Пауза за вакцинацијата со АстраЗенека во уште две европски земји

Пауза за вакцинацијата со АстраЗенека во уште две европски земји

Холандија и Ирска им се приклучија на редица други држави кои со сличен чекор реагираа на извештаите за појави на згрутчување на крвта по примањето на вакцината. АстраЗенека пак децидна: нема докази за зголемен ризик.

Холандија од претпазливост ќе запре со употребата на вакцината од  британско-шведската фармацевтска компанија АстраЗенека против Ковид-19, барем до 29 март, соопшти денеска холандската влада.

Потегот кој следи, е заснован на „новите информации“  за можни сериозни несакани ефекти,  соопшти во раните утрински часови министерот за здравство на Холандија, Уго де Јонг.

Тој се осврна на извештаите за шест случаи на можни несакани ефекти во Данска и во Норвешка викендов. Според министерот, во Холандија досега не се пријавени случаи на сериозни несакани ефекти. „Ние секогаш мора да играме на сигурно“, рече министерот. „Па затоа е паметно сега да го притиснете копчето за пауза“.

Властите на Ирска пак, вчера соопштија дека ја донеле одлука за стопирање на вакцинирањето со АстраЗенека по препорака на Советодавниот комитет за имунизација, по извештајот дека вакцинирани лица во Норвешка имале сериозни здравствени проблеми поради згрутчување на крвта.

Одлуката да запре со вакцинината која АстраЗенека ја разви со Универзитетот Оксфорд е донесена поради претпазливост, изјави ирскиот министер за здравство, Стивен Донели.

Употребата на вакцината на АстраЗенека досега ја запреа Данска, Исланд, Норвешка, Хрватска и Бугарија, додека Италија и Австрија запреа со користење на одредена серија од вакцината, по смртни исходи и појавата на сериозни тегоби кај луѓе кои ја примиле.

Во Ирска досега се дадени над 110.000 дози од оваа вакцина, а во Велика Британија над 11 милиони.

СЗО наведе дека не постои поврзаност меѓу примањето на вакцината на АстраЗенека и зголемениот ризик од создавање згрутчување на крвта и оти државите не треба да запрат со нејзина употреба.

АстраЗенека соопшти дека со анализата на податоци за над 17 милиони дадени дози од нејзината вакцина во Велика Британија и во ЕУ е утврдено дека нема докази за зголемен ризик од несакани здравствени последици.

„Внимателниот преглед на сите достапни податоци за безбедност на над 17 милиони луѓе вакцинирани во ЕУ и во Велика Британија со вакцината на АстраЗенека не покажа докази за зголемен ризик од белодробна емболија, длабока венска тромбоза или тромбоцитопенија во која било дефинирана старосна група, пол, група или во која било одредена земја“, се наведува во соопштението.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Светските лидери го осудија големиот ирански напад врз Израел, а многу Иранци се загрижени дека …