Не отворајте прозорци, носете маски и не излегувајте без потреба, загадувањето на воздухот е високо

Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено, не ги отворајте прозорците во вашиот дом, користете прочистувач на воздух без јонизатор, останете дома. Ова се само дел од препораките кои ги објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а кои граѓаните треба да ги применуваат заради превенција на потенцијалните штетни здравствени ефекти на суспендираните (лебдечки честички) кои во моментов драстично се зголемени.

ИЈЗ информира дека според Европскиот индекс за квалитет на воздух (Европска агенција за животна средина), моменталниот индекс за квалитет на воздух се категоризира како „екстремно лош” на мерните станици во Берово, Гостивар и Тетово заради зголемени концентрации на PM2.5 честички. Како „многу лош” се класифицира воздухот во Струмица, Битола и Кичево. Во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и Прилеп индексот е „лош” заради зголемените концентрации на PM10 честички, а во Кочани и Гевгелија има зголемени концентрации на PM2.5 честички.

„Најчувствителни и под ризик се деца помали од 5 години, постари граѓани (над 65 годишна возраст особено), бремени жени, лица со хронични заболувања, пациенти со астма и ХОББ, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено, социјално загрозени катеории граѓани и пушачи чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува до четири пати. Оние со веќе постоечки респираторни проблеми се изложени на посебен ризик“, предупредуваат во Институтот.

Оттаму препорачуваат да се остане дома ако не треба да се излегува, да се намали физичкиот напор, посебно на отворено, а возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност. Бремените жени треба да останат дома. Луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да се излезе, да се носи маска со докажана ефикасност.

„Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а ако почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница“, наведено е во препораките.

Во услови на загаден воздух треба да се избегнува престој и спорт на отворено, а ова не се однесува само на чувствителните групи, туку и на децата и младите кои што повеќе време поминуваат надвор, како и на лицата кои професионално се ангажирани и работат на отворено.

„Со маска ефектот е двоен, и како заштита од суспендираните (лебдечки) честички и од сезонските вируси (на грип, настинки, вклучително и SARS-CoV“, велат во ИЈЗ.

Прозорците не треба да се отвораат и треба да се користи прочистувач на воздух без јонизатор.

Во Институтот велат дека за градовите со лош индекс на квалитет на воздух важат следните препораки:

„Секој што чувствува непријатности како што се зацрвенување или печење на очите, кашлица или болки во грлото треба да размисли за намалување на активноста, посебно на отворено. Зајакнете го имунолошкиот систем. Конзумирајте здрава храна со многу овошје и зеленчук“, наведено во препораките.

Оттаму нагласуваат дека треба да посетат матичен лекар или здравствена клиника оние кои не се чувствуваат добро и искусуваат какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот.

Тековниот индекс на воздух може да се следи овде, како и на овој линк.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче се сретна со млади лекари и специјализанти во Струмица

Филипче се сретна со млади лекари и специјализанти во Струмица

Носителот на листата за пратеници на СДСМ и коалицијата во Изборна единица 4, Венко Филипче …