Отворено писмо до Борче Јовчески, кандидат за градоначалник на Прилеп

Отворено писмо до Борче Јовчески, кандидат за градоначалник на Прилеп

Отворено писмо до кандидатот за градоначалник на општина Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Борче Јовчески

Почитуван докторе Јовчески,

Иако со спротивна партиска идеологија, на Вашата кандидатура за градоначалник гледав со извесна доза на симпатија и оптимизам.

Симпатија, затоа што мислев дека конечно, после долго време, Вашата партија во Прилеп кандидира човек со личен интегритет и дигнитет во локалната заедница.

Оптимизам, бидејќи се понадевав дека кандидатите на двата најголеми политички субјекта ќе покажат како се води и како изгледа една изборна кампања во нормална, демократска атмосфера. Кампања која ќе биде натпревар на програми и идеи, со максимална почит кон политичките конкуренти.

За жал, се излагав!

Знам дека вашата политичка неопитност и, во голема мера, досегашна незаинтересираност за општествено-политичкиот живот надвор од Вашата професионална ориентација, надвор од Вашата ординација, е Ваш огромен хендикеп во изборниот процес. Исто како што сум убеден дека Ви е кристално јасна Вашата инфериорност во однос на кандидатот на СДСМ и Коалицијата, Горан Сугарески, кога е во прашање политичката поткованост и искуство. Вие сте образован и интелигентен човек и можете точно да се позиционирате себеси во однос на другите кандидати. Впрочем, Вашето бегање од ТВ дуелите воопшто не е случајно, туку се должи токму на претходната констатација.

Почитуван докторе,

Не е страшно да се изгубат изборите. Оти, политиката и политичката кариера се менливи категории. Страшно е да се изгуби чоештилакот во себе. Да се стане заложник на личните интереси на еден тесен круг на луѓе од Вашето потесно опкружување, кои победата на локалните избори ја посакуваат многу повеќе од Вас. Не заради некаква идеологија или филантропија, туку заради чист прагматизам: да ги замешаат прстите во „медот“ и да загризат што поголемо парче од општинскиот буџетски колач.

Желбата за власт по секоја цена, ги заслепува сите оние кои политиката и градењето политичка кариера го засноваат на макијавелистичкиот принцип, дека целта ги оправдува средствата. Што може да е во позадина кога некој толку многу ја посакува власта, сега и веднаш, освен вулгарната желба за пари и моќ?

Оттаму, сосема ми е разбирливо нивното однесување и инсистирање, изборната кампања да ја сведат на дисквалификација на главниот политички конкурент и неговиот тим, преку ширење лаги, невистини и тешки клевети.

Еден од оние кои се „специјализирале“ за таа работа, е потпретседателот на Вашата партија и „експерт“ за сеење магла и ширење лажни вести, Александар Николоски. Фактот дека неговите изјави ги демантирале Обединетите нации, амбасадите на Чешка и Словачка и редица други меѓународни и домашни организации и институции, доволно кажува за каква личност станува збор.

Од таа причина, неговото синоќешно скандалозно интервју на ТВ „Канал 5“ и монструозните напади врз претседателот на прилепскиот Локален клуб на млади на СДММ, Александар Ѓорѓиоски, го надминуваат и највисокиот праг на толеранција, ги поминуваат сите црвени линии на човековото достоинство. Искажувањето на такви клевети, креирањето на онакви сценарија може да се родат само во нечиј болен ум. За секој здраворазумен, нормален човек, е незамисливо и недозволиво да се изврши брутален линч врз еден млад човек, кој штотуку зачекорил во политичките води.

Она кое што, почитуван докторе, го очекував од Вас после синоќешното вербално и гнасно „дивеење“ на Вашиот сопартиец, беше да излезете пред македонската јавност, да се оградите од искажаните клевети и да му дадете поддршка на младиот Ѓорѓиоски. Исто онака како што тоа го направи вашиот противкандидат Сугарески, тогаш кога лицето против кое МВР веќе поднесе кривична пријава, со најпогрдни и најморбидни навреди се нафрли врз Вас и Вашето семејство.

Моите и очекувањата на пошироката јавност, сепак, останаа само „пуста надеж“. Се надевам дека при носењето на одлуката да го одмолчите злосторството врз Ѓорѓиоски, го имавте предвид она што го кажал Мартин Лутер Кинг: дека, оној кој го прифаќа злото без да му се спротивстави, всушност соработува со него. Затоа, почитуван докторе, отсуството на Ваша реакција не Ве прави жртва, туку соучесник во злосторството.

На крајот на краиштата, не е ни толку многу важно името на следниот градоначалник на Прилеп, доколку во овој меѓупростор го посееме семето на злото. Општината, со еден или друг „татко“, ќе функционира со помалку или повеќе успех. Ама ќе функционира.

Она што е многу поважно, е дека на следните парламентарни избори, исто како и на тие после нив, Александар Николоски повторно ќе биде кандидат за пратеник, се’ додека не ги прошета сите 6 изборни единица во државава. Односно, се’ до моментот додека и последниот жител на нашата Македонија, не се увери во отсуството на елементарно чувство на чоештилак во оваа бедна креатура.

Ама затоа Вие, Александар Ѓорѓиоски, Сугаре, јас и огромното мнозинство граѓани на нашиот град, ќе останат да го „кинат“ својот животен век тука, во Прилеп. И без разлика на тоа кој на која позиција ќе биде, катадневно ќе се среќаваме низ прилепските улици.

Притоа, почитуван докторе Јовчески, ќе треба да се погледнеме во очи и еден на друг да си кажеме „добар ден“, без да имаме грижа на совест дека некогаш, некаде и за некаква цел, своја или туѓа, свесно сме се оцрнувале до степен на краен нечоештилак.

Останете во добро здравје!

 

Со почит,

Зоран Милошески

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …