Одлуката дали ќе се стопира зголемувањето на платите на функционерите за 78 проценти во услови на длабока криза, сѐ уште виси во воздух. Министрите чекаат Владата да „пресече“ за ова прашање и најавуваат дека ќе ја почитуваат одлуката каква и да е таа. Но, суптилно порачаа дека е „демагогија ако некој каже дека платата не е важна“, а прашањето за месечните примања на политичарите го поврзаа и во контекст на борбата против корупцијата, но и како важен фактор за привлекување квалитетни кадри во политиката.
„Јас сум само еден член на Владата, но која било одлука да се донесе ќе ја почитувам“, порача во понеделникот министерот за економија, Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе донесе нова одлука со која ќе ги замрзне платите на именуваните функционери.
„Донирајте, ама тајно“
Уставниот суд со одлука за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, минатата недела овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. Со одлуката се опфатени и уставните судии, но и платите на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции. Повисоки плати од идниот месец треба да „легнат“ и на сметките на заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.
Претседателот Стево Пендаровски веднаш реагираше и ја повика Владата да најде законско решение со цел да не се реализира покачувањето на платите на функционерите. Според него, во овие кризни времиња невкусно е да се покачат платите на функционерите и затоа порачува Владата да најде законски начин и истото да го спречи. Шефот на државата со најавеното покачување би добивал плата од речиси 2.500 евра.
Градоначалникот на скопската општина Аеродром, Тимчо Муцунски, пак најави дека се откажува од зголемувањето на платата и ќе го донира во хуманитарни цели. Министерот за економија смета дека сите кои сакаат да донираат или да поддржат ранливи категории семејства, тоа не треба да го сторат јавно.
„Сакам многу искрено една работа да кажам. Бидејќи гледам во јавноста излегуваат политичари да се покажат хумани, солидарни и слично, дека ќе донираат процент од платата или по тоа што е зголемено. Тој што сака да донира, да поддржи, не треба тоа да го направи јавно. Секој самиот може да поддржи семејства кои имаат потреба или пак одредени категории на граѓани“, вели Бектеши.
Последни на листата
И министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве рече дека треба да има зголемување на платите на функционерите, но дека тие треба да се последни на листата. Од етички аспект, според него, први на ред за покачување на плата треба да бидат граѓаните кои земаат околу минимална или просечна плата, а потоа и другите.
„Да, треба да има зголемување затоа што платите се скандалозно мали, меѓутоа треба да бидат последни на листата. Откако на сите ќе им се зголемат платите, тогаш и на политичарите. Тоа е од етички аспект. Од практичен аспект ви велам дека е демагогија секој што ќе каже дека не му е важна платата во овие тешки времиња за сите граѓани“, рече Османи на настан за одбележување на Месецот на франкофонијата.
Од Владата порачаа дека одлуката на Уставниот суд, со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, е конечна и треба да се почитува. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 проценти.
Дел од медиумите, повикувајќи се на информации од Министерството за финансии објавија дека зголемувањето на платите на функционерите ќе ги чини граѓаните најмалку 5 милиони евра годишно. Во оптек е бројка од 500 до 600 функционери коишто би добиле повисоки месечни примања.
Според пресметката на Синдикатот на работници од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), со оваа одлука на Уставниот суд, платата на претседателот од 93.000 денари ќе стигне до 165.000 денари. Платите на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе се зголемат на околу 2.500 евра. Месечните примања на министрите, пак, ќе изнесуваат околу 1.800 евра.