Обвинение против Алек Болдвин за убиство од небрежност

Обвинение против Алек Болдвин за убиство од небрежност

Алек Болдвин и оружарката на снимањето на филмот „Рѓа“ (Rust) треба да одговараат на суд поради убиството на снимателката Халина Хачинс во октомври 2021 година.

Една и пол година откако на снимање на филмот „Рѓа“ беше смртно застрелана снимателката Халина Хачинс, подигнато е обвинение против холивудската ѕвезда Алек Болдвин и против оружарката на филмот Хана Гутиерез-Рид. Обвинителството во американската сојузна држава Њу Мексико ги товари двајцата за убиство од небрежност. Во случај да бидат прогласени за виновни, тие се соочуваат со казна затвор до пет години.

„Крајна непромисленост“

Во случајот на Болдвин, Обвинителството зборува за неколку „крајно непромислени дејствија“ или непромислено откажување од мерките на претпазливост во деновите и минутите пред смртниот истрел. Болдвин, кој покрај главната улога бил и продуцент на филмот, при вежбање на една сцена ракувал со пиштолот што го испукал фаталниот истрел на 21 октомври 2021 година. Хачинс почина малку подоцна, а режисерот Џоел Соуза беше погоден во рамото и повреден.

Смртта на Халина Хачинс предизвика трогнатост - и дебата во Холивуд за употребата на оружје на филмскиот сет
Смртта на Халина Хачинс предизвика трогнатост – и дебата во Холивуд за употребата на оружје на филмскиот сет

Истрагата го товари Болдвин дека извадил вистински револвер и пукал во насока на Хачинс, иако во таква ситуација вообичаено се користат макети. Снимката од ситуацијата на пробата го покажува прстот на Болдвин во близина на чкрапалото. ФБИ анализираше дека пиштолот не може да пука без да се повлече чкрапалото. Болдвин е обвинет и дека не учествувал во обуката за ракување со огнено оружје на филмскиот сет. Но, имало и повеќекратни прекршувања на безбедносните правила и протоколи што резултирале со тоа на Болдвин да му биде предадено оружје со вистински куршуми.

Двајцата обвинети се изјаснија за невини

Болдвин и Гутиерез-Рид тврдат дека не се виновни. „Господин Болдвин немал никаква основа да верува дека оружјето е наполнето со вистинска муниција или дека некаде на сетот има таков патрон“, вели адвокатот на Болдвин, Лук Никас. „Тој им верувал на професионалците со кои работел.“

Портпаролката на окружното обвинителство рече дека тие се „целосно фокусирани на правдата за Халина Хачинс“ и дека „доказите и фактите зборуваат сами за себе“.

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …