Независно судство – лесно се ветува, тешко се спроведува

Независно судство – лесно се ветува, тешко се спроведува

Во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во правосудството насловен:„На правосудството му е потребна финансиска „бустер“ доза“, меѓу другото се забележува дека независноста и кај судството и кај обвинителството, иако законски загарантирано, останува дискутабилно прашање на кое треба да се поработи во следниот период. Правниот експерт Натали Петровска како најпроблематичен сегмент во досегашните реформските процеси во правосудството го издвојува изборот, унапредувањето и разрешувањето на судии и јавни обвинители, пишува Вистиномер.

За реформата во судството се говори со години, а се споменува и во сите досегашни извештаи за прогресот на државта на патот кон Европската Унија.  Во таа смисла во последниот Извештај на Европската комисија  се апострофира дека владеењето на правото, постоењето на ефективен – независен, квалитетен и ефикасен правосуден систем, како и ефикасната борба против корупцијата, се од огромно значење за напредок на земјата. Во делот за правосудството овој документ на ЕК нотира дека „судскиот систем во Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност, односно е умерено подготвен“.

Постигнат е одреден напредок во однос на спроведувањето на стратегијата за реформи во судството, со што дополнително се спроведоа препораките од Венецијанската комисија и Групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото. Сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план за стратегијата за реформи во судството и стратегиите за човечки ресурси во судството и обвинителството.

Судските институции продолжуваат да ги применуваат новите правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување судии и обвинители. Беше донесен поголемиот дел од законодавството за спроведување на ревидираниот Закон за Советот на јавни обвинители.

Важно е да се продолжи со спроведувањето на правната рамка и стратешките планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Новиот Предлог на закон за Академијата за судии и јавни обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена точка за влез во судството и обвинителството и треба да обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии, се вели во Извештајот.

Во  овој документ на ЕК за напредокот на РСМ високо е потенцирана назависноста на судството и притоа се укажва дека:

Неопходно е да се продолжи со посветеноста кон целосно почитување на начелата за независност на правосудството, како и кон зголемена транспарентност, особено во работата на Советот за јавни обвинители. Важно е да се обезбеди дека правосудството е заштитено од каков било ризик или перцепција на несоодветно мешање однадвор.

Па, иако се создадени законски предуслови за обезбедување независност на судството, сепак во пракса тоа тешко се спроведува. Анализата направена од Коалицијата „Сите за правично судење“, покажува  дека и покрај сите измени на законите во работењето на Судскиот совет, сѐ уште можат да се најдат слабости што ја доведуваат во прашање независноста во судството, особено при постапките за избор на нови судии или претседатели на судови, но и при разрешување на судиите или примена на дисциплинските мерки.

Правниот експерт Натали Петровска како најпроблематичен сегмент од досегашните реформски процеси во правосудството го издвојува изборот, унапредувањето и разрешувањето на судии и јавни обвинители.

Независно судство – лесно се ветува, тешко се спроведуваИмајќи го предвид фактот дека помеѓу најголемите ризици од појава на корупција во судството претставуваат постапките за избор и унапредување на судии, отсуството на соодветни писмени образложенија во одлуките на Судскиот совет неизбежно влијае во довербата кон судството, а го отвора и прашањето за дискутабилноста на интегритетот и независноста на носителите на оваа функција. Како што е впрочем и добро детектирано во Извештајот на „Метаморфозис“ за „Следење на процесот на евроинтеграции: реформи во правосудството“ , вели Петровска.

Таа додава дека  за овие прашања, постојат дилеми не само помеѓу општата и стручна јавност која ги следи состојбите, туку и помеѓу самите судии кои, исто така, изразуваат недоверба во начинот на работа на самиот Совет и ја истакнуваат потребата од промени во досегашната пракса, покрај изборот и унапредувањата, и во постапките за разрешување на судии.

Во изминатиот период, за жал немавме можност да видиме системски промени, во самото „јадро“ на судската власт, како би констатирале задоволителен напредок на реформските процеси. Очигледно, ризикот од појава на корупција преку политичко влијание и вмешувањето на извршната власт во судската, преку Судскиот совет, а сосема соодветно би било тука да се додаде и Советот на јавни обвинители, бидејќи во изминатиот период бевме сведоци и на релативно нетранспарентни, односно недоволно образложени процеси на избор на обвинители, се теми на кои е неопходно да се разговара и во иднина и да се посвети сериозно внимание во креирање на новите реформски процеси и имплементирање на постоечките, смета Петровска

Независноста, ефикасноста и буџетирањето – главни проблеми

Во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во правосудството насловен:„На правосудството му е потребна финансиска „бустер“ доза, меѓу другото се забележува дека независноста и кај судството и кај обвинителството, иако законски загарантирано, останува дискутабилно прашање на кое треба да се поработи во следниот период.

Исто така, се констатира дека  транспарентноста на судството и обвинителството, иако е подобрена во споредба со состојбите од пред неколку години, и натаму е една од точките на кои треба да се работи.

Извештајот нотира дека иако ефикасноста  кај судството за новите предмети е задоволителна, сепак се соочува со можен конфликт во однос на квалитетот на испорачаната правда (од аспект на слабо образложени пресуди или невоедначеност на казнената политика), поради притисокот за завршување на предметите во законски прифатливи рокови, а во услови на недостиг на судии. Ефикасноста е дополнително доведена во прашање кај Јавното обвинителство поради евидентен недостиг од потребните обвинители, но и недостиг од многу луѓе во јавно-обвинителската служба.

Буџетирањето на судството и обвинителството се оценува како еден од најважните елементи во постигнувањето ефективна независност во областите. Според законските прописи, државата е главен извор на приходи и во судството и во обвинителството и тоа главно преку буџетот на државата, дел се обезбедува и од сопствени средства, а дел и преку грантови од меѓународни донатори.

Инаку, генерално за сите сегменти од правосудството државата одвојува околу 55 милиони евра на годишно ниво, иако само судството има потреба од над 90-ина милиони евра, според законската стапка за буџетирање од 0,8 отсто од БДП. Според буџетските проекции за 2022, севкупната сума би била околу 61 милион евра. Но, потребите се огромни и неопходни се многу повеќе пари и во судството и во обвинителството, секако и во другите области од правосудството.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Еврокомесарот за одбрана предупредува на руски напад

Еврокомесарот за одбрана предупредува на руски напад

„Се складираат безброј тенкови и секако се прашувам: Зошто Русија го прави ова?“, вели новиот …