Од 51 седница на Влада: Обезбедени средства за бонус за здравствените работници за период од девет месеци, усвоена е Агенда: Европа дома

Од 51 седница на Влада: Обезбедени средства за бонус за здравствените работници за период од девет месеци, усвоена е Агенда: Европа дома

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од реструктуирање на Проектот за итно справување со КОВИД-19 во Република Северна Македонија, односно на заемот од Светска Банка во висина од 90 милиони евра, и за оваа своја намера да ја извести банката.

Со реструктуирањето на планот за користење на овој заем ќе се обезбедат средства за  финансиска награда за здравствените работници за зголемен обем на работа во борбата со КОВИД-19 во висина од 7,7 милиони евра за исплата на планираниот бонус за период од девет месеци, односно од април заклучно со декември 2020 година.

Дел од средствата ќе бидат пренаменети за набавка на опрема за регионалните здравствени центри, како и за финансирање на набавка на вакцини.

Владата на Република Северна Македонија денеска донесе одлука да се спроведе едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за заштита и за имунизација на населението од КОВИД-19 и го задолжи Генералниот секретаријат во рок од 15 дена во координација со Министерството за здравство и со Секторот за односи со јавност на Владата да спроведе јавна набавка за избор на идејно и креативно решение и за реализација на кампањата.

Во планирањето и спроведувањето на информативната кампања, Владата на Република Северна Македонија ќе работи транспарентно и отчетно за да се обезбеди високо ниво на информираност, сензибилизираност, мотивираност и учество на граѓаните во справувањето со КОВИД-19 и за прифаќање на процесот на имунизација.

Владата ќе спроведе и едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за справување со корупцијата тргнувајќи од оценката дека од особена важност е и граѓаните и државната администрација да се мобилизираат во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која го разорува општеството по сите основи.

Во информацијата усвоена на седницата, нагласено е дека комуникацијата во едукативните кампањи ќе биде релевантна и поврзана со прашања од највисок интерес на граѓаните, објективна, информативна и непристрасна и ослободена од политичко-идеолошки бои или позадини.

Карактеристика на едукативните кампањи ќе биде пропорционалност и рационалноста во соодветното искористување на ресурси кое ќе гарантира дека вложените средства и ресурси ќе бидат насочени на ефективен начин за да се предизвика соодветна општествена промена за која нема дилеми дека е неопходна.

Владата ја разгледа и утврди „Агенда Европа дома“, како документ кој е комплементарен на различните стратешки документи и целосно ги отсликува заложбите на Владата и Акција 21, рефлектирани во Буџетот и Фискалната политика и планираните инвестиции во текот на годината.

Станува збор за хоризонтален документ-водилка на патот на европеизација на Северна Македонија, алатка за насочување на ресурсите кон клучните реформи и очекуваните резултати кои се неопходни за извештајот на Европската комисија за оваа година да биде повторно со позитивна конотација.

Ваквиот пристап ќе овозможи фокусирано и сеопфатно следење на напредокот во клучните области како што се изборните реформи, правосудството, борбата против корупција и организиран криминал, темелни човекови права, реформи во медиумската сфера, економско владеење, реформа на јавната администрација.

Поради важноста на животната средина и климатските промени, не само во националниот контекст, туку и согласно Зелената агенда за Западен Балкан на ЕУ, вклучени се приоритетни цели и активности и за оваа област.

За соодветна подготвеност на институциите и Владата за процесот на пристапни преговори, вклучени се приоритетни цели и активности за ревизија на механизмот за управување и координација на пристапните преговори.

Владата го задолжи Секретаријатот за европски прашања да подготвува неделен пресек за статусот на спроведување на мерките, за кои заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања ќе ја информира Владата на секоја седница во рамките на редовната предточка „Статус на европската интеграција“ почнувајќи од 16.3.2021 година.

На предлог на Министерството за финансии Владата денеска го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, по скратена постапка со кој во насока на обезбедување на понатамошна поддршка на самостојните вршители на дејност при справувањето со последиците од коронавирусот, се предлага продолжување на мерката-ослободување од обврската за плаќање на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2021 година.

Предложените измени се со цел да се обезбеди поддршка на занаетчиите-паушалисти во справувањето со последиците од коронавирусот, и се дава можност самостојните вршители на дејност во 2021 година да плаќаат за 50% помали аконтации во однос на претходната година како олеснителна мерка за справување на последиците од кризата заради КОВИД-19.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за изнаоѓање решение за Ски центарот Попова Шапка, како и можноста Елем Турс да се одвои од АД Електрани на Северна Македонија за да функционира како самостоен субјект во рамките на Владата.

Целта на овaа иницијатива, во која учествуваат Министерството за економија, Елем Турс Скопје, Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Општина Тетово, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Граѓанска иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка” е да се разгледаат сите можности за креирање на модерен, високо квалитетен скијачки центар од национално и меѓународно значење и максимална грижа за постигнување рамнотежа помеѓу природните еко-системи и природните убавини на Шар Планина.

Владата на Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата и донесе одлука за продолжување на постапката за основање на Туристичка  развојна зона „Сарај – Езеро Треска“.

Постапката за основање на Туристичка  развојна зона „Сарај – Езеро Треска“ ќе се спроведува согласно Законот за туристички развојни зони со уредени погодности за инвестирање во проекти со посебна намена.

Прочитајте повеќе

ЦИВИЛ бара да се сопре насилството и национализмот: Кој даде „амин за јуриш“?

ЦИВИЛ бара да се сопре насилството и национализмот: Кој даде „амин за јуриш“?

ЦИВИЛ најостро ги осудува ширењето на етничката омраза и повиците на насилство кои навивачките групи …