Темелната и етапна реформа во образованието што ја спроведуваме во изминатите години има за цел да придонесе учениците да стекнуваат применливи знаења, да научат критички да мислат и да решаваат проблеми и подготвено да влегуваат во секој следен степен – од основното до високото образование.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири во своето воведно обраќање на панел-дискусијата Младински перспективи: Подобрување на квалитетот на македонското образование преку интеграцијата во ЕУ. Панел-дискусијата е дел од серијата настани во рамки на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“ чија цел е да ги истакне придобивките од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, како и подобро разбирање на реформите врзани со евроинтеграциите и приближување на европските вредности.
„Наставните програми што ги воведуваме поттикнуваат глобална свест, промовираат еднаквост, интеркултурализам и активно граѓанство, а практичното доближување до европските вредности се реализира преку програмата Еразмус+ и проектите во рамки на транснационалната размена на искуства, во кои и основните училишта имаат можност да се вклучат“, рече министерот Шаќири. Тој додаде дека исклучително успешна европско-македонска приказна е дуалното образование што се спроведува со поддршка на земји-членки на ЕУ, а кое овозможува стекнување на употребливи знаења, вештини и способности што ги прави средношколците баран кадар од домашните, но и од интернационалните компании во зоните, иако, со подеднаква успешност, можат и да продолжат со академско образование.
Директорот на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски во детали ги претстави можностите што им стојат на располагање на македонските ученици и студенти преку програмата Еразмус+, споделувајќи го податокот дека само во 2022 година дури 10.050 учесници од земјава биле дел од оваа најголемата образовна програма на Европската Унија.
„Од друга страна 26 проекти за младинска размена, за младинска мобилност, за размена на младински работници се реализирани 2022 година, во што се вклучени преку 100 македонски организации. Тоа навистина се бројки каде ги поттикнуваме младите не само на формалното образование , како студенти и ученици, туку и во делот на неформалното образование, бидејќи ако споменете дека Еразмус за некој е млад, тоа значи младинска размена, тоа значи да се поминат 7 до 14 дена некаде надвор за да можете да го подобрите вашето неформално образование“, рече Ѓоргиевски.
Ѓорги Тасев, советник за млади на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија на панелот ги претстави клучните политики што земјава треба да ги имплементира за да го подобри учеството на младите и нивниот образовен и професионален развој дома и како младите се вклучени во процесот на интеграција во ЕУ.
„Учеството на младите во креирање политики ќе расте уште повеќе во иднина со отворањето на европските перспективи, на тоа сите мораме да работиме. Освен вклучување на младите на општествено ниво, треба да имаме вклучување на младите и на политичко ниво, затоа што мораме да имаме и млади лидери, па нека се и политичари коишто ќе знаат да направат промена. Како Влада и како учесници во повеќе процеси за млади, младите ги земаме како сериозни партнери и сакаме да ја користиме таа нивна енергија и визија којашто ќе ја унапредат позицијата на државата“, истакна Тасев.
Ставовите на студентите од најголемиот универзитет во земјава „Св. Кирил и Методиј“, на панел-дискусијата ги претстави Давид Дамјаноски, претседател на Комисијата за надворешна соработка при Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
„Мобилностите кои се одвиваат преку Националната агенција се одлична можност за да видиме што се има надвор и што може да примениме дома. Сум бил на неколку такви и јас и можам да заклучам дека навистина се одличен чекор во стратегијата на државата и се одлична шанса која ЕУ ја пружи на нашата држава. Зошто младите сакаат да студираат надвор од државата? -Факултетите таму се претставени како нешто што, можеби не утопија, но како средина каде што еден млад човек може да просперира, за разлика од кај нас тоа нешто недостасува. Ние сме генерации кои што сме пораснале, а тие што идат после нас уште од раѓање се дел од дигиталниот свет“, рече Дамјаноски.
За младинскиот активизам и како интеграцијата во ЕУ влијае на афирмација на младите во општеството зборуваше Благица Ефтимова, проектна менаџерка и координаторка во ЦЕТ Платформа – дел од мрежата присутна во земји-членки на ЕУ и од регионот чиј фокус е развој на граѓанското општество, демократските институции, граѓанските вредности и неформалното образование за сите граѓани, а особено за младите на локално, но и на европско ниво.
„Треба да воведеме иновативни методи и да ги поврземе образовните програми со цел коишто ќе одговараат на потребите на пазарот на труд и со нивните потреби да ги развиеме капацитетите на младите и нивните вештини, за подоцна тие да бидат конкурентни на глобално ниво. Ако ги земеме предвид образовниот европски систем, можеме многу брзо да го подобриме квалитетот на нашето образование. Ние имаме капацитети со неформални организации со невладини организации, непрофитни организации но ни недостига формалниот дел. Финска пример не се фокусира само на академските резултати, туку се фокусира и на креативниот размислување , критичкото мислење, тимската работа и неформалното образование“, нагласи Ефтимова.