Oд новиот е-дневник наставниците нема да ги боли глава, уверуваат надлежните

Oд новиот е-дневник наставниците нема да ги боли глава, уверуваат надлежните

„Сега има елегантни решенија, на пример, при отпишувањата и запишувањата на ученици во текот на учебната година или трансфери на наставници низ училиштата, потоа има подобрувања во делот за менаџирањето со паралелките, отсуствата, оценките и поведенијата“, објаснуваат за Мета.мк во МОН

Софтверското решение со единствена база на податоци и централна администрација, заедно со вградените оптимизации треба да ги реши техничките проблеми со внесот на податоците во електронскиот дневник, велат надлежните во Министерството за образование и наука (МОН), на прашањата на Мета.мк поврзани со функционирањето на новиот електронски дневник во кој ќе се внесува целата педагошка евиденција. Ова ќе значи дека веќе не би требало да се случува да не се регистрираат внесените оценки кога наставниците се обидуваат да ги внесат, што беше проблем пред крај на полугодие или на учебна година, кога оптoвареноста на системот е голема.

Oд новиот е-дневник наставниците нема да ги боли глава, уверуваат надлежните
Фото: Скриншот од е-дневник (со корисничко име на родител)

Што сега е подобрено и што е она што ќе биде подобрено оваа учебна година, за да се сведат на минимум техничките проблеми кои постоеја изминативе години? Од МОН со одговор дека сега ќе има единствено софтверско решение.

„Главното подобрување се состои во тоа што за разлика од досегашното решение кое беше збир од два различни системи развиени на различни платформи што мораа постојано да се синхронизраат, сега имаме само една софтверска солуција со единствена база на податоци и централна администрација. Ваквиот пристап, заедно со вградените оптимизации треба да ги реши техничките проблеми со внесот на податоците“, велат оттаму.

Како што објаснуваат одговорните, на наставниците и на училишните администратори сега им се овозможени дополнителни автоматизации и олеснувања, вклучувајќи ги таканаречените брзи команди, гарантираниот „single entry“ пристап каде што корисникот само еднаш го внесува податокот, а тој понатаму се пропагира секаде каде што е потребно.

„Сега има елегантни решенија, на пример, при отпишувањата и запишувањата на ученици во текот на учебната година или трансфери на наставници низ училиштата, потоа има подобрувања во делот за менаџирањето со паралелките, отсуствата, оценките и поведенијата“, додаваат во МОН.

Оптимизациите и подобрениот систем се резултат на пријавените проблеми и добиените предлози од страна на самите наставници и училишни администратори.

„Овој систем покрај што е развиван на база на техничката спецификација како задолжителна обврска, дополнуван е со функционалности и содржини коишто произлегоа од интеракцијата на изведувачите со клучните корисници, на што МОН инсистираше и за што ги обезбеди сите потребни услови“, појаснуваат оттаму.

За да знаат да го користат новиот е-дневник, наставниците мораше да одат на обуки летово. Во МОН за Мета.мк информираат дека обучени се сите клучни корисници на МОН и поврзаните институции, како и сите номинирани училишни администратори според системот „train the trainer“.

„Тие понатаму го преземаат оспособувањето на корисниците во нивна надлежност. Овој процес треба да се комплетира во фазата на таканареченото пилотирање на системот, период во кој ќе бидат на располагање и дополнителни тематски обуки“, велат во МОН.

Електронскиот дневник е развиен за да ги вклучи сите промени во образовниот систем кои ги донесе новата Концепција на образование, не само во начинот на реализација, туку и во начинот на евидентирање на наставата.

„Има и други низа функционалности, вклучувајќи оптимизации на наставните планови и програми и креирани се специјални извештаи за Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обуки, потоа, унапреден е системот на централна администрација, а особено делот на затворање и отворање на нови учебни години со пренос на податоци за паралелките и автоматско генерирање на наставни предмети“, додаваат во МОН.

Е-дневникот го користат и родителите кои со внесување на корисничко име и лозинка, можат да ги видат оценките и изостаноците на нивните деца. Тие и во новиот систем можат да пристапат со веќе постоечките кориснички имиња и лозинки.

„Родителите ќе можат да пристапат на системот со истите кориснички сметки како и досега, меѓутоа ќе мора да го администрираат својот профил, а посебно лозинките согласно регулативата и стандардите за безбедност и заштита на лични податоци. Во таа смисла, новиот систем од сите корисници, вклучувајќи ги и родителите бара одговорно користење и управување со лозинките, пред сѐ заради заштита на личните и сензитивните податоци на учениците, но и одржување на високо ниво на безбедност на системот во целина“, потенцираат во МОН.

Мета.мк во јуни годинава пишуваше дека наставниците имаа проблеми со внесувањето податоци во е-дневникот.

„Error, 503 Service Unavailable“, внесување на повеќе оценки а регистрирање на само една, исфрлање од систем и повторно логирање, потешкотии во подготовката извештаи за успех и поведение – се само дел од проблемите со кои се соочуваат наставниците деновиве при внесот на податоци во електронските дневници.

Пишани дневници веќе неколку години нема, па електронските се единственото место каде што се пишуваат сите содржини – оценки, изостаноци, дневни подготовки и  извештаи од реализирани екскурзии.

Имаше наставници кои во работно време имаа проблеми со најава во системот и со внесување податоци, па затоа работеа по полноќ, кога системот не беше оптоварен со многу корисници. Наставничка од Неготино, во телефонски разговор за Мета.мк кажа дека сите внесени податоци за период од три недели, наеднаш ѝ ги снемало, односно не се зачувале.

„Не можеме да одржиме наставнички совет ако немаме внесено годишни оценки во е-дневникот. За да дадам извештај за моето одделение, мора да имам извадено среден успех на одделението. А како тоа да го направам, кога имам технички проблеми. Внесувам податоци во два часот по полноќ оти тогаш има повеќе шанси да се работи“, рече за Мета.мк наставничката.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

обвинителство

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка, која на граѓаните …