Одберете ги најдобрите кандидати, не најмалку лошите

Одберете ги најдобрите кандидати, не најмалку лошите

Пишува: Зоран Милошески

Социјалдемократите се наоѓаат на почеток на постапката за избор на нови претседатели и раководства на Општинските организации. Во ситуација на претрпен пораз на последните локални избори и алармантно мал број освоени гласови, претстојните внатрепартиски избори не можат да се дефинираат никако поинаку освен како – клучни.

Впрочем, оставката на Зоран Заев од лидерското место во партијата беше најдобра потврда дека работата во СДСМ не ја бива и дека се неопходни темелни промени. Со изборот на Ковачевски и новиот состав на Извршниот одбор, промените започнаа од врвот на пирамидата.

Велам, клучни избори, не само од причина што новите локални лидери ги очекува турбулентен период во кој државата ќе се соочи со повеќе важни процеси, туку најмногу заради степенот на комплексност на внатрепартиските реформи кои треба да бидат спроведени во следните два и пол месеца.

Ако кај партиските челници постои искрена желба за „апдејтирање“ на партијата и доколку намерата за зголемување на ефикасноста и ефективноста во нејзиното функционирање е сериозна, тогаш предвидената временска рамка за спроведување на усвоениот Правилник воопшто не е преширока. Бидејќи, во таков случај, промените мора да се случат и по хоризонтала и по вертикала, што подразбира симнување на процесот до основните партиски клетки – месните одбори.

Ете затоа целиот овој процес е прилично комплексен, нешто кое, впрочем, го најави и партискиот генсек Миле Зечевиќ.

Освоените гласови и резултатот од локалните избори, кои целосно кореспондираат со фидбекот од теренските активности, ја покажаа потребата за генерален ремонт на месните одбори. Голем дел од нив се нефункционални, со пасивно членство и фиктивни активности. Токму затоа, нивното детектирање како една од најслабите алки во партискиот синџир чие подобрување има приоритетна важност, е полн погодок на двоецот Ковачевски-Зечевиќ. Тоа не е случајно бидејќи, како искусни оперативци, и двајцата знаат дека добрата организација е половина завршена работа. Дека месните одбори, по правило, треба да бидат носителите на изборната победа.

Меѓутоа, она коешто отсекогаш било рак-рана на СДСМ, е кадровската политика и изборот на вистински луѓе на вистински функции. Оттаму, сосема е разбирлив сомнежот кај членството дека ништо поразлично нема да биде ниту сега. Што, отприлика значи дека по принципот „јас тебе, ти него, тој мене“, без никаков критериум ќе бидат евидентирани кандидати за претседатели и членови на извршните и надзорните одбори, кои ни случајно не можат да се носат со функциите за кои претендираат.

Не е никаква тајна дека лобирањата за пикираните позиции одамна се започнати. Што и не е некој грев, ако е запазен фер-плејот и ако се почитуваат (не)пишаните правила и другите противкандидати. Со чест на исклучоци, она на кое речиси со сигурност не може да се смета, е елементарното ниво на самокритичност и објективна проценка на сопствените квалитети и можности кај потенцијалните кандидати. Или, отсуството на доблест и самосвесност да се испружат нозете толку колку што е долго чергичето.

Истовремено, треба да се има предвид дека внатрепартиските избори се време кога „и кучето и мачето легнуваат заедно“. Кога се реафирмира „кризното заедништво“ и се создаваат непринципиелни коалиции во функција на личниот интерес на поединци. И тука се крие најголемата опасност која целата постапка може да ја однесе во неповрат.

Можеби ќе бидат ретки и изолирани случаи, но не треба да се потценат поединците кои во изборната трка влегуваат од чисто лукративни причини, занемарувајќи го интересот на целокупното партиско членство, интересот на партијата и на пошироката заедница.

Наместо зацврстување на партиската инфраструктура, анимирање што поголем број на членови и симпатизери, ширење на кругот, формирање репрезентативен тим и поставување цврсти темели за победа на првите следни избори, тие претседателското столче го гледаат како отскочна штица до собраниските клупи.

Со такви „лидери“ не бива ниту партија, ниту општина, најмалку пак, држава.

Заради сето погоре кажаното, заради сите констатирани слабости и аномалии кои Социјалдемократскот сојуз на Македонија го доведоа на работ на провалијата, најголемата одговорност за излез од ќорсокакот и враќање на победничките патеки паѓа врз грбот на највисоките партиски функционери.

Оти, тие се луѓето чиј авторитет е главниот патоказ кој ќе покаже во кој правец ќе се движи партијата. Бидејќи никогаш не постои втора шанса за прв впечаток, немаат право на грешка. Нивна обврска е да ги изберат најдобрите кандидати, не најмалку лошите.

Во политиката не постојат стари и млади, мажи и жени, бивши и сегашни. Постојат само добри и лоши политичари. Во овој момент, на социјалдемократите им требаат најдобрите. Тогаш, одберете ги најдобрите!

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …