Оставките на ДУИ - реални отстапки или тактички маневар?

Оставките на ДУИ – реални отстапки или тактички маневар?

Одложените оставки на министрите на ДУИ според аналитичарот Алберт Муслиу не се тактизирање на партијата, туку оневозможување на „ирационалните барања“ на ВМРО-ДПМНЕ. Владимир Божиновски, пак, вели дека ова не се оставки на ДУИ, бидејќи ,според него, оставка се поднесува, а не се условува.

Министрите на ДУИ поднесоа условени оставки како одговор на едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ, да се формира влада без ДУИ, за да ги поддржи уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата. Ова наметна повеќе прашања во јавноста – дали ДУИ тактизира или, пак, е можен компромис за отворање на Уставот ако се прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Експертите и аналитичарите ,сепак, се поделени околу тоа дали овие оставки се тактички маневри или, пак, со нив се прават вистински отстапки за гласање на уставните измени за да продолжи европскиот пат на земјава.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски смета дека ова не се вистински оставки на ДУИ, туку само понуди за оставки. Тој вели дека оставките од Владата на ДУИ, било само еден од предусловите на ВМРО-ДПМНЕ, а дека главното барање е промена на Уставот со одложено дејство, само кога Македонија ќе влезе во ЕУ. Сега, вели Божиновски, земјата се наоѓа во ќорсокак и единствено решение според него се избори, на кои власта и опозицијата би ги понудиле своите идеи пред граѓаните.

„Уште лани говоревме дека после понудата за тој француски предлог треба да има избори и на тие избори граѓаните да одлучат дали се или се против прифаќање на истиот. Ние тогаш имавме ситуација каде што Ковачевски потпиша и покрај огромниот револт на најголемиот дел од македонските граѓани и најавите на опозицијата дека тоа за нив воопшто е неприфатливо. Доколку потпиша договор, сега нека повели нека го спроведе. Тоа е нешто на коешто тој се обврзал“, вели Божиновски.

Министрите на ДУИ на 30 јули ги поднесоа оставките за кои рекоа дека би станале ефективни само ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени.

Од ДУИ велат дека се решиле на ваков чекор да поднесат оставки и дека го прифаќаат условот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени без ДУИ во влада.

„Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“, напиша Ахмети на социјалните мрежи на 30 јули.

Дел од министрите на ДУИ изјавија дека за иднината на земјата, освен од нивните мандати, подготвени се да се откажат и од привремена влада и од премиер Албанец, како што беше договорено меѓу СДСМ и ДУИ на последните парламентарни избори.

Но, ВМРО-ДПМНЕ побара оставките на министрите од ДУИ да бидат неотповикливи и потоа да се организираат брзи предвремени парламентарни избори.

„Откако ДУИ го направи првиот чекор, си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори, бидејќи се друго е одолговлекување и играње играчки на грбот на државата и иднината на граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, во потегот на ДУИ не гледа тактизирање, туку спротивно, како што вели, оневозможување на „тактизирањето и нерационалните барањата“ на ВМРО-ДПМНЕ.

„ДУИ не учествува во Владата по своја волја или желба. ДУИ учествува во Владата бидејќи така одлучиле албанските гласачи. Тој пристап според мене е погрешен и ќе треба во одреден период политички да се образложи. Можеби во моментов се користи за некои партиски консолидации или некој ПР, но долгорочно ќе треба да се образложи на спротивен начин, а тоа не е пријатно во политиката“, вели Муслиу.

Уставните измени влегоа во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница. Процесот во Собранието започна точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ).

Тоа се случи во услови кога мнозинството ги нема потребните гласови поради противењето на опозицијата, бидејќи Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент. Опозицијата засега стои на ставот дека засега нема консензус за уставни измени.

За да се одржи втората конференција со ЕУ и да почне отворањето на поглавјата, во Собранието треба да се усвојат измени на Уставот, со кои ќе се внесат и Бугарите во него. Освен бугарскиот народ, во Преамбулата ќе се внесуваат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ, соопшти Владата.

За тоа дали е можно да се дојде до компромис за уставните измени доколку сите политички партии постигнат договор дека нема да се прифаќаат нови барања и услови од Бугарија, Божиновски смета дека тоа не би имало никаков ефект, бидејќи Бугарија како земја членка на ЕУ, на тој договор нема да биде обврзана. Токму затоа беше идејата на опозицијата уставните измени да имаат одложено дејство кога земјата ќе влезе во ЕУ, вели Божиновски.

Во моментов ЕУ прави скрининг на сите 33 поглавја за пристапување: од заштита на потрошувачите, до надворешна политика за да види што Северна Македонија треба да направи на секое политичко поле за да стане членка. Овој процес најверојатно ќе заврши наесен, но за да почне отворањето на поглавјата Бугарија бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав.

Како и која било друга од 26-те земји-членки на ЕУ, Бугарија мора да даде зелено светло за отворање, но и за затворање на секое поглавје од преговорите и тука земјата повторно може да стави вето.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Пендаровски и Џафери со честитки

Пендаровски и Џафери со честитки по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, …