Новогодишната ноќ помина мирно, граѓаните ги почитувале мерките за заштита од ковид-19

Дочекот на 2021 година во земјава поминал мирно, покажуваат извештаите на здравствените власти и на МВР. Во Ургентниот хируршки центар за време на новогодишната ноќ извршени се десетина прегледи и приеми, споредбено со 30, 40 колку што имало во изминатите години, информираат од Министерството за здравство.

Десетина прегледи и приеми се изведени и на Клиниката за токсикологија, исто така многу помалку споредбено со 30-тина случаи кои биле примени во претходните години.

Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиумите информираше дека новогодишната ноќ поминала мирно за дежурните екипи споредбено со претходните години.

„Навистина се почитувале мерките, да нема прослави, да нема групирање и тоа е една голема заслуга и на граѓаните“, рече Филипче.

Инаку, и Министерството за внатрешни работи регистрирало воглавно мирен дочек на 2021. Самостојно и во соработка со Државниот пазарен инспекторат, од 31 декември на пладне до 1 јануари во 4 часот, контролирани биле 288 угостителски објекти во Скопје, додека двајца биле приведени за нарушување на јавниот ред и мир.

„Од преземените мерки и активности не се констатирани неправилности при спроведување на протоколите во врска со ковид-19. Во текот на ноќта констатирани се осум прекршоци од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир“, информираат од МВР.

На 31.12.2020 во 18.40 часот на ул.„Иван Козаров“, пред угостителски објект, поради нарушување на јавниот ред и мир приведени се М.Н.(18) и И.Д.(18) и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Констатирани се и 29 прекршоци за неносење лична заштита.

На подрачјето на СВР Скопје, во текот на новогодишната ноќ евидентирани се три пријави за прославување на новогодишната ноќ од поголема група луѓе, и тоа на подрачјето на Карпош во стан на бул.„Партизански одреди“, на подрачјето на Центар на бул.„Илинденска“ и на подрачјето на Бит Пазар, во Старата чаршија. По комплетно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Во текот на вчерашниот ден (31.12.2020), МВР регистрирало помалку изречени казни во споредба со вообичаените денови. На територијата на град Скопје изречени се вкупно 65 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 4 санкции, 8 мерки за користење на мобилен телефон, 4 за нерегистрирани возила. Изречени се 2 санкции за возење под дејство на алкохол, како и 20 мерки за непрописно паркирани возила.

Според дневниот билтен на МВР, пред новогодишната ноќ и во часовите по неа на територијата на земјава биле регистрирани три сообраќајни несреќи, во кои девет лица се здобиле со потешки или полесни телесни повреди.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …