Прикривање траги по аферата за Државна лотарија?

Прикривање траги по аферата за Државна лотарија?

Една недела по истражувањето на РСЕ за милионскиот договор за закуп за деловни простории меѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија, веб сајтот на компанијата закуподавач не работи, а во меѓувреме, променет е и сопственикот на доменот www.hej.mk. Од Обвинителството за РСЕ велат очекуваат да постапи Финансиската полиција. Ако тоа не го стори, обвинителството само ќе оформи предмет.

„Страницата не е пронајдена“. Ваков резултат ќе добиете доколку на интернет пребарувачот Гугл (Google) ја внесете адресата www.hej.mk – сајтот на компанијата „Хеј ДООЕЛ“, која за сума од 2,6 милиони евра ѝ ги даде под закуп на Државна лотарија своите деловни простории кои се наоѓаат во ресторанот за свадби „Фестина“. Единствениот клик на сајтот кој води до негде е „катанец“ кој бара профил за логирање.

Страницата не е пронајдена - Hej.mk Хеј мк
Страницата не е пронајдена – Hej.mk Хеј мк

Компанијата „Хеј ДООЕЛ“ според дејноста за работење е маркетинг агенција. Пред содржината објавена на веб – страницата да исчезне, пишуваше дека е „млада консултантска куќа која се занимава со односи со јавноста, комуникации продукција, графички дизајн, организација на кампањи.“

Во делот на „нашата“ работа, компанијата имаше наведено неколку познати фирми како нивни клиенти. Меѓу нив беше и компанијата „Арбериа Десигн“.

Компанијата „Хеј ДООЕЛ Скопје“ има наведено дека меѓу нејзините клиенти е и „Арбериа Десигн“ од Тетово
Компанијата „Хеј ДООЕЛ Скопје“ има наведено дека меѓу нејзините клиенти е и „Арбериа Десигн“ од Тетово

РСЕ на 17 октомври објави дека блиски лица и роднини кои гравитираат околу сопственикот на издавачката куќа „Арбериа Десигн“ добиваат тендери во Државна лотарија генерално за промоција и маркетинг на акционерското друштво.

Покрај „затворањето“, веб – страницата има претрпено и друга промена. А тоа е сопственоста на доменот.

Пред објавата на истражувањето на РСЕ, името на регистрантот на hej.mk во МАРНЕТ фигурираше Шабан Хамза, чии оставени лични податоци се буквално идентични со Шабан Амзовски, вработен во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на Артан Груби и воедно член на Управниот одбор на Државна лотарија.

Два дена по сторијата на РСЕ, направена е промена во делот на сопственоста на доменот и контакт информациите. На 20 октомври, заведено е името на Армин Машовиќ, сопственикот на „Хеј ДООЕЛ“.

Промени во регистрацијата на доменот hej.mk
Промени во регистрацијата на доменот hej.mk

На 24 октомври, заѕвонивме на оставениот телефонски број. Од другата страна ни се јави женско лице.

– РСЕ: Здраво, „Хеј ДООЕЛ“?

– Не, грешка сте.

– РСЕ: Сакам да разговарам со господинот Армин Машовиќ.

– Само секунда. Може да ве побарам на бројот?

– РСЕ: Да.

За 15-тина минути, телефонски нѐ побара Армин Машовиќ. Му се претставивме дека сме новинари од Радио Слободна Европа и дека сакаме да му поставиме неколку прашања поврзани со неговата компанија и закупот на Државна лотарија. Ни кажа дека ќе не побара во текот на денот најдоцна до 17 часот. Од Машовиќ, сепак, не добивме втор повик.

33 годишниот скопјанец Армин Машовиќ на почетокот на февруари годинава ја создава компанијата „Хеј ДООЕЛ“. Од нејзиното основање, неполни две недели, како управител на фирмата е запишано лицето Натура Груби Бела.

Интернет пребарувачите вадат само еден резултат под ова име – ЛинкдИн (LinkedIn) профил на лице кое се води како извршен асистент во амбасадата на Република Албанија во земјава.

Од неодамна, името на Армин Машовиќ стана познато во јавноста како поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски, каде до 5 февруари 2020 година заеднички биле косопственици во фирмата „Пацифик Петролеум“. Од тогаш, Машовиќ ја напушта сопственичката структура со што Сулкоски останува единствен нејзин сопственик и управител.

До скоро, 23 август 2023 година, Сулкоски му беше и бизнис партнер на зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај, во фирмата „К.С.А. Интернешнл“. Во август 2022 година, Сулкоски стана ко-сопственик во компанијата „РКМ“ на некогашниот единствен газда Ратко Капушевски.

Од почетокот на годинава, медиумите објавија низа стории за тесните врски на Ерџан Сулкоски со семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кои тој ги негираше. Во телевизиско интервју Ахмети посочи дека не го познава и „нема ништо“ со Сулкоски.

Инаку, освен промените на веб – страницата на hej.mk – и визуелно и во делот на сопственоста, повеќе не е достапна ниту Фејсбук страницата. Кога ќе се впише името во пребарувачот на социјалната мрежа, нема никакви резултати.

Промени на Фејсбук страницата на hej.mk - од постоечка во непостоечка.
Промени на Фејсбук страницата на hej.mk – од постоечка во непостоечка.

„Тоа е обично затоа што сопственикот ја споделил само со мала група луѓе, сменил кој може да ја види или е избришана“, стои во објаснувањето кое го дава Фејсбук.

Додека Фебсук страницата беше функционална, можеа да се видат голем број закачени видеа – од кои речиси половината беа обраќање на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обраќање од седиштето на ДУИ на портпаролот Бујар Османи, рекламни видео за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и прес конференции на ДУИ.

Што откри Радио Слободна Европа?

Истражувањето објавено на 18 октомври 2023 година откри дека Државна лотарија закупила деловни простории во поранешен ресторан за свадби во скопско Визбегово за сума од 2,6 милиони евра.

Во оваа сума не влегува и планираното реновирање на просториите за потребите на Државна лотарија. Финансискиот план на акционерското друштво за тековната 2023 година има предвидено 970.874 евра за изнајмување и адаптација на деловен простор.

Документите кои ги обезбеди Радио Слободна Европа покажаа дека новите простории на Државна лотарија, се во сопственост на компанијата „Маркони инженеринг ДООЕЛ“. Оваа компанија склучила договор за купопродажба на земјиштето и објектот со „Хеј ДООЕЛ“ на 22 март 2023 година.

Договор за купопродажба меѓу „Маркони Инженеринг“ и „Хеј ДООЕЛ“
Договор за купопродажба меѓу „Маркони Инженеринг“ и „Хеј ДООЕЛ“

„Маркони инженеринг“ и го продава земјиштето со површина од 2.369 квадратни метри и објект со големина од 2.964 квадратни метри за сума од 649.000 евра. Еден месец подоцна, на 27 април, двете компании договорот го завериле на нотар.

По солемнизацијата на договорот за купопродажба и по промената на сопственоста во Агенцијата за катастар, новоформираната „Хеј ДООЕЛ“ како нов сопственик на објектите, се јавува и победува на јавниот повик на Државна лотарија за закуп на деловни простории, на огласот објавен на 31 мај 2023 година.

Според договорот за купопродажба, за период од 10 години, Државна лотарија ќе плаќа месечна кирија од високи 21.834 евра без пресметан ДДВ.

Договор за закуп помеѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија
Договор за закуп помеѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија

Договорот е склучен на 5 јули 2023 година. Просториите кои ги закупува Државна лотарија се со внатрешна површина од 2.426 квадратни метри, што влегуваат во рамките на предвидената површина на огласот од 2000 – 2500 квадратни метри.

ВМРО-ДПМНЕ со повик до Обвинителството да реагира

По истражувањето на РСЕ, реагираа најголемата македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција (Деморатско движење, Алтернатива и Движењето Беса).

Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, полицијата, обвинителството и судот „спијат за да не падне владата“, нарекувајќи го огромен скандал склучениот милионски договор на Државна лотарија за закуп на деловни простории.

„Институциите како ЈО за организиран криминал, ЈО, полицијата може слободно да продолжат да молчат, и онака за кратко ќе бидат дел од предмети за злоупотреби заради делување или неделување“, изјави Стоилковски.

За градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој воедно е и дел од Демократското движење, „индустриската зона Визбегово која еснафите макотрпно ја развиваа со децении, Артан Груби преку ноќ ја претвора во коцкарски центар и во центар на валкани бизниси“.

„Индустриската зона Визбегово, најверојатно, ќе се претвори во Лас Вегас, а овој план го спроведуваат Артан Груби и ДУИ. Ако до вчера имаше дилеми зошто барањата на албанските бизниси од оваа зона беа тотално игнорирани од ДУИ и нејзините функционери, сега се станува јасно. Тие имаа друг план на ум за оваа зона. Да го направат центар за коцкање“, рече Ганиу.

Радио Слободна Европа се обрати и до Обвинителството. Од таму велат дека ако Финансиската полиција не постапи во однос на објавените наводи, обвинителството самото ќе оформи предмет.

„Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на еветуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки“, велат од обвинителството за РСЕ.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените за задолжителна осигурителна полиса

Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените за задолжителна осигурителна полиса

Заменик- претседателот на Владата, Фатмир Битиќи на својата официјална фејсбук страница имаше реакција на едностраната …