dav

Одбележани 70 години од НП „Пелистер“

Во Хотелот „Молика“ се одржа свеченост по повод 70 годишнината на Националниот парк Пелистер. Обраќајќи се пред присутните, градоначалничката Наташа Петровска истакна дека и’ претставува особена чест и задоволство што се обраќа на одбележување на 70 години од основањето на првиот Национален парк во Република Македонија, Националнот парк Пелистер, но уште повеќе што се одбележува значајна годишнина од тогашната свесност и размислување, дека овде, во непосредна близина на Битола, има вистинско богатство.

„Распределен низ бајковитата Баба Планина, со разноврсна флора и фауна, Националниот парк Пелистер во себе крие невидена убавина. Повозрасните битолчани се сеќаваат како ентузијастички се правеле првите објекти, жичарницата, на Лазо вилата, Хотелот Молика…..таа љубов кон планината се пренесувала и се пренесува од колено на колено.  Така и сега, речиси секој викенд може да се видат семејства како пешачат по планинските патеки, одејќи кон Копанки, Широка, Јоргов Камен, похрабрите и до Црвени стени, Големото и Мало Езеро. Во овој современ начин на живеење, кога се помалку сме свесни за богатствата кои што не опкружуваат, треба и мора да ја знаеме вредноста на Националниот Парк Пелистер. Мораме сите заедно да го чуваме, да се грижиме за него, да не го загадуваме, да ги научиме нашите деца дека ѓубрето е подобро да го вратат дома, отколку да го расфрлат по планината, да внимаваме на запалливите материи, пожари итн. Само така, ќе им послужи и на нашите деца и на идните генерации“, рече Петровска.

Пред присутните се обрати и претставник од Министерството за животна средина, кој ја посочи важноста на НП Пелистер за Македонија. Градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски потенцираше дека Преспа го има НП Пелистер како богатство, кое уште повеќе треба да го промовира овој регион, а директорот на НП Пелистер, Амет Алиу говореше за карактеристиките и активностите на паркот. На крајот, од страна на НП Пелистер беа доделени посебни плакети и благодарници до соработниците и вљубениците во овој национален парк.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …