Новинарска екипа на ТВ24 нападната на митингот на ВМРО-ДПМНЕ

Новинарска екипа на ТВ24 нападната на митингот на ВМРО-ДПМНЕ

Новинарска екипа на Телевизија 24 вчеравечер била нападната од едно лице за време на партискиот митинг на партијата ВМРО-ДПМНЕ пред Владата.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осуди агресивниот однос и вербалните закани од непознато лице кон новинарката Елизабета Дамјановска и нејзиниот колега снимател од телевизијата.

Според изјавата на новинарската екипа, за време на синоќешниот прв партиски митинг на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од страна на агресивно лице имало непријатен инцидент кој ја загрозил безбедноста на новинарката и снимателот. Лицето најпрво започнало да ја навредува и омаловажува телевизиската екипа упатувајќи погрдни зборови и пцости општо за сите новинари, а потоа ова ескалирало и со закани кон нив со што предизвикал чувство на страв и несигурност.

„ЗНМ потсетува дека новинарите имаат својство на службени лица и дека напад кон новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело кое се казнува со казна затвор“, велат од ЗНМ.

Здружението бара од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и од останатите учесници во изборната кампања, да го осудат нападот кон новинарската екипа на ТВ 24 и порачува вакви инциденти да не се повторуваат.

„Освен ова, укажуваме дека агресивниот говор и говорот на омраза кон новинари може да предизвикаат дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси“, се вели во реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …