Отчет ли е ова или панаѓур?

Отчет ли е ова или панаѓур?

Пишува: Зоран Милошески

Панаѓур: Именка, машки род

Слично со: Саем

Значење: Повремена средба на продавачи и купувачи заради излагање на производи и склучување зделки

Извор: Дигитален речник на македонскиот јазик

Во изминатите 31 година од нашето плуралистичко живеење, се изнагледавме толку многу трагикомични настани и ликови, колку што граѓаните од развиените демократии не можат да видат за три животи.

И таман ќе помислите дека сме го достигнале дното и дека работите не можат да одат на полошо, од нигдека ќе исплива некој нов бисер кој ќе ги засени сите претходни достигнувања.

„Саем на промените што носат иднина“. Така беше насловен дводневниот настан во организација на ВМРО-ДПМНЕ, на кој градоначалниците од оваа партија даваа отчет за едногодишното работење. Отчет, не пред граѓаните на своите општини. Не пред луѓето кои ги гласале. Отчет пред партискиот шеф Мицкоски и пред самите себе.

И кога уште од старт ќе го утнете мотото, никако не можете да сметате на политички профит од партиската игранка. Оти самиот збор „саем“ е исто што и панаѓур, чие значење, пак, е јасно дефинирано во речникот на македонскиот јазик.

А на панаѓурот, сами со себе дебатираа, сами си кажуваа колку ги бива, сами си се восхитуваа за (не)сработеното. Чиста идила! Нема неуспеси, нема неостварени ветувања, исполнета е секоја запирка од изборните програми. И уште да не беа „опструкциите“ од Владата – само небото ќе им беше граница!

Вулгарно карикирање на реалноста, рамно на гротеска! Ете тоа беше резултатот од дводневната политичка фарса, во која општинските „татковци“ од редовите на ДПМНЕ и нивните наредбодавачи од арамиската „Бела палата“, одбраа да се лажат едни со други, а сите заедно, да ги лажат граѓаните.

Со  буџети тешки 5, 10 или повеќе милиони евра, градоначалниците зборуваа за реализирани „проекти“ од типот на „санирани ударни дупки“, „сменети ќерамиди на училиште“, „поставени 12 квадрати бекатон плочки“, „варосан таван во старски дом“… Жив срам и резил!

Ваков аматеризам и неинвентивност во обидот да се „продаде“ партиската приказна, не се видени ни кај сателитските „пајтон партии“. Партискиот пи-ар и скапо платените пропагандисти паднаа на првиот посериозен испит. Мартин Протоѓер жив се јаде!

За фијаското да биде комплетно се погрижија дузина партиски џабалебароши и поранешни локални и државни функционери на ДПМНЕ, кои пред партиските камери продаваа ум и мудруваа за нивните „заслуги во развојот на демократските процеси и европскиот пат на државата“.

А всушност, станува збор за обични бандити кои „во името на лавот, пиштолот и камата“ ги опљачкаа државниот и општинските буџети.

Корумпираните обвинители и судии произлезени од тефтерчето на Горде, се најголемите (не и единствените!) виновници што наместо на робија во казнено-поправните установи, овие неранимајковци и тафтабити слободно шетаат како пауни и претставуваат сериозна закана за здравата животна средина и менталното здравје на граѓаните.

Наместо резиме: Грујо од државата направи циркус – ни донесе глумци и ги претстави како фармери кои ќе го препородуваа македонското сточарство со 200.000 крави. Го донесе и Субрата Рој, кој со една милијарда евра ќе правеше „бум“ во туризмот. Тука беа и едни други „бизнисмени“ кои покрај купувањето на македонските рудници, за рударите ветуваа високи плати и исхрана во „Мекдоналдс“ ресторани.

Сешто видовме и преживеавме од груевци. Ама, барем кога е лажењето во прашање, продолжувачите на традицијата на злосторничкото здружување ги надминаа и ги засрамија своите учители. И тоа од позиција на опозиција на централно ниво. Како ли ќе изгледаат нивните „отчети“ ако еден ден се вселат во шампитата на „Илинденска“?

ВМRo-DпМИƎ до гроП!

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …