ОН: Бројот на луѓе што користат дроги е зголемен за 23 отсто

ОН: Бројот на луѓе што користат дроги е зголемен за 23 отсто

Меѓу 2011 и 2021 година, проценетиот број на луѓе кои користат дроги се зголеми од 240 милиони на 296 милиони, што претставува зголемување од 23 отсто, се вели во годишниот извештај на Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за дрога и криминал (УНОДЦ).

Во тој период, бројот на зависници од дрога се зголемил за 45 отсто на 39,5 милиони. Само околу половина од тоа зголемување може да се припише на растот на светската популација.

УНОДЦ предупреди и за ширење на синтетички дроги како метамфетамин, амфетамин, фентанил, како и многу нови супстанции на пазарот.

„Производството на синтетички дроги е евтино, лесно и брзо“, се вели во соопштението.

УНОДЦ особено ја следи ситуацијата во Украина, каде што властите открија и затворија 79 лаборатории за производство на амфетамини во годината пред почетокот на војната, што во тоа време беше најголем број во светот.

„Од руската инвазија на почетокот на 2022 година, заплените на синтетички дроги во Украина се зголемени, додека пазарот за такви супстанции порасна во соседните земји“, објави Ангела Ме, главна аналитичарка на УНОДЦ.

Експертите за дрога на ОН се исто така загрижени за континуираниот раст на употребата на кокаин. Според УНОДЦ, поголемиот дел од случаите на зависност и болести поврзани со нелегални дроги продолжуваат да произлегуваат од опиоиди, природни опијати и нивните синтетички варијанти и канабис.

Сепак, канабисот останува најшироко употребуваната недозволена дрога. Зависниците од канабис сочинуваат значителен дел од пациентите кои се лекуваат од дрога во многу региони, односно 18 проценти во Европа и повеќе од една третина во Африка и Океанија.

Но, според Агенцијата за лекови на ОН, само една петтина од луѓето со проблеми со дрогата ширум светот имаат пристап до лекување.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Штајнакер по победата на ВМРО-ДПМНЕ: Ова е „шлаканица за ЕУ“

Штајнакер по победата на ВМРО-ДПМНЕ: Ова е „шлаканица за ЕУ“

Поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер, оценува дека резултатот од изборите во земјата е …