ОВР Прилеп безбедносната состојба во Прилеп е стабилна

ОВР Прилеп: Зголемената ефикасност во расветлување на кривичните дела и намалената стапка на криминалитет, потврдуваат дека безбедносната состојба во Прилеп е стабилна

Информација за безбедносната состојба на подрачјето на ОВР Прилеп за периодот од 1 јануари до 31 мај 2022 година, која на 12-тата седница на Советот на општина Прилеп ја поднесоа Дарко Цуцулески, командир на Полициска станица од општа надлежност – Прилеп, Игор Каравилоски началник на ОВР-Прилеп и Емилија Велкоска, началник на Надворешна канцеларија за криминалистички работи – Прилеп.

Проценката за безбедносната состојба на едно подрачје се утврдува врз основа на соодветна методологија, со користење на различни извори на информации од полициското работење. При тоа се врши обработка и анализа на сите пријавени и регистирани кривични дела и прекршоци, статистички податоци од претходните периоди, информации од електронските бази на податоци на МВР и добиените оперативни информации од работата на терен, со што се добива реална слика за безбедносната состојба на тоа подрачје.

Врз основа на таквата методологија и анализа на сите информации и податоци со кои располагаат, Цуцулески, Велкоска и Каравилоски констатираа дека безбедносната состојба на подрачјето на ОВР – Прилеп е мирна и стабилна.

Во тој контекст, тие нагласија дека поединечни инциденти, настани или кривични дела не може да се користат како репер за давање квалификации за севкупната безбедносна состојба.

Постапувајќи согласно стратешките определби на МВР и преземените оперативно – тактички мерки и превентивни активности, работењето на ОВР-Прилеп во првите 5 месеци од тековната 2022 година резултираше со намалување на стапката на криминалитет, намалување на бројот на сообраќајни незгоди и постигнати одлични резултати во борбата со недозволената трговија и производство на наркотични дроги и прекурсори.

Во текот на извештајниот период, вкупниот број на извршени кривични дела на подрачјето на ОВР Прилеп бележи намалување за 10 % .

Според статистичките податоци, најголем број на кривични дела се евидентирани во областа на класичниот криминал, вкупно 436. Во областа на економскиот криминал евидентирани се 17 кривични дела, во организираниот 2, а во недозволената трговија 31 кривично дело.

Kако резултат на преземените активности на ОВР Прилеп, од вкупно евидентираните 349 кривични дела со НН сторител,  откриени се сторителите на  109 кривични дела, при што е остварена ефикасност од 28%.

Од областа на нарушување на јавниот ред и мир, констатирани се 37 прекршоци, а врз основа на законските овластувања ОВР Прилеп поднесе 35 барања за поведување на прекршочна постапка.

Во споредба со истиот период од претходната година, бројот на сообраќајни незгоди бележи намалување за 15 %, додека бројот на сообраќајни незгоди со загинати лица е намален за 25%.  Преземените мерки на сообраќајната полиција по однос на потешките прекршоци зголемени се за 88%. Во областа на сообраќајот констатирани се 3.687 прекршоци, а поднесени се 1.079 барања за поведување на прекршочна постапка.

Намалување од 8% бележат и евидентираните кривични дела во областа на класичниот криминал. Споредбено со истиот период од минатата година, за 6% е намален бројот на сторители, а за 12% бројот на поднесени кривични пријави. Евидентирани се 436 кривични дела, за коишто до Основните јавни обвинителства се поднесени 135 кривични пријави против правни и 157 против физички лица.

Од вкупниот број на кривични дела од општ криминал, 90 се извршени од познат, а 346 од непознат сторител. Откриени се сторителите на 109 кривични дела, со што е постигната ефикасност во расветлувањето од 30%.

Во однос на структурата на сторителите, како повторници во вршењето на кривични дела регистрирани се 38 лица, додека како сторители малолетници и деца, регистрирани се 6 лица кои извршиле вкупно 3 кривични дела.

Во изминатиот петмесечен период, најзастапени, вкупно 285, се кривичните дела „Тешка кражба“. Од вкупно извршените 284 кривични дела од НН сторител, расветлени се 79, при што е постигната ефикасност во расветлувањето од 28%.

Во текот на извештајниот период, ОВР Прилеп откри и документира правни настани од областа на економски криминал и во таа насока до Основното јавно обвинителство поднесе 9 кривични пријави против 19 сторители, за сторени 17 кривични дела.

Евидентирано е 31 кривично дело од недозволена трговија со дрога и оружје. До надлежното ОЈО поднесени се 26 кривични пријави против 31 сторител.

Од почетокот на оваа година а заклучно со 31 мај, против 27 сторители ОВР Прилеп поднесе 21 кривична пријава, за сторени 26 кривични дела од областа недозволена трговија со дрога.

Што се однесува до состојбите со јавниот ред и мир, евидентирани се вкупно 64 прекршоци и поднесени се 47 барања за поведување на прекршочна постапка против 47 сторители.

Според видот на прекршоците, најзастапени се физичките напади, учество во тепачка, оддавање на пијанство на јавно место, како и омаловажување на полициски и други службени лица.

Вкупниот број на сообраќајни незгоди за периодот од 1 јануари до 31 мај 2022 година бележи намалување за 15%,, а за 25% е намален и бројот на лица загинати во сообраќајни незгоди.

Како најчести причини за сообраќајни незгоди се јавуваат недржењето страна и правец на движење, брзо возење, возење од дејство на алкохол, непочитување на црвено светло на семафор и неотстапување на првенство на минување.

По однос на нелегалната сеча на дрва и транспорт на дрвна маса, на подрачјето на ОВР Прилеп извршени се вкупно  100  акциски контроли и 2.226  редовни контроли, при што се одземени 37,9 и пронајдени 98,24метри кубни огревни дрва, за што против 5 сторители се поднесени се 4 кривични пријави за сторени 7 кривични дела.

По основ „Tешка кражба“, „Примање на поткуп“, „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Tешка телесна повреда со последица смрт“, „Напад на ОСЛ“ и „Насилство“, на 15 лица изречени им се 7 мерки притвор во траење од по 30 дена.

Она што исто така треба да се истакне е дека, покрај редовните активности од делокругот на нивното работење, после 60 години од изградбата, во текот на минатата година  беше извршена целосна реконструкција на објектот на ОВР – Прилеп, со што значително се подобрени условите за работа на полициските службеници во насока на понатамошно унапредување на постигнатите резултати.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …