Отворен ден на НАТО по повод 70 години од основањето на алијансата

По повод одбележување на Денот на НАТО, а во рамки на активностите од НАТО неделата, Министерството за одбрана и Армијата во соработка со Општина Прилеп, денеска пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ организираа Отворен ден за граѓаните на општина Прилеп.

Пред присутните претставници од општествениот и јавниот живот на градот, меѓу кои и градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски и други граѓани на Прилеп, свое обраќање имаше Бригадниот генерал Орце Јордев.

Генерал Јордев рече дека 70 годишнината од основањето на НАТО, е можност да се истакне и прослави нејзиното безвременско значење не само за нејзините земји членки, туку и за сите луѓе, држави и заедници кои веруваат во нејзината глобална улога како гарант на стабилноста и мирот.

„Процесите кои се отворија на почетокот на оваа година, претставуваат уште една потврда на намерата и посветеноста на нашата земја да продолжи да работи кон полноправното членство, како наша главна стратешка цел за која сум убеден дека ќе се оствари до крајот на оваа година. Нашата татковина нема друга алтернатива, освен членството во најмоќниот модерен систем за колективна безбедност. НАТО не е само сојуз на држави со заеднички вредносен систем кој се базира врз консензуално одлучување, туку и алијанса на целосно независни држави. Откако целта за членство во НАТО ќе се постигне, тоа веднаш ќе овозможи поставување нови цели, бидејќи членството открива нови можности и станува средство за нивна реализација“, истакна Бригадниот генерал Јордев.

На отворениот ден на НАТО, граѓаните проследија повеќе музички нумери и маршеви во изведба на воениот оркестар, додека припадниците на баталјонот за почести ја изведоа вежбата „Егзирцир“. Исто така, на денешниот Отворен ден пошироката јавност имаше можнот да се запознае со дел од вооружувањето и воената опрема на Армијата.

Истовремено, во соработка со Црвениот крст, во просториите на Центарот за култура беше организирана крводарителска акција, на која покрај припадниците на Армијата, се приклучија и повеќемина граѓани на Прилеп.

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …