Денеска во 9.30 часот, во Гинеколошко-акушерското одделение на Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, се роди првото женско дете во општина Прилеп.

„На семејството Ѓорѓиеви им го честитам раѓањето на нивното второ дете и на сите ним им посакувам добро здравје. Мајката Ангела и новороденчето се чувствуваат одлично. Драго ми е што е задоволна од условите во болницата и персоналот, заради што сакам да им честитам и да им се заблагодарам на вработените и на стручниот тим од Општата болница за одличната организација, но и за се’ што прават досега од почетокот на кризата со Ковид-19. Уште еднаш, на сите граѓани на општина Прилеп им ја честитам Новата 2021 година и посакувам таа на сите да ни биде многу посреќна“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, предавајќи ги подароците кои Општина Прилеп ги подготви за првото новороденче во Новата 2021 година.

„Првото новородено дете е женско, тешко е 2.950 грама, со одлични витални параметри, мајката се чувствува одлично, а јас им посакувам во понатамошниот живот се’ најдобро. Сакам да истакнам дека условите во Гинеколошко-акушерското одделение се прекрасни, реновирани се двата оддела и родилните сали и имаме доволно персонал кој може да одговори на барањата на граѓаните. Имаме прекрасни луѓе во Гинеколошко-акушерското одделение, кои од се’ срце им помагаат и учествуваат во лекувањето и негата на пациентите“, истакна Драги Богојески, директор на прилепската Општа болница „Борка Талески“.

„Сакам да и’ честитам на мајката за нејзиното новороденче. И двете се во добра состојба. Би ги повикала и другите трудници и жени во Прилеп доколку имаат потреба да го посетат нашето одделение, бидејќи условите во него се добри“, рече д-р Весна Мијакоска-Кочова.

„Среќна Нова година и среќни Божикни празници, да сме здрави и живи. Ние со Инес поминавме убаво, а презадоволни сме од условите во болницата и од персоналот. Поминавме лесно, посакувам таква да биде и годината. Мојата препорака до сите жени е да доаѓаат во болницата во Прилеп, тука да ги раѓаат своите деца, бидејќи овде постојат прекрасни услови со прекрасен персонал“, потенцираше Ангелка Ѓорѓиева, мајка на првото новороденче во 2021 година во Прилеп.