Отчет на градоначалникот на Делчево: Обезбедуваме чиста вода за пиење, се грижиме за животната средина

Отчет на градоначалникот на Делчево: Обезбедуваме чиста вода за пиење, се грижиме за животната средина

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски денеска одржа прес-конференција на која зборуваше за реализираните проекти во изминатите 24 месеци од областите: чиста вода за пиење и здрава животна средина. Трајковски потенцираше дека изминативе две години е посветено значајно внимание на едно од најважните прашања кои значат здравје, а тоа е обезбедување чиста вода за пиење.

-Во партнерство со ЈКП „Брегалница“ се зафативме со решавање на проблемот со водоснабдувањето и со подобрување на квалитетот на водата за пиење во Делчево и во населените места, но, верувајте, кога се зафативме со решавање на овој проблем, не можев да очекувам дека состојбата со системот за водоснабдување е толку урнисана, запоставена, и без никаква, ама ни најмала инвестиција со децении, во ова прашање значајано за здравјето на населението, истакна Трајковски.

Еден од најважните проекти што се реализира на полето на водоснабдувањето е имплементацијата на најголемиот проект досега во историјата на нашиот град и со донација вредна 7,3 милиони швајцарски франци од кои 6 милиони е донација од Швајцарската Конфедерација, а останатото во износ од 1, 3 милиони швајцарски франци е поддршка од Минситерството за животна средина и 30.000 швајцарски франци е кофинансирање од Општина Делчево.

-Во рамките на големиот проект „Водоснабдување на Делчево“ во консултација со швајцарски консултанти се извршени истражувања на теренот, со нуркачка опрема снимена е акумулацијата Лошана, извршено е мерење на проток и притисок на водата во системот и сл.Во овој период Општина Делчево работи на планската документација за прочистителната станица и фотоволтаичната централа, како и за пристапниот пат. Со овој проект чија имплементација треба да заврши за неполни три години-обезбедуваме квалитетна вода за пиење и доволно вода со минимум загуби. Освен Делчево и населените места Габрово и Ѕвегор, Град и Тработивиште, најверојатно, кон овој систем ќе се приклучи и селото Вирче, рече Трајковски.

Во однос на корпоративниот развој на јавните претпријатија од Делчево, Берово и Пехчево вклучени во програмата, следен чекор е набавка на хардвер за овие претпријатија и изработка на веб-страница на претпријатието со можност за електронско плаќање. Трајковски очекува до крајот на оваа година да се распише и тендерот за инфраструктурните зафати кои се планирани да се реализираат догодина на пролет.

– Во старата прочистителна станица во село Тработивиште од каде се преработува водата за пиење за Делчево и околните села, за прв пат по 25 години се поставени 2,5 тони активен јаглени прв пат целосно се замени кварцниот песок со нов, односно поставени се 18 тони кварцен песок. Оваа инвестиција е вредна околу 11.000 евра и е на товар на Општина Делчево, а инвестицијата е локален придонес на Општина Делчево во рамките на големиот проект „Водоснабдување на Делчево“. За потребите на филтер-станицата се набавени и нови пумпи во вредност од 200.000 денари. Во претходниот период во партнерство со ЈПКД „Брегалница“ беше извршено чистење и санирање на бунарите за вода кои беа оставени на забот на времето, а беше инсталирана и нова дренажа со зафат на водата од река Ракитина во с. Разловци со што се реши хроничниот проблем со недоситигот со вода во селото Разловци кое вообичаено кулминира за време на летниот период, кога и потрошувачката на вода е поголема, рече Трајковски.

Зборувајќи за соработката со ЈКП „Брегалница“, Трајковски потенцираше дека се консолидира финансиското работење на претпријатието, и со домаќинско и одговорно работење долгот оставен на претпријатеието во висина од 8, 6 милиони денари, сега е намален за 6,5 милиони денари.

– По подолго време имаме инвестиции во машини и опрема во ЈКП „Брегалница“ вредни 14,8 милиони денари. Набавени се две машини ровокопач со приклучни уреди, ново товарно возило потребно за транспорт на луѓе и опрема при теренска работа, машина за чистење снег од тротоарите, машина за одржување зеленило, со донација е обезбедена машина за чистење и перење на канализацискиот систем. Едно комунално претпријатие за да биде вистински сервис на граѓаните и да ги решава проблемите ефективно и квалитетно, мора да инвестира во осовременување на машинско-возниот парк. Не може со  возила и машини стари и по неколку децении-да се нарекуваш сервис на граѓаните, затоа јакнење на капацитетите на претпријатието од сите аспекти и опрема и машини, но и човечки ресурси, за мене е приоритет, рече Трајковски.

Трајковски го спомена и хортикултурното уредување на градот, обновувањето на урбаната опрема, доуредување на паркот Езерце и ја ставивме во употреба фонтаната, но санирањето на градските чешми-фонтани.

Во врска со чистата животна средина истакна дека редовно со чистат дивите депонии, а Општината има организирано неколку екоакции во кои максимално се вклучија граѓаните и општинската админситрација.

-Како одговорна власт која сака и мора да ги следи светските трендови за почиста животна средина, посветени сме на максимално искористување на обновливите извори на енергија. Делчево, штеди енергија и работи за максимално искористување на обновливите извори на енергија. Во оваа смисла ќе потсетам дека успешно е реализиран партнерскиот проект со Благоевград за енергетски ефикасно јавно осветлување и Општина Делчево штеди енергија од уличното осветлување и до 70%, а од друга страна во оваа година за 20% го зголемивме бројот на електрични светилки во јавното осветлување. Делчево е осветлено како никогаш досега. Решивме стари проблеми и однесовме јавно улично осветлување, буквално, до секој дом, поставивме светилки на секоја улица, каде имаше и најмали услови тоа да се направи. Ги осветливме и населбите Басарица и Полето, по толку години. Ја заменивме старата дотраена електрична инсталација во старата општинска зграда. Поставени се фотоволтаични системи за производство на енергија на три јавни објекти и тоа: Спомен-домот „АСНОМ“-општинската административна зграда, ООУ „Св.Климент Охридски“ и ООУ „Ванчо Прке“ во Делчево, како дел од Програмата за подобрување на инфраструктурата во руралните средини, а во рамките на оваа Програма се реализира проектот „Проектирање и изведба на фотоволтаични системи во рурални општини“, рече Трајковски и додаде дека проблемите се решаваат плански и одговорно.

Трајковски истакна дека се преземаат низа мерки и за жителите кои живеат по руралните средини во општината.

– Како и минатата година и оваа година продолживме со прочистување на земјените патишта во селата, активност која беше заборавена од претходните локални власти. Успеваме две години по ред да извршиме  прочистување и порамнување на земјените коловози и  прочистиување на канавките за одводнување на локалните патишта во селата. Ова е значајна активност, ако се има предвид дека подрачјето на Општина Делчево е специфично и има населени места од разбиен тип, поради што е специфична и патната инфраструктура, рече Трајковски.

Прочитајте повеќе

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Кој ќе формира нова Влада по парламентарните избори 8 мај, беше главното прашање по кое …