Прес-конференција на Зоран Пачешкоски, претседател на ОО на СДСМ Прилеп
Почитувани,
Повеќе од 500 дена прилепчани чекаат проектите на градоначалникот Борче Јовчески ветени во неговата изборна програма, да го здогледаат светлото на денот.
Наместо тоа, Јовчески и директорите на јавните претпријатија на граѓаните им го испорачаа она што не го ветија: повисоки сметки за комунални услуги, поскап паркинг и градски превоз, урбанистичко дивеење и, во најава, повисок данок на имот.
Но, очигледно дека сето тоа било вовед во најголемата лага и манипулација која еден градоначалник може да им ја приреди на своите сограѓани.
Имено, за изградба на кружен тек и две улици, градоначалникот Јовчески ќе ги задолжи прилепчани со 5 милиони евра. Сума, која заедно со високите камати и другите „непланирани трошоци“ карактеристични за „градежниците“ од ВМРО-ДПМНЕ, со сигурност ќе надмине 7.5 милиони евра.
Градоначалникот Јовчески треба на прилепчани да им каже, на која страна од изборната програма пишува дека кружни текови и улици ќе гради со издавање обврзници и со огромни финансиски задолжувања?
Зошто како секој одговорен градоначалник, за финансирање на проектите не ги користи домашните и странски фондови и фондации?
Зошто, како прв човек на Општина Прилеп, со проекти не аплицира во владините институции?
Почитувани,
За надалеку познатата неспособност на Борче Јовчески имаме разбирање, ама не и за неговата неодговорност.
Издавањето обврзници значи големо финансиско задолжување на Општината. И на студентите од прва година на Економските факултети им е познато дека задолжувањето со обврзници има смисла само доколку средствата се наменети за инвестиции кои во иднина ќе и’ носат приход на општината.
Ако е така, а така е, тогаш по која економска логика, на кој начин кружниот тек и двете улици ќе ги вратат инвестираните средства?
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија недвосмислено стои на ставот дека на Прилеп му се потребни инвестиции во нови инфраструктурни објекти, во изградба на нови улици и во реконструкција на постоечките. Но не со задолжувања преку грбот на граѓаните, туку со користење на средства од општинскиот буџет и од буџетите на многуте домашни и странски фондови предвидени за таа намена.
Од тие причини, апелираме до градоначалникот Јовчески да покаже разум и да ја повлече од дневниот ред на седницата на општинскиот Совет предлог Одлуката за задолжување на Општина Прилеп преку издавање на обврзници.
Само на тој начин ќе покаже одговорност за функцијата која ја извршува и разбирање за состојбата во која, со евентуалното задолжување, би ги довел своите сограѓани.