Нема пандемија на вакцинирани, не е точно дека тие се изложени на поголем ризик

Во постот  е злоупотребен написот на Вашингтон пост којшто наменски и селективно се прикажува. Наспроти тврдењето во објавата, статистиките кои покажуваат дека голем дел од смртните случаи од ковид-19 се меѓу вакцинираните луѓе го одразуваат фактот дека повеќето луѓе се вакцинирани, а не дека вакцините се неефикасни. Во написот на Вашингтон пост јасно стои дека токму невакцинираните се изложени на најголем ризик, факт кој во постот намерно се изоставува. Медицинските експерти укажуваат дека вакцините против ковид и понатаму го намалуваат ризикот од умирање и тешки болести, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека вакцинираните се позагрозени и имаат поголема смртност во однос на невакцинираните. Ова е манипулација.

Во постот стои:

Сега е ПАНДЕМИЈА на ВАКЦИНИРАНИ – Вашингтон Пост

– Според новата студија на ЛАНЦЕТ, ВАКЦИНИРАНИТЕ кои НЕ го прележале вирусот имаат 4 пати повеке опасност за сериозно заболување и смрт во споредба со НЕВАКЦИНИРАНИТЕ.

Студијата е од истите експерт кои ја промовираа хистеријата

за пандемија на НЕВАКЦИНИРАНИТЕ со слоганот – Верувајте и на науката.

Повеке не можит да се сокријат / негират штетноста од инјектирањето.

Статистиките кои покажуваат дека голем дел од смртните случаи од ковид-19 се меѓу вакцинираните луѓе го одразуваат фактот дека повеќето луѓе се вакцинирани, а не дека вакцините се неефикасни, како што се тврди во објавата.

Сите статистички податоци покажуваат дека вакцините против ковид и понатаму го намалуваат ризикот од умирање и тешки болести, тврдат експерти за Ројтерс.

Авторот на постот споделува и видео под наслов големата лага „Невакцинираните нè убиваат“ од новинарот Такер Карлсон, кој се повикува на извадоци од напис на Вашингтон пост и наслов: „Анализа: Вакцинираните луѓе сега сочинуваат мнозинство од смртните случаи од Ковид“ 

Податоците цитирани во статијата на Вашингтон пост  покажуваат дека поголемиот дел од смртните случаи од ковид-19 се меѓу вакцинираните луѓе, особено постарите, група која е скоро 95 отсто вакцинирана во Соединетите Американски Држави. Но, воедно податоците од Центарот за превенција од болести на САД цитирани во истиот напис на Вашингтон пост покажуваат дека вакцинацијата продолжува да го намалува ризикот од смрт кај сите возрасни групи.

Написот на Вашингтон пост, кој е злоупотребен во видеото, а е напишан од истражувачот, Мекензи Берд, првично беше објавен на 23 ноември во билтенот за здравствена политика со наслов: „Вакцинираните луѓе сега сочинуваат мнозинство од смртните случаи од Ковид“.

Портпаролот на весникот за Ројтерс изјави дека насловот на статијата на веб-страницата на Вашингтон Пост подоцна е ажуриран за да се разјасни неговиот наменет фокус, и гласи: „COVID веќе не е главно пандемија на невакцинираните. Еве зошто”.

Како што се зголемија стапките на вакцинација и се појавија нови варијанти, уделот на смртните случаи на лицата кои беа вакцинирани постојано се зголемува. Во септември 2021 година, вакцинираните луѓе сочинуваа само 23 отсто од смртните случаи на коронавирус, но во јануари и февруари оваа година таа стапка изнесува 42 отсто.

Меѓутоа, во написот на Вашингтон пост јасно стои дека токму невакцинираните се изложени на најголем ризик, факт кој во постот намерно се изоставува.

Да се ​​биде невакциниран сè уште е главен ризик фактор за смрт од ковид-19. Но, ефикасноста на вакцините опаѓа со текот на времето, а анализата објавена минатата недела од Центрите за контрола и превенција на болести ја нагласува потребата да се земаат редовни засилувачки дози за да се одржи низок ризик од смрт од коронавирус, особено за постарите лица, пишува во статијата на Вашингтон пост.

Откако се појавија вакцините, експертите предупредија дека ќе видиме дека и вакцинираните луѓе ќе бидат  дел од смртните случаи само затоа што поголем дел од популацијата е вакцинирана.

Има многу повеќе вакцинирани отколку невакцинирани. И вакцинираните и оние кои примиле бустер доза, во просек, се постари луѓе и со поголема веројатност да имаат основни здравствени состојби што ги ставаат во ризик за тешки исходи од ковид. Сè уште гледаме дека невакцинираните луѓе се изложени на многу поголем ризик од смрт и други тешки исходи отколку вакцинираните и  луѓето кои примиле бустер доза, велат експерти за Ројтерс.

Професорот по медицина и онкологија на Медицинскиот факултет на Универзитетот Џон Хопкинс, Стјуарт Реј, укажа на вториот извештај на ЦДЦ објавен во ноември, кој покажува дека луѓето на возраст од 65 години и постари имале највисоки стапки на смртност од ковид-19, но вакцините продолжиле да го намалуваат ризикот на умирање во сите возрасни групи, а тоа го потврдува и извештајот на ЦДЦ (Центарот за контрола и превенција на болест од САД).

Од таа анализа е јасно дека кај возрасните групи, вакцинацијата го намалува ризикот од смрт од ковид-19 за 6 до 12 пати, во зависност од возрасната група, изјави Стјуард Реј за проверувачите на факти  на Ројтерс.

Според Извештајот на ЦДЦ, кој ги следи вакцините против ковид дадени во Соединетите Држави  и заклучно со 27 декември 2022 година, вкупно 268.143.349 милиони луѓе ја завршиле примарната вакцинација со две дози, што претставува 80.8 отсто од населението. Кај повозрасната група, 95 отсто од луѓето над 65 години ја завршиле серијата примарна вакцинација, покажува статистиката на ЦДЦ.

За ефикасноста на вакцините Вистиномер пишувал повеќепати. Дел од написите базирани на факти може да се погледнат тука.

За тоа дека вакцините се ефикасни и не се штетни говореше и проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика, на трибина на тема „Вакцинација и предизвици со ковид-19“.

Сигурен 100 процентен ефикасен третман уште немаме, но имаме некои јасни ставови за тоа дека вакцинацијата е најдобриот пристап во справување со епидемијата. Вестите и приказните за несаканите ефекти од разните видови на вакцини одеа циклично. Која вакцина ќе станеше достапна и популарна веднаш беше поврзувана со некои страшни приказни, многу од нив комплетно неосновани. Тие приказни се појавувале и ќе се појавуваат, не очекувам да застанат, но на овие милиони па и веќе милијадри покриени жители со вакцини, кога ќе ги сумираме бројките веќе гледаме дека станува збор за исклучително ретки случаи – кажа Петличковски уште во јуни 2021 година.

Така што, наспроти тврдењето во постот, фактите говорат дека вакцините немаат штетни последици врз здравјето на луѓето, а оваа наменски скроена објава манипулира и ги доведува читателите во заблуда.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Од француски воз била украдена торба со безбедносни планови за Олимпијадата во Париз

Инженерот кажал дека неговиот службен компјутер и двата USB-стикови содржеле чувствителни податоци во врска со …