Обраќање на претседателот Пендаровски на Визионерската работилница со млади

Обраќање на претседателот Пендаровски на Визионерската работилница со млади

Во Кабинетот на претседателот денеска се одржа Визионерска работилница со млади, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија.

Целта на работилницата е преку утврдување на нивните главни предизвици, младите да придонесат и да учествуваат во креирање на визијата за иднината на државата во следните 20 години. Денешниот процес на визионирање се надоврзува на процесот на креирање на МКД 2030, во деловите што се во интерес на младинските политики.

Во обраќањето до младите претседателот Пендаровски посочи дека е незамисливо да зборуваме за визијата на нашата земја за следните десет или дваесет години, без активно учество на популацијата која е најзасегната, која треба да биде двигател на промените во државата и на севкупниот општествен прогрес.

„На денешната работилница ќе имате можност да дискутирате за главните предизвици со кои се соочувате, да ги искажете вашите желби, планови и видувања за тоа во какво општество сакате да живеете. Задоволство ми е што токму мојот Кабинет е денеска домаќин на една ваква работилница, затоа што како ваш поддржувач сметам дека само заеднички можеме да креираме подобра иднина за сите вас. Да најдеме решенија за актуелните недостатоци, да ги превенираме негативните трендови и да носиме функционални политики, кои ќе ги вклучат вашите потреби, со што ќе ја намалиме миграцијата и одливот на стручни кадри“, истакна во обраќањето претседателот Пендаровски.

Тој потенцираше дека младите беа меѓу главните партнери за консултација и при изработката на Рамката за развој МКД 2030.

„Факт е дека најголемата одговорност треба да ја преземат државата и институциите, но, за креирање на успешна развојна стратегија, која сакаме да испорача резултати на среден и на долг рок за нашата држава да стане подобро место за живеење, неопходно е да партиципираат сите чинители во општеството – и теоретичари и практичари, од бизнис секторот, академската заедница, од граѓанските здруженија, вклучително и секој поединец со добри идеи. Имаме најголеми очекувања од вашата генерација, која благодарение на глобализацијата и дигиталната писменост има поголем пристап до информации и далеку повеќе потенцијал за нудење на креативни концепти“, рече во обраќањето претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски ја поздрави поддршката од УНДП за процесот на изработка на Рамката за развој МКД 2030 и Националната стратегија за развој 2022-2042, како и нивната иницијатива преку која се имплементираат визионерски работилници со низ целата земја, со различни групи на граѓани со цел да се добие што е можно поинклузивен процес на изработка на Националната развојна стратегија.

На работилницата се обратија и заменик претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за образовaние, Јетон Шаќири.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …