Одржан првиот координативен состанок за имплементација на новата Стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година

Одржан првиот координативен состанок за имплементација на новата Стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година

Во организација на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија, вчера се одржа првиот координативен состанок за имплементација на новата Стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година, со Акциски план 2023-2026 година.

На настанот освен членовите на Националното координативно тело беа присутни претставници од Државен завод за статистика, Агенција за млади и спорт, Државен инспекторат за градежништво, Државна изборна комисија, Биро за развој на образованието, Фонд за здравствено осигурување, Агенција за вработување, Агенција за аудио и аудио-визуелни услуги,  ЗЕЛС и Центар за управување со кризи, кои имаат обврска за реализација на активности планирани во Стратегијата.

Фокусот на состанокот беше координација на институциите во процесот на имплементацијата на Акцискиот план, преку воспоставување на механизми за соработка, следење и известување за напредокот.  Во тој контекст, се дискутираше и за дигиталната алатка која е во фаза на изработка од страна на СЕМОС, а со поддршка на партнерите односно Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Дигиталната алатка ќе ја користат институциите во фазата на имплементација и ќе овозможи ефективно следење на напредокот и реализацијата на Стратегијата.

Националната стратегија за правата на лицата со попреченост за периодот 2023-2030, со Акциски план 2023-2026 година е усвоена од страна на  Владата на 26 декември 2023 година. Таа е мултисекторски стратешки документ, подготвен во широк партиципативен процес, со вклучување на 216 учесници од 31 институција и 27 граѓански организации, меѓу кои и Агенциите на ОН во земјата, и со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Стратегијата содржи одредници за унапредување на правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, темелејќи се на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Европската Стратегија за правата на лицата со попреченост 2021-2030, како и Агендата 2030 и целите за одржлив развој. Стратегијата е заснована на принципот на човекови права и основниот принцип „Никој да не биде изоставен“ („Leave No One Behind“) од Агендата 2030.

Носител на Стратегијата е Министерството за труд и социјална политика, а НКТ за имплементација на КПЛП беше активно вклучено во целиот процес- комуникација со донатори, со граѓанските организации, академската заедница, обезбедување присутност на различни чинители при подготовката, а ќе ја има и главната улога во процесот на координација на спроведувањето на активностите.

Националната стратегија за правата на лицата со попреченост опфаќа девет приоритетни области, одредени врз основа на потребите, а усогласени со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост (КПЛП) и Стратегија за правата на лицата со попреченост 2021-2030 на Европската Унија. Во секоја од деветте приоритетни области се утврдени цели, мерки и активности коишто овозможуваат унапредување на правата на лицата со попреченост, независност, еднакви можности, квалитет на живот, како и градење инклузивно општеството. Како приоритетни области се дефинирани: пристапност, еднаквост, пристап до правда и активно учество во јавниот и политичкиот живот, пристап до здравствена заштита, детска, социјална заштита и независно живеење, право на образование, вработување и право на работа, локални инклузивни заедници, јавна свест, култура, спорт и рекреација.

Прочитајте повеќе

СДСМ со повик за лидерска средба за стабилност

СДСМ со повик за лидерска средба за стабилност

Прес-конференција na Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ Почитувани граѓани, Нашето општество се соочува со исклучително …