Премиерот Заев и вицепремиерот Димитров за „Агенда: Европа дома“: Го презентираме патоказот за европеизацијата на македонското општество

Премиерот Заев и вицепремиерот Димитров за „Агенда: Европа дома“: Го презентираме патоказот за европеизацијата на македонското општество

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, по владината седница на која беше усвоен документот „Агенда: Европа дома“, на прес-конференција информираа за деталите од оваа Агенда со која се потврдува владината одлучност да се имплементираат европските стандарди и вредности во секој сегмент од нашето општество.

На прес-конференцијата на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, премиерот Заев информираше дека планот е подготвен од вицепремиерот Димитров со тимот од Секретаријатот за европски прашања и во консултација со повеќе ресорни министерства и дека станува збор за агенда на Владата и за другите институции како што се Собранието, правосудните органи, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, како и други агенции и комисии, кои во соработка со Владата, ќе ги завршат преостанатите активности за целосна европеизација на системот и на нивната работа според стандардите на ЕУ како наши одредници.

„Во „Агенда: Европа дома“ се преточени принципите и заложбите поставени како приоритет во владината „Акција 21“ со која ја потврдивме нашата одлучност да ги имплементираме европските стандарди и вредности во секој сегмент од нашето општество. „Европа дома“ е своевиден роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системите. Преку тоа граѓаните да добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија и дека природно припаѓа во европското семејство народи“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата појасни дека документот е подготвен врз основа на обврските кои се преземени во рамките на заедничките тела меѓу Северна Македонија и Европската Унија, а кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на Европската комисија, како и дека низ реализацијата на овие европски реформи ќе ги исполниме и препораките од Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од групата високи експерти, од оценските мисии и од други меѓународни извештаи.

„За секоја приоритетна област се наведени прецизни цели, активности, надлежни институции за спроведување на активностите и рокови за нивна реализација. Документот беше консултиран со граѓански организации кои работат во областа на европските интеграции, како и со Делегацијата на Европската Унија. Оваа граѓанска Влада успеа да ја постави земјата на патот на безбедноста и сигурноста и постигна значителен напредок во клучните политички и економски области. Тој напредок е признаен од сите наши стратешки партнери. Станавме 30-та членка на НАТО и добивме едногласна, безусловна одлука од Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори“, посочи претседателот на Владата Заев.

Осврнувајќи се на одложувањето на првата Меѓувладина конференција за официјално започнување на пристапните преговори, премиерот Заев нагласи дека Владата покажа одважност да се соочи со предизвиците, со посветена работа резултатите сигурно ќе дојдат, а прашањето со Бугарија се надминува со политички и дипломатски напори.

„„Агенда: Европа дома“ е нашиот искрен влог во европската агенда како наша суштинска определба. Европеизацијата на македонското општество не смее да чека, а нашиот план за завршните процеси за оваа наша агенда очекуваме да ни донесе исто толку позитивен извештај и за оваа 2021 година. Јас само сакам да нагласам дека таа се надоврзува на досието на Северна Македонија во Брисел кое е кристално чисто според извештајот за 2020 година, со безусловна препорака за старт на преговорите. И за тоа македонските граѓани треба да се горди“, подвлече премиерот Заев.

На прес-конференцијата беше информирано дека документот „Агенда: Европа дома“ во својата реализација се потпира на новата структура на Методологијата за пристапување кон ЕУ, односно на кластерот Темели, а при изработката се консултирани најдобрите европски практики со сите земји членки и од нив има безрезервна поддршка.

Акцентот, со конкретни задачи, надлежни институции и рокови е ставен на изборните реформи, на правосудството, на борбата против корупцијата и организираниот криминал, на темелните човекови права, на реформи во медиумската сфера, на економското владеење и на реформата на јавната администрација. Поради важноста на животната средина и климатските промени, не само во националниот контекст, туку и согласно Зелената агенда за Западен Балкан на ЕУ, вклучени се приоритетни цели и активности и за оваа област.

„Во соработка со Собранието го продолжуваме консолидирањето на законската и институционална рамка за спроведување на изборниот процес согласно европските и меѓународните стандарди односно влегуваме во сеопфатна ревизија на законската рамка во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Со правосудните институции тргнуваме во насока на целосна имплементација на законската рамка и јакнење на капацитетите во правосудството. Првите чекори што ги предвидува агендата се донесување на подзаконски акти за ефикасна примена на Законот за јавното обвинителство; зајакнување на човечките и финансиските ресурси на Советот на јавни обвинители, усвојување на редовна пракса на транспарентни и образложени одлуки за избор и унапредување на судии и јавни обвинители и транспарентна евиденција за постапките за нестручно и несовесно вршење на судиската и јавно обвинителска функција и дисциплинска одговорност“, посочи премиерот Заев и дополни дека во борбата против корупцијата утврдени се роковите за екипирање и дигитализација на истражните центри во сите надлежни институции.

Претседателот на Владата Заев истакна дека следува операционализација на Националната платформа за интероперабилност за потребите на надлежните органи за борба против корупција, како и нова Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023 за чија имплементација ќе одговара Национална комисија за следење на мерките од стратегијата.

Во обраќањето вицепремиерот Димитров посочи дека целта на „Агенда: Европа дома“ не е да ги замени веќе постоечките стратегии, акциски документи и самата Програма за работа на Владата, туку напротив, тој е целосно комплементарен и ги отсликува реформските заложби.

„Но, она што овој хоризонтален документ треба да го овозможи е мапирање на клучните чекори и нивно будно следење, заедно со притисок за исполнување на дадените рокови. Она што е важно во креирањето на секоја стратегија се механизмите за контрола на спроведувањето. Документот што го имаме дава јасна слика не само на сите задачи што се поставени во нашиот реформски план и што имаме обврска да ги исполниме, туку и точно делегира надлежности и одговорност“, истакна вицепремиерот Димитров и дополни дека станува збор буквално за патоказ што ќе треба да го следат сите надлежни институции спроведувајќи реформски чекори што СЕП ќе ги мониторира, турка и за чијашто динамика на исполнување или застој редовно ќе информира.

Заменик-претседателот на Владата Димитров наведе дека во финална фаза на подготовка е Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија за периодот 2021-2025, во која детално се предвидува усогласување на сите поглавја од европско право во домашното законодавство.

„Реформскиот процес, процесот на европеизација, е долг. Всушност, тој никогаш не запира, бидејќи секогаш ќе се стремиме кон подобро, прифаќајќи ги напредокот и развојот на европското законодавство, на вредностите, на технологијата. Затоа, никогаш нема да се откажеме од нашиот пат, од европеизацијата, од владеењето на правото и бескомпромисната борба против корупција, од почитување и заштита на демократските принципи и основни човекови права, од силна економија, од слободни медиуми. За да успееме на овој пат, мора да сме добро организирани, и координирани и да се осигуриме дека одговорноста ја чувствуваме сите, исто како што сите учесници во една штафета се подеднакво одговорни палката да стаса до целта“, подвлече Димитров.

Вицепремиерот посочи дека СЕП ќе го следи спроведувањето на неделна основа и ќе ја информира Владата на секоја седница со неделен пресек на имплементацијата, дополнително, врз основа на податоците за спроведувањето ќе подготвуваат и до Владата ќе доставуваат Извештаи за спроведување на „Агенда: Европа дома“, и тоа во мај, во септември и во декември оваа година.

На прес-конференцијата беше истакнато дека сите реформи се спроведуваат на принципиелна основа, низ темелно согледување на состојбите и систематско решавање на проблемите, а не со избрзани и половични решенија. Воедно беше посочено дека овoj момент нема да биде испуштен, бидејќи спроведувањето на обврските од „Агенда: Европа дома“ е во интерес на граѓаните и нашата земја.

Прочитајте повеќе

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Истражување: Еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини над 80.000 денари

Големо мнозинство од испитаниците (83,8%) рекле дека сметаат оти студентите не можат да ги си …