„Панорама“ и’ намигнува на „Белата палата“

„Панорама“ и’ намигнува на „Белата палата“

Пишува: Зоран Милошески

Како граѓани, независно од националната, верската или партиската припадност, ако од нешто не смееме да се пожалиме, тоа е дека на нашата политичка сцена никогаш не е досадно. Било да станува збор за случувања во Собранието, во зградата на „Илинденска“ или пак во партиите, збиднувањата се престигнуваат едно со друго.

Од вчера па „надаље“, на подолг рок, во епицентарот на нашето внимание ќе бидат случките во ВМРО-ДПМНЕ. Воведот во папазјанијата наречена „партиски конгрес“ ветува филмски заплет, чиј епилог тешко може да се претпостави.

Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес, во кој членуваат поранешни високи функционери и сегашни истакнати членови на партијата, за 28 март го закажа вонредниот конгрес на ДПМНЕ, со две главни точки на дневниот ред: Отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател Христијан Мицкоски и гласање за негова доверба. Членовите на Одборот сметаат дека е недозволиво после неколкуте последователни изборни порази, претседателот да не свика конгрес на кој ќе ги објасни причините за падот на партијата и катастрофалниот рејтинг.

Од Одборот велат дека после неколкумесечна интензивна работа, успеале да обезбедат поддршка и потписи од големото мнозинство на делегати кои учествуваа во изборот на актуелниот претседател Мицкоски. Покрај останатото, и Иницијативниот одбор, и делегатите, на пуленот на Грујо му замеруваат дека не го исполнил даденото ветување за враќање на партијата на победничките патеки, ниту пак успеал да ги зголеми капацитетите за коалицирање и за обезбедување меѓународна поддршка.

Во исто време, пак, ЦК на ВМРО-ДПМНЕ одржа итна седница на која донесе одлука за одржување редовен конгрес во ноември, а иницијативата за вонреден конгрес, беше наречена „добра прилика за прочистување на партиските редови“.

Доколку и на дело се потврди дека „иницијаторите“ ја имаат поддршката од повеќе од половината делегати, а имајќи ја во предвид нивната решеноста да ја туркаат работата до крај, тогаш ситуацијата во многу што потсетува на случувањата во скопскиот хотел „Панорама“, од не толку далечната 2004 година.

Oние кои го подзаборавиле настанот или кои во тоа време биле премлади за тој нешто да им значи, ќе ги потсетиме дека по загинувањето на претседателот Борис Трајковски и предвремените избори за шеф на државата во 2004 година, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Сашко Кедев ја загуби битката од Бранко Црвенковски. Тоа беше причина за раскол во партијата, кој кулминираше со случувањата во хотелот „Панорама“.

Еден месец по вонредните претседателски избори, во мај 2004 година, на паркингот пред хотелот во кој се одржуваше седница на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, се собраа неколку стотици вооружени членови на партијата со барање седницата да биде прекината, а раководството да поднесе оставка.

Во крајно тензична атмосфера, во која во воздухот се чувствуваше мирисот на барутот, после серија инциденти, приврзаниците на Љубчо Георгиевски и Љубе Бошковски сепак не успеаја да ја остварат целта. Или, барем во тој момент така се чинеше, бидејќи резултатот од опсадата на „Панорама“ дојде недолго после тоа. Имено, од 33-те пратеници колку што ДПМНЕ во тој момент имаше во македонското Собрание, само десетина му останаа верни на Груевски. Сите останати заминаа во новоформираните ВМРО НП на Љубчо Георгиевски и Земјоделската партија на Марјан Ѓорчев, противкандидатот на Груевски на конгресот за избор на партиски претседател, кој една година претходно се одржа во Охрид.

Она што денес се случува во најголемата опозициска партија, ги има сите показатели кои навестуваат дека „Панорама“ срамежливо и’ намигнува на „Белата палата“.

Иако актуелното раководство на партијата се обидува да го минимизира значењето на закажаниот вонреден конгрес, јасно е дека реалната слика е малку поинаква. Оти, во Иницијативниот одбор има искусни партиски „волци“, кои зад себе имаат прилична партиска и општествена километража – поранешни пратеници, министри, градоначалници и бројни вршители на високи партиски функции. На таа листа треба да се придодадат имињата на десетици други екс-функционери, кои во последните неколку години беа исклучени од партијата, или пак самоиницијативно се пасивизираа. Дополнително, воопшто не е за потценување бројката на актуелни пратеници и членови на највисоките партиски органи и тела, кои од „сенка“ ја чекаат можноста да му ја покажат на Мицко излезната врата.

Сосема е извесно дека марионетата на унгарскиот бегалец нема да се предаде без борба. Дека ќе ги искористи сите методи на неговиот претходник, кои ќе му дадат „ветер во грб“ во напорите да се извлече од кашата во која западна. Притоа, не постои сомнеж дека од Будимпешта ќе доаѓа логистичка и секаква друга помош, која ќе придонесе за пролонгирање на извесното заминување на Мицко од партиската фотелја. Бидејќи, инвестирајќи во него, Грујо, всушност, инвестира во себе.

Како и да е, сагата околу борбата за превласт во ДПМНЕ, само што започна. Филмот кој ќе го гледаме ќе биде компилација на трилер, хорор, комедија и акција. Што ќе рече, возбудлив за гледање.

Каде е во сето ова Заев?

Без разлика што мицковци хистерично се обидуваат да спинуваат дека зад Иницијативниот одбор стои Заев, не постои никаква дилема дека „симпатиите“ на премиерот се на страната на Мицкоски. Од едноставна причина што, власт која има ваква опозиција, не треба да се плаши за својата иднина!

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …