нуклеарна запорожје

ОН бара итен прекин на борбите и пристап до нуклеарната електрана во Запорожје

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) одржа итен состанок во врска со ситуацијата во нуклеарната електрана во Запорожје, која од пролетва се наоѓа под руска окупација. Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за ситуацијата околу нуклеарната централа Запорожје, рече дека е екстремно критична. Откако неколку пати беше гранатирана нуклеарната електрана деновиве, еден реактор е веќе исклучен, објасни тој.

„На Меѓународната агенција за атомска енергија мора да ѝ се дозволи да ја изврши својата мисија во Запорожје што е можно поскоро“, изјави Гроси, пренесува Гардијан.

Во нуклеарната централа Запорожје треба да се изврши контрола и да се спроведат важни безбедносни мерки, а агенцијата моментално е во контакт и со руски и со украински претставници. Руската страна преку амбасадорот во ОН, Василиј Небенсија тврдеше дека руските сили ја држат под контрола нуклеарната централа и не би имало причина да ја гранатираат.

Медиумските извештаи од повеќе светски медиуми, како што е написот на Би-би-си, како и дипломатите на западните земји пак тврдат дека Русија од нуклеарната електрана направила воена база, каде се стационирани војници. Од нејзината територија се напаѓаат украинските позиции на фронтот. Наспроти ова, Украина веќе обвини дека Русија се обидува да ја исклучи нуклеарната електрана во Запорожје од украинскиот електропреносен систем, а за ова е неопходно да се уништи постојната инфраструктура.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето најново обраќање изјави дека Русија повторно го скршила дното во светската историја на тероризмот.

„Никој друг не користел нуклеарна централа толку очигледно за да му се закани на целиот свет и да постави некои услови. И апсолутно сите во светот треба веднаш да реагираат за протерување на окупаторите од територијата на нуклеарната централа Запорижја. Ова е глобален интерес, а не само украинска потреба. Тоа го нагласуваме на сите нивоа – од Советот за безбедност на ОН до контактите меѓу државите. Само целосното повлекување на Русите од територијата на нуклеарната централа Запорижја и враќањето на целосната контрола на Украина врз ситуацијата околу централата ќе гарантира враќање на нуклеарната безбедност за цела Европа“, изјави претседателот Зеленски.

Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) апелираше до руската и до украинската страна да овозможат инспекција на атомските експерти во нуклеарната електрана во Запорожје час поскоро, додавајќи дека не смееме да дозволиме нуклеарна катастрофа. Исто така, Обединетите нации побараа да се формира демилитаризирана зона околу нуклеарната електрана, со која ќе се спречат натамошните воени дејствија во нејзината околина.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Во Москва церемонија за припојување на четирите украински региони

Кремљ најави дека денеска формално ќе анектира четири региони на Украина, додека Западот ги интензивира …