Не може цената за 24 часа да порасне за 20 отсто, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи и најавува дека ќе бидат преземени мерки против компаниите кои енормно ги зголемија цените изминатите денови.
Државниот пазарен инспекторат излегува на терен по укажувањата дека некои од трговците ја злоупотребуваат економската криза и одмрзнувањето на цените, па за само неколку дена прекумерно ги зголемија цените на дел од производите. Директорката на пазарниот инспекторат, Анета Симеска Димоска за ДВ вели дека контролите ќе траат подолг период со цел да се утврди дали има прекршувања на законските одредби.
„Целта е да извршиме контроли дали цените на производите се утврдени согласно Правилникот за водење на евиденција во трговијата на големо и мало или има отстапувања“, вели Димоска. Ќе се врши проверка каква била маржата на 31 мај, а колкава е сега, откако престанаа да важат времените антикризни мерки, коишто што беа на сила изминатите три месеци.
Ако не се почитуваат пропишаните цени, ако трговците не водат евиденција согласно Правилникот, предвидени се парични казни од 800 евра па нагоре, во зависност од големината на субјектот.
Злоупотреби на терен
Најголем скок на цените има кај основните прехранбени производи, па така зејтинот од 135 денари, достигна рекордна цена од над 160 денари. Кај лебот има поскапување од 6 денари па нагоре – промени на цените се забележуваат кај речиси сите производи. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, најави дека државата ќе го вклучи заштитниот механизам против вакви злоупотреби. „Со особено внимание следиме што се случува овие три дена на слободниот пазар. Одредени компании се однесуваат некоректно, неетички и неморално кон зголемување на цените. Тоа набрзо ќе наиде на одговор од страна на институциите“, вели вицепремиерот и додава:
„Не можеме да прифатиме дека цена, за 24 часа може да порасне за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне 20 отсто за 24 часа. Сметам дека тоа е само манипулација која што ја прават кон нашите граѓани и за тоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби“. Тој очекува наскоро да добие извештај од инспекторите со мерки за сите коишто не ги почитуваат препораките.
Битиќи присуствуваше на отворање на Саем за вработување и кариера во седиштето на Младинскиот ресурсен центар „I Can“ во Гостивар, при што најави дека Владата планови нови антикризни мерки за што се предвидени финансиски средства со ребалансот во висина од 73 милиони евра.
„Веќе ги правиме сите анализи, штом се изгласа ребалансот сметам дека ќе бидат донесени, но антикризните мерки нема да бидат мерки коишто се сè опфатни. Мора да бидат таргетирани за специфични целни групи коишто се најзагрозени и компании коишто се најзагрозен“, вели Битиќи.
Извор: DW