Обраќање на претседателот Пендаровски на јавна дебата: „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми - состојба и предизвици“

Обраќање на претседателот Пендаровски на јавна дебата: „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми – состојба и предизвици“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на јавната дебата на тема „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми – состојба и предизвици”, во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), а под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Почитувани,

Имам особена чест и задоволство да ве поздравам како домаќин на денешната јавна дискусија на тема „Дискриминирачки говор во дигиталните медиуми-состојба и предизвици“. Овој настан е продукт на соработката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Институтот која започна со потпишувањето на меморандум за соработка со цел поддршка на националната борба против дискриминирачкиот говор и другите негативни појави во интернет просторот.

Длабоко сум убеден дека соработката и заедничките акции на сите чинители во општеството се клучни во борбата против дискриминирачките содржини во интернет-просторот, но и воопшто во јавниот говор. Спречувањето на оваа појава која сериозно ги разнишува основните темели на секое општество кое цели кон инклузивност, мора да стане национален приоритет. Комуникацијата не смее да биде сведена, како сега, во голем дел, на негативна енергија, фрустрации, напади врз личноста, дискриминирачки говор или говор на омраза.

За таа цел, превенцијата е клучна. Затоа не треба да дозволиме дискриминирачкиот говор да прерасне во говор на омраза и со тоа да ги поткопа темелите на едно општество кое треба да почива на коректна комуникација и аргументирана дебата. Во нашите домови, на работното место, во јавноста и на социјалните медиуми мораме да ја вратиме пристојноста во комуницирањето и да ја мериме тежината на нашите зборови. Или, како што вели народната мудрост, зборот коски нема, ама коски крши. За жал, токму во интернет просторот каде што не постојат физички бариери сè помасовни се примерите на омаловажување, напади без основ, клевети каде што, наместо за комуникација меѓу нас, зборовите служат како инструмент за напади и дисквалификација.

Клучно е сите оние кои се кријат зад удобноста на тастатурата да бидат свесни дека се одговорни за напишаното или кажаното. Дискриминацијата не препознава етничка или религиска припадност, пол, род или сексуална ориентација. Напротив, дискриминацијата еднакво боли и ја повредува секоја личност, го подрива нејзиниот интегритет и самодоверба и остава трајни последици врз човекот, неговите најблиски, но и врз општеството во целина.

Како јавна личност, како политичар, понекогаш сум изложен на несоодветно изречени зборови и обиди за лична дискредитација, така што можам и лично да посведочам за ова што предмалку го реков.

Дозволете во оваа прилика уште еднаш да подвлечам дека е неопходно инволвирањето на граѓанскиот сектор како репрезент на пошироката јавност. Системот на санкции, закони и казни не е доволен ако не работиме на креирање на позитивна атмосфера, со цел, превенирање на негативните појави. Сакам да верувам дека сеуште сме во фаза кога наместо да се лечи, може и да се спречи и затоа апелирам длабински да се соочиме со оваа комплексна проблематика. Да не одложуваме, да не прикриваме или да креваме раменици. Работата е до таму отидена што мораме да се соочиме со реалноста и да понудиме адекватни решенија и идеи.

Почитувани,

Пристапот до интернет е без сомнение една од најголемите придобивки во историјата на човештвото. Дигиталните технологии претставуваат алатки кои го поддржуваат развојот на демократијата на глобално ниво. Тие се канал за непречена комуникација и извор на информации за милијарди луѓе низ светот. Затоа, не смееме да дозволиме поединци или групи, со користењето на дискриминацискиот говор и говорот на омраза, да ги редуцираат или поништат овие придобивки преку злоупотреба на слободата на говорот.

Оставајќи простор за вашите размислувања, би сакал уште еднаш да се заблагодарам на Комисијата и на Институтот на оваа иницијатива и да ја изразам својата поддршка за нивните понатамошни активности. Наша заедничка цел е да го деконтаминираме дигиталниот простор, но и воопшто јавниот простор и нашето секојдневие од дискриминирачката реторика. Верувам дека со заеднички напори на сите релевантни чинители и обединување на нашите знаења и искуства можеме да дадеме прилог во таа насока.

Прочитајте повеќе

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Гала премиерата на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, што се одржа на 9 декември …