Обединетото Кралство ја зголемува хуманитарната поддршка за болниците и пожарникарите во Украина

Обединетото Кралство ја зголемува хуманитарната поддршка за болниците и пожарникарите во Украина

Повеќе амбулантни и противпожарни возила ќе бидат испратени во Украина како дел од континуираната поддршка од Обединетото Кралство за оваа земја, информираат од британската влада. Финансиски средства за здравствените експерти и медицински материјали за спасување на човечки животи ќе бидат исто така дел од континуираната силна солидарност на Обединетото Кралство со Украина, објави денеска британскиот премиер Борис Џонсон.

Во Украина досега се уништени повеќе од 100 противпожарни станици и 250 противпожарни возила, а регистрирани се и повеќе од 130 напади врз здравствени установи од почетокот на инвазијата. Обединетите Нации веќе регистрираа повеќе од 4.800 цивилни жртви.

Обединетото Кралство ќе ја снабди Украина со 22 нови амбулантни возила, кои се опремени со комплети за болничарите и медицинските работници. Ова е дополнителна пратка на веќе објавената поддршка во амбулантни возила од британскиот национален здравствен фонд. Амбулантните возила наредниве денови ќе заминат во Украина како одговор на барањето од украинската влада.

Два дополнителни конвоја со повеќе од 40 противпожарни возила со 10.000 парчиња специјална облека за пожарникарите, 300 противпожарни црева и друга опрема веќе пристигнаа во Украина и тие пружаат витална поддршка за пожарникарите на терен. Ова е најголема противпожарна поддршка што некогаш била испратена од Обединетото Кралство.

Обединетото Кралство веќе се обврза да обезбеди гаранции до 1 милијарда долари за заемите за поддршка од мултилатералните банки за развој, како што е Светската банка, кои ќе ја обезбедат финансиската помош за зајакнување на украинската економија и да им овозможи на владата во Киев да продолжи да ги обезбедува основните услуги. Досегашната хуманитарна поддршка за актуелната украинска криза е околу 400 милиони фунти.

Ваквата поддршка доаѓа заедно со посветеноста на премиерот Борис Џонсон да продолжи да обезбедува одбранбена воена помош за Украина, вклучувајќи возила, беспилотни летала и противтенковско оружје. Минатата недела Џонсон објави дека украинскиот персонал се тренира за употреба на оклопни возила во Обединетото Кралство.

„Новите амбулантни возила, противпожарни возила и средствата за здравствени експерти објавени денеска ќе го опремат подобро украинскиот народ за да пружи витална здравствена заштита и да се спасат животи“, изјави премиерот Џонсон.

Добротворната организација за медицинска помош UK-Med ќе добие средства од 300.000 фунти од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и Развој (FCDO) за да помогне во обуката на украинските лекари, медицински сестри и болничари за тоа како да се справат со голем број на жртви. Тие ќе донираат и мобилни здравствени објекти за поддршка на најранливите групи на цивили кои остануваат во Украина, првенствено постари лица и деца.

Обединетото Кралство донира и лекови и фармацевтски материјал во вредност од 300.000 фунти преку UK-Med кои би можеле да поддржат болница во период до шест недели.

„Кремљ продолжува да лаже за намерните напади врз болниците во Украина и неселективното таргетирање на цивили. Нашата витална хуманитарна поддршка сега ќе помогне да се спасат животи и да се испорача медицинска експертиза на првата линија“, изјави министерката за надворешни работи на Велика Британија, Лиз Трас.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Многу аплаузи за Зеленски во Бундестагот-бојкот од АфД и БСВ

Многу аплаузи за Зеленски во Бундестагот-бојкот од АфД и БСВ

„Наш заеднички интерес е Путин да ја загуби оваа војна“, рече украинскиот претседател во емотивниот …