Хаосот во некои општини во државата владее со години и не може да се реши преку ноќ, но од некаде треба да се почне. Таков е примерот во Арачиново.
Градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими за РСЕ вели дека е загрижен од резултатот од ревизијата за општина Арачиново во 2021 година која само потврдува дека во оваа скопска општина не се наплаќале: данок на имот, комунална такса на фирма, такса за користење на музика во јавни локали, такса за истакнување на реклами и огласи на јавни места, а не се наплаќал ни надомест за уредување на градежно земјиште.
Но, не е се така едноставно. Во општина Арачиново има само шест вработени, од кој ниту еден не е со лиценца за својата работа. „Голем проблем ми е тоа, еве барам и од други соседни општини да ми дадат соодветни луѓе за да работат јавни набавки, урбанизам, ревизија и во други сектори. Еве и кај наплатата за даноци, ни требаат луѓе за на терен, да излезат да ги регистрираат куќите, а јас немам луѓе, и тие што ги вработувам, си одат за неколку месеци“, вели Ибраими.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Георгиевски вели дека ЗЕЛС нема надлежност да го „казни“ ваквото однесување на општина Арачиново, но дека едно од можните решенија за да се спречи тоа е, Владата да не им ги простува долговите на општините, како порано.
Многупати досега медиумите алармираа дека во Арачиново последниве две децении не се наплаќа данок на имот. Шест градоначалници се сменија, а притоа до лани не беше воведен компјутерски систем за наплата на данокот.
Детални урбанистички планови за урбан хаос
Многу градоначалници се сменија и во другите скопски општини, но никој досега не го запре урбаниот хаос. Граѓаните се организираат, се спротивставуваат на „бетонизацијата“ на градот, но ретко успеваат нешто да сменат.
Градежната експанзија во Скопје е највидлива во општините Центар, Карпош и Аеродром каде граѓаните го кренаа својот глас против Деталните урбанистички планови во кои се исцртани нови згради. Бројните примери досега говорат дека на крајот општините се ставаат на страната на инвеститорите, кои тријат раце од продажбата на становите.
На просторот на поранешната скопска фабрика Треска веќе е видливо дека со градежна механизација се расчитува теренот за изградба на нови згради. Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ сметаат дека градоначалникот на општината Горан Герасимовски ги крши одлуките и прописите и работи спротивно на сопствените предизборни ветувања за Центар.
Мирот кој го имаат жителите на населбата Лисиче, кои претежно живеат во семејни куќи, сега е нарушен со најавите дека пред нивните домови ќе никнат повеќекатници.
„Градоначалникот на општината Тимчо Муцунски цело време тврди дека работи во интерес на жителите на населбата и сега е време тоа да го докаже во пракса и да се откаже од Дупот“, вели Тодор Коцаров од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“.
На адресата на граѓаните од Влае започнале да стигнуваат одговорите на поднесените проговори на јавната анкета против предлог Дупот, според кој на локацијата зад кино „Влае“ треба да минува улицата Есперанто и таму ќе може да се гради и зграда до 11 ката.
Од иницијативата „Борба за Влае“ велат дека иако дел од нив се делумно прифатени, тие се од технички карактер и повторно на државното земјиште се планираат објекти од различен карактер наместо паркови и јавен простор, а се одзема и дел од школски двор.
Споменици за дефокусирање од реалните проблеми
Во низата прашања и проблеми кои ги мачат жителите на скопската општина Аеродром, веројатно едно од најмалку важните е дали и каде ќе се постави споменикот на контроверзниот лик Андон Лазов – Ќосето. По неколкугодишно мирување во магацинот на една скопска фабрика, споменикот, кој беше поставен пред судовите во 2014 година, а отстранет пред 5 години, со образложение дека бил дивоградба, сега добива можност повторно да се исправи пред жителите на скопската населба Лисиче. Таква одлука донесоа советниците во општина Аеродром. Конечниот збор ќе го има македонскиот парламент.
„Јас сакам да прашам дали планираат да ги исчистат шахтите некогаш? Не се влегува дома од смрдеа од канализацијата, а тие расправаат за споменици. Немаме клупи кај да седнеме, ама затоа во паркот споменик ќе ни стават“, вели Татјана, жителка на Аеродром.
Во целата дебата за споменикот и местото каде да биде поставен, граѓанските активисти препознаваат и политички инает и одмерување на силите меѓу партиите.
Хаос за велигденските празници предизвика и изјавата на владиката Петар во врска со феминизмот и родовата еднаквост. Македонската православна црква ниту ги коментираше неговите ставови, ниту се огради. Портпаролот на МПЦ, Владиката Тимотеј ни изјави дека не може да ја коментира изјавата на неговиот колега, владиката Петар, иако не се оградува од ваков став за жените.
Владиката Петар во велигденската честитка порача дека земјава ја демне опасност таканаречената родова еднаквост. Според него, „родовата еднаквост е богохулна, против природна и изопачена теорија“.
„Ние како Црква не сме расправале за тоа, тоа е лично мислење, но не е далеку вистината“ изјави за Радио Слободна Европа Владиката Тимотеј.
Снежана Калеска Ванчева која е членка на Клубот на пратенички во Собранието, вели дека пред се ѝ е жал што владиката Петар во 21 век изразува јавно таков став кон родовата еднаквост, за која во Собранието има и посебно тело.
„Ако тргнеме и од она што го кажува Библијата, сите луѓе се раѓаат еднакви и не гледам како може да биде богохулие родовата еднаквост“, објаснува таа.
„Црно Собрание“ во подрумот на Никола Карев
Младите, пак, настрана од општински проблеми, споменици, црковни ставови и слично, си имаат свои приоритети.
Шестмина средношколци од скопската гимназија „Никола Карев“ ги обединува името на училишниот бенд „Црно Собрание“ и музиката како пасија број еден. За оваа екипа, освен дома, веќе се слуша и надвор од нашите граници. Од професорката по музичка култура, Емилија Ристановска, тие добиваат насоки и поддршка за приказната да расте и да трае.
Извор: Радио Слободна Европа