Нинџа: Сè беше под контрола на УБК и паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ

Упадот во Собранието на 27 април беше командуван од паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. „За заедничка Македонија“ беше формирана од ВМРО-ДПМНЕ и имаше фиктивни водачи. На протестите на „За заедничка Македонија“ 80 отсто беа од ВМРО-ДПМНЕ, која ги даваше сите реквизити што се користеа. Сите водачи на протестите ги имам гледано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ кај Кирил Божиновски, рече обвинетиот Александар Василевски – Нинџа во својот денешен исказ пред судот во врска со настаните во Собранието на 27 април минатата годинa.

Тој рече дека бил ангажиран во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) од Горан Грујевски, а потоа му бил „очи и уши“ на Никола Бошкоски. Обајцата сега се избегани во Грција.

– Сите водачи на протестите ги имам гледано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ кај Кирил Божиновски – рече обвинетиот Александар Василевски – Нинџа.

Според него, оперативните податоци до кои што тој дошол велеле дека организаторите на протестите биле исплаќани од ВМРО-ДПМНЕ.

– Јас само ги видов во партијата со Кирил Божиновски, но не можев да ги видам нивните џепови – рече Нинџа.

Но малку подоцна, на вкрстено прашање, дали биле плаќани водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, или протестите ги воделе од патриотски причини, Нинџа одговори:

– Јас не сум ги видел со свои очи што имаа во џебовите кога излегуваа откај Кирил Божиновски, но од оперативни сознанија на Петтата управа знам дека биле плаќани од ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем и Никола Бошкоски ми кажа дека за тоа го информирал директорот на УБК, Владимир Атанасовски – рече тој.

Александар Василевски – Нинџа, исто така кажа дека по налог на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кога бил формиран „Фронтот за Македонија“ се сретнал со Ченто и Игор Југ. Задачата во однос на Југ била да процени дали е проруски ориентиран.

– Кон 15 април зовре состојбата и се скандираше против „тиранската платформа“. Во свест ни беше врежан патриотизмот. Никој од овие во судница не знаеше што може да се случи на 27 април. Тој ден околу 12:30 часот ми се јави директорот на УБК и ми кажа да бидам во Скопје, бидејќи има информации дека нешто ќе се случи – рече Нинџа.

Додаде дека околу 16 часот повторно му се јавил Атанасовски и му рекол дека има информации оти СДСМ ќе бира претседател на Собранието и оти тоа го знае и Ченто.

Нинџа пред судот истакна дека имал контакт и со Сашо Мијалков, кој го викнал да оди во „Мериот“ и штабот на ВМРО. Околу 18 часот бил во штабот на партијата, но Мијалков не бил таму. Таму, како што додаде, имало лица од парламентарниот командно-оперативен штаб на партијата – Бришковска-Бошковски, Божиновски, Јанакиески, Чавков.

Од тука, како што посочи Нинџа, се координирало што се случуваше на 27 април.

Бришковска-Бошковски кажала дека не поминало првото сценарио и пратениците не си ја завршиле работата и не предизвикале тепачка.

– Потоа му се јави на Трајко Вељаноски и му рече да се отворат вратите од Собранието, а во 19:15 му се јавил Атанасовски и му рекол да оди да известува од терен – додаде Нинџа.

Рече дека на една од клупите во „Жена парк“ го сретнал и Горан Грујоски, кој му рекол дека има седум до осум луѓе во Собрание од прикриени операции.

Одговарајќи на вкрстени прашања од обвинителството Александар Василевски-Нинџа рече дека УБК ги следело Зоран Заев, Зоран Верушевски и Оливер Спасовски, иако тогаш бил министер за внатрешни работи. Додаде дека бил следен и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу кому му биле поставени камери кога не бил дома.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …