отворено писмо на поранешната градоначалничка на општина Битола, Наташа Петровска

До сите политичари кои деновиве ме споменуваат поради нивно незнаење и неумеење

Скоро и да не следам и не ме интересираат празни политички препукувања и политиканства кои се премногу дегутантни за краткиот овоземски живот. Особено во вакви глобални тековни потреси во човештвото. Кога ова го пишувам, го пишувам во прво лице не за да обезвреднам тим, туку поради тоа што многупати до сега бев спомената, персонално – вака или онака, кој како милува во зависност од потребата и целта.

Што ти прави стравот?! Актерите во оваа политичка лакрдија, од многу страни, на сите ни се јасни.

Имам разбирање за оние, кои во паника од неисполнување на изборни ветувања заради неможност да си обезбедат пари или можеби лошо менаџирани пари, имаат потреба за користење на парите кои биле обезбедени за нешто друго. Токму затоа сакам да порачам, умешноста не е во добивање на битката на тоа што е поприоритетно, кој е во право. Умешноста е да обезбедите пари и да ги направите и двете работи кои ги оценувате/споредувате за приоритетност. Јасно, за да се успее во тоа, не само што треба да се обезбеди финансиски извор, туку треба и парите со кои се располага да имаат 0% на интерес кој не е јавен.

И да, тоа како одлика носи удари, мене добро познати, од покондрени бизнисменчиња, лажни филантропчиња кои ги издвојувам од бизнисмените и филантропите, но од друга страна значи искрена посветеност за она за што сте избрани, а тоа е максимално штитење на финансискиот интерес од јавен карактер кој на долги патеки секогаш излегува на виделина и е благоугоден.

Значи, ДА, на Битола и требаат и велосипедски патеки и Парк. Но кога изборно ветувавте велосипедски патеки, се надевам не мислевте на парите од Парк, оти ако било така, не сте требале да го потпишите договорот на 30.12.2021 кој коректно го оставив непотпишан за да имате можност да нијансирате со свои сугестии. Но потпишавте. Дополнително во службен гласник бр.1 од 12.01.2022, стр. 2 објавен е заклучокот на изгласаност на кофинансирањето. ВИЕ ги спроведовте овие активности, не јас, јас само ви отворив можности (не велам можност) која очигледно е успешно изјаловена, Бог само знае до каде.

Камо мене да ми имаа оставено можности наместо долгови!

Проѕирноста од повеќе страни оди до таму, што никој до сега не се одважил да го иницира бележењето на велосипедските патеки во реконструираниот дел на Довлеџик, за кој апсолутно постојат затворени фази до бележење – или поентата е, со нас почнуваат патеките. Смешно! Или никој до сега не иницирал бележење на зона 30 секаде каде е изготвена сообраќајна студија а е во функција на велосипедизмот! Или и за тоа не треба да се знае. Од пусти форес за китење со туѓи перја ќе ги поттурниме завршените работи за подоцна – да се претопат за ,,НАШЕ ВРЕМЕ,,. Смешно!

Кога го реконструирав Офицерски не го стопирав Стадионот, иако за него имаше само обврска а не обезбедени пари. Значи ги обезбедив средствата и за двата зафати, и за Стадионот и за Офицерски. Сега треба да е далеку полесно да се изведат и двата зафати за кои се води полемика, токму заради тоа што можноста за едното ја наследивте.

Во еден од изборните дуели со мојот противкандидат, токму тогаш кога тој ме обвинуваше дека немам поим од буџет и од неговата големина, поточно ограниченост, кажав како тоа се прави. Така и бидна.

Во мојот мандат проциркулираа само низ реализација на проекти по повици од меѓународни извори над 2,4 милиони евра. Успешното водење во реализацијата на проектите беше препознат од релевантни страни, за што Општина Битола дополнително доби Грант со кој беше направен пат и водовод до Лавци, дел од улиците во Долно Оризари и набавена опрема во Комуналец.

Затоа, наместо да ме споменувате – вака или онака, сериозно запрашајте ги другите луѓе како било правено, луѓе кои се разбираат и биле сведоци на тоа, читајте, учете. Без вознемиреност! Човек учи додека е жив. Како за утеха, дека не е наивно, сето тоа било проследено и со непроспани ноќи, оти столчињата не се за спиење.

Не бидува мудрување без основни познавања за растежот на концептот (идеата) до договор и реализација. Не бидува мудрување без основни познавања за тоа кога се нужни одлуки и на кои тела.

Што било правено од тие фази а што не, откако не сум дел од процесите, навистина не сум информирана затоа што не е во полето на моето сегашно делување од таму е и надвор од мој интерес. Насочете ја енергијата и мислата да ги направите и двете работи, не се занимавајте со мене. Барем не вака, кукавички, надвор од дуел расправа.

На крај, уште еднаш да посочам, единствена причина за зборувањето во прво лице еднина во ова обраќање е само заради нечија потреба да не ме вадат од уста. Инаку сите тогашни намери, замисли, цели, значајно добија шанса со оние луѓе од администрацијата и јавните претпријатија, медиумите и граѓаните кои ми даваа ветар во грбот и на кои бездруго им сум благодарна.

Прочитајте повеќе

Бочварски: Инвестираме 20 милиони евра за изградба на патниот правец Извор – Гарски Мост, ги поврзуваме Дебар и Кичево

Претседателот на Владата, Талат Џафери, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик министерот за …