ОН: Русија да плати репарации поради инвазијата на Украина

Генералното собрание на Обединетите нации донесе резолуција со која од Русија се бара да плати репарации поради инвазијата на Украина.

Резолуцијата на Обединетите нации бара Русија „да одговара за сите повреди“ на меѓународното право и Повелбата на ОН во Украина и „да сноси правни последици од сите свои дејствија кои се спротивни на меѓународното право, вклучително и отштета за материјалните и човечките штети“.

Со резолуцијата се бара „во соработка со Украина да се создаде механизам за репарации“ и „меѓународен регистар за штети, за да се каталогизираат доказите и информациите за барања за обесштетување“.

За резолуцијата на Обединетите нации гласаа 94 земји. Против, меѓу другите, беа Русија, Кина, Куба, Мали и Етиопија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер го поздрави носењето на резолуцијата со зборовите: „Од повторно освојување на Херсон до дипломатска победа во Њујорк“. Според Зеленски, ОН дале „зелено светло“ за механизам за репарации и „агресорот ќе плати за она што го стори“.

За разлика од резолуциите на Советот за безбедност на ОН, резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки. Неодамна, во октомври, Генералното собрание на ОН ја осуди анексијата на украинските територии од Русија како меѓународноправно нелегална. За таа резолуција гласаа 143 земји-членки. Во март годинава 141 земја во Генералното собрание на ОН ја повикаа Русија веднаш да се повлече од Украина.

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …