Несмалени активности и успеси на Фото кино клубот „Прилеп“ и во услови на пандемија

Несмалени активности и успеси на Фото кино клубот „Прилеп“ и во услови на пандемија

Фото кино клубот (ФКК) „Прилеп“ – Прилеп е основан во далечната 1984 година, со цел едукација на млади луѓе, како и промоција на фотографската и филмската уметност. Почетоците на неговото функционирање се поврзани со организирање курсеви за фото и кино техника, а подоцна и со преземање иницијативи за асоцирање во одделни сојузи.

Во текот на своето три и полдецениско постоење, клубот има реализирано голем број проекти, а во повеќе наврати се јавил и како организатор на меѓународни и државни манифестации, школи и натпревари, поврзувајќи ги младите луѓе преку вклучување во настани кои ги истакнуваат нивните потенцијали во областа на фотографската и филмската уметност.

ФКК „Прилеп“ брои преку 100 членови кои активно учествуваат на домашни и меѓународни изложби и фестивали, за што зборуваат бројните освоени награди, дипломи и признанија.

Една од манифестациите на која членовите на Фото кино клубот учествуваат секоја година, е најпрестижното државно натпреварување од областа на фотографијата „Денови на македонска фотографија“, која е во организација на ФСМ.

Како што истакнува Кирил Штрков, претседател на ФСМ, „Денови на македонска фотографија“ е најстарата манифестација во областа на фотографијата во нашата земја, која ја негува печатената (материјализирана) фотографија, од причина што ФСМ верува дека завршното, конечното авторско дело се заокружува со процесот на печатење.

Главниот впечаток, пак, на Владимир Арсовски, мајстор на фотографија на ФСМ и претседател на жирито на 58 по ред „Денови на македонската фотографија“, е дека пандемијата на Ковид-19 остави белег и на оваа манифестација. Сепак, тој е особено задоволен што и оваа година младинците учествуваа со квалитетни фотографии кои, иако во намален обем, сепак беа охрабрувачки добри.

На годинешното издание на „Денови на македонската фотографија“ учество зедоа четворица членови на ФКК „Прилеп“, од кои двајца се закитија со награди. Во категоријата „поединечна фотографија“, Мери Бошкоска го освои првото место, додека кај младинците во категоријата „колекција“, на Димитар Ристески му припадна диплома.

Од ФКК „Прилеп“ нагласуваат дека и покрај специфичните околности настанати поради пандемијата на Ковид-19, клубот ќе ги реализира сите активности предвидени за тековната 2020 година.

Прочитајте повеќе

Искра Гешоска

Гете-медалот оди во Северна Македонија, во рацете на Искра Гешоска

Гете-медалот ќе го додели претседателката на Гете-институт Карола Ленц на церемонија на 28 август 2024 …